Руската Амбасада во Скопје денеска преку соопштение ги отфрли како неосновани и ги смета за недозволиви тврдењата на премиерот Зоран Заев дека Руската Федерација наводно била вмешана во обиди за „ликвидација“ и подготвувала такви акции против него, јавува МИА.
„Во Русија секогаш внимателно ги следат јавните изјави на високи функционери на други држави, особено оние што ги засегаат односите со нашата земја. Секако, не остана незабележано и неодамнешното интервју на Претседателот на Владата на Република Македонија за црногорското радио „Антена-М“ од 5 ноември оваа година. Со зачуденост и загриженост истакнуваме дека во тоа интервју, во контекстот на минатогодишните настани во Црна Гора, шефот на македонската влада, повикувајќи се на некои „репорти“ и „аналитичари“, намерно или не, ја претстави ситуацијата на тој начин дека Руската Федерација наводно била вмешана во обиди за „ликвидација“ и подготвувала такви акции против самиот господин Зоран Заев. Категорично изјавуваме дека ваквите тврдења се необосновани и ги сметаме за недозволиви“, се наведува во реакцијата.
Воедно, од Амбасадата оценуват дека таквите тврдења нанесуваат штета на односите меѓу двете земји.
„Со жалење констатираме дека истите ја уриваат атмосферата на доверба меѓу нашите две земји и нанесуваат штета на повеќегодишната заемно полезна соработка и се косат со декларираната подготвеност на Скопје за градење на конструктивна соработка со Русија, желба за развој на пријателските односи меѓу две наши земји“, стои во соопштението од Руската амбасада.
извор:МИА
Содржините кои ЦИВИЛ ги презема од други извори не подлежат на лиценцата Creative Commons 1.0, инаку вообичаена за содржините кои ги објавува оваа медиумска платформа. Ве молиме, консултирајте се со изворот за преземање на таквите содржини.