Categories

КОХАБИТАЦИЈА Владата и Иванов ќе кршат копја и околу Уставниот суд?

Уставниот суд наскоро ќе добие тројца нови судии. Поради истекување на мандатот, ќе се изберат тројца судии кои ќе ги заменат судијките Наташа Габер Дамјановска и Гзиме Старова, чиј мандат завршува на 7 октомври и судијата Исмаил Дарлишта, чиј мандат заврши на 31 јули.

Како што пишува порталот „Сведок“, предлогот за избор на новите судии ќе биде првиот тест за кохабитацијата меѓу новата власт на СДСМ и претседателот Ѓорѓе Иванов.

Доколку се следи парламентарната динамика, кандидат за местото на судијата Исмаил Дарлишта може да се предложи и избере со договор меѓу СДСМ и ДУИ, но за местата на Габер и Старова, предлози треба да даде Иванов. Пратениците можат да ги одбијат предлозите на претседателот, без образложенија, и тоа – повеќе пати.

Професорките Гзиме Старова и Наташа Габер Дамјановска беа избрани во 2008 година, на предлог на поранешниот претседател Бранко Црвенковски. Со завршувањето на мандатот на овие две судијки, се доведува во прашање и можноста за нов (дис)баланс во Уставниот суд, кој досега сите одлуки ги носеше со „едногласно“ мнозинство од 5 судии (5:4), кои отфрлија многу иницијативи за многу сериозни прашања.

За да работи полновжно, Уставниот суд мора да има најмалку 6 судии, бројка која засега е фиксна, но работата со една третина судии помалку, отвора бројни прашања, а тешко е замисливо дека е остварливо до локалните избори да се пополнат трите судиски места.

Меѓу иницијативите кои судиите од Уставниот суд ги држат со години во фиока е и таа за судбината на СЈО, односно, дали е уставно Специјалното јавно обвинителство.

Со завршување на функциите во  Уставниот суд, само професорката Гзиме Старова исполнува услови за пензија, додека Дарлишта и Габер имаат простор за натамошна работа.

Мандатот на судиите на Уставниот суд е ограничен на 9 години, еден мандат без право на повторен избор.

 

 

Print Friendly, PDF & Email