Комисија на УНЕСКО составена од меѓународни експерти од денеска е во работна посета на Охрид. Како што беше најавено претходно, комисијата требаше да дојде во Македонија во текот на февруари-март, но поради други ангажмани, посетата беше одложена за денеска.
Посетата на УНЕСКО е поради плановите за изградба на ски-центар на Галичица, патот А3, автопатот А2, Железничкиот коридор 8 и поради плановите за изградба на хотел во заштитениот зелен појас во населбата Лагадин.
Овие владини проекти претставуваат опасност Охридскиот регион да се најде на листата на УНЕСКО – „Светско наследство во опасност“.
Меѓународните експерти заедно со домашните стручњаци од повеќе области – хидрологија, екологија, одржлив развој, заштита на природното и на културно наследство, наредните месеци ќе вршат целосно испитување на Охридското Езеро и регионот на Охрид.
На последниот Комитет за светско наследство во Истанбул, УНЕСКО изрази сериозна загриженост за иднината на регионот на Охрид, поради бројните инфраструктурни проекти кои беа предложени.
Последниот мониторнинг на УНЕСКО беше пред неколку години, кога се вршеше детален увид на Плаошник, по што беше констатирано дека проектите не ги нарушуваат УНЕСКО стандардите.