Доцна вечерта, на 4 октомври, ВМРО-ДПМНЕ реагираше на одлуката на Владата, по предлог од Министерството за култура, да ја укине наградата „23 Октомври“.
Го пренесуваме соопштението на партијата во целост.
„Недолично и срамно е Министерството за култура за својата неодговорност и непочитување на законските прописи, вината да ја префрлува на политичка партија. ВМРО-ДПМНЕ нема апсолутно никаква допирна точка со државната награда ’23 октомври’, за сите државни награди се одговорни Владата и министерствата. Министерството за култура имаше можност од 30 мај до август 2017 година, да поднесе барање до Комисијата за избори и именувања во Собранието на Република Македонија за именување на нов состав на Одборот.
Алаѓозовски и Министерството за култура после 2 ипол месеца и после распишување на локалните избори, доставуваат предлог до Собранието, односно до Комисијата за именување. На тој начин, свесно го кршат законскиот рок и свесно ја укинуваат државната награда ’23 октомври’, за што, нема потреба да се консултираат со Министерството за правда и со ДИК. Во Министерството за култура треба да се запознаени дека Собранието не припаѓа на една политичка партија и за нивната неажурност да обвинуваат политички партии. Комисијата за именување во Собранието не е лична своина на ВМРО-ДПМНЕ, тое е комисија во која има пратеници од сите политички партии. Државната награда ’23 Октомври’ во изминативе години е доделена на повеќе од 30 историчари, актери, писатели, ликовни уметници, филозофи и фолклористи. Луѓе кои твореле во Македонија и кои дале посебен допринос во своите области.
Амнимозитетот на Министерството и Владата кон ’23 октомври’, како симбол на македонската борба, не може да биде изговор за негрижата на македонските автори и уметници“, се вели во соопштението на ВМРО-ДПМНЕ.