Претседателот на Владата на Република Македонија, Зоран Заев, од 17 до 23 септември, ќе присуствува на Генералната дебата на Генералното Собрание на Обединетите нации, кое оваа година се одржува по 72 пат, во седиштето на ОН во Њујорк, САД.
Премиерот Заев, за време на оваа работна посета на ОН и на САД, ќе биде придружуван од висока владина делегација, во која ќе бидат Министерот за надворешни работи, Никола Димитров и Министерот без ресор, задолжен за дијаспората, Едмонд Адеми.
Заев, ќе присуствува на свеченото отворање на работата на Генералното Собрание на 19 септември, и ќе има свое обраќање на пленумот на Генералната дебата на 22 септември. Заев ќе настапи со свое излагање на тематската конференција „Отворено владино партнерство“, и ќе учествува во работата и на други тематски панели за време на овој светски собир на претседатели на држави и шефови на влади, со кои ќе претседаваат Претседателот на Франција Емануел Макрон, потпретседателот на САД Мајк Пенс, Министерот за надворешни работи на Обединетото Кралство, Борис Џонсон и Министерот за надворешни работи на Холандија, Берт Коендерс.
Планирана е и работна средба со Генералниот секретар на ОН, Антонио Гутереш, како и повеќе други билатерални средби со премиерката на Норвешка и премиерите на Малта и Белгија, како и средби со Претседателот на Европскиот Совет, Доналд Туск, со Високата претставничка за надворешна политика и безбедност на Европската Унија, Федерика Могерини, и со комесарот за проширување на ЕУ, Јоханес Хан.
За време на одржувањето на 72. Генерално собрание на ОН, Министерот за надворешни работи Никола Димитров, ќе има билатерални средби со министрите за надворешни работи на земји членки на ЕУ (Ирска, Естонија), со шефовите на диполматиите на Канада и Индонезија, како и со претставници на министерството на Мексико и на Стејт Департментот на САД. Министерот Димитров ќе оствари средба и со Генералниот секретар на ОБСЕ, Томас Гремингер, и ќе учествува во работата на повеќе панели и различни иницијативи во организација на ОН, Обединетото Кралство, Франција и Италија.
Министерот Никола Димитров ќе има работни средби и со министрите за надворешни работи на земјите членки на Јадранската повелба (А5), иницијатива со која оваа година претседава Република Македонија.
Министерот без ресор задолжен за дијаспората Едмонд Адеми, ќе има средби и состаноци со повеќе организации и поединци од дијаспората на Република Македонија во САД, на кои ќе се разгледаат можностите за културна и економска соработка, како и за поддршка на различни иницијативи од интерес на нашите иселеници во оваа земја. Министерот Адеми ќе учествува и на панели на високо ниво во рамките на програмата на Генералното собрание на ОН, а ќе земе учество во Глобалниот економски форум на Блумберг.