ДЕХРАН МУРАТОВ
Премиерот Мицкоски со тешко срце се заколнал во „Северна“ и уште од првиот ден не се одлепи од „општинската лопата“
Со заклетва на уставното име, Христијан Мицкоски го започна четиригодишниот мандат – „Ќе ги почитувам Уставот и законите на Република Северна Македонија“, иако во предизборната трка се колнеше во „мандатот“ дека никогаш нема да ја изговори придавката „Северна“, ама, откако седна на премиерската фотеља, сепак за доброто на граѓаните почна да ја користи таа „срамна“ придавка во официлајни посети и настани иако го „боли и пече“.
Премиерското место го презеде на 24 јуни 2024 година од технички премиер Талат Џафери со кого си подадоа рака, но средбата продолжи зад затворени врати. Откако набрзина го сркна првото премиерско кафе, веднаш кинисал кон Штип за да ја фрли првата премиерска лопата на камен-темелник за изградба на Спортски центар, чиј инвеститор е Општина Штип.
Фрлањето лопати на камен темелници за изградба на некој објект во некоја вмровска општина стана редовна практика.
Деновите кога немаше „набиена агенда“ да фрла лопати за изградба на некој општински тековен проект, ПР службите му организираа на пример средба со министерот за внатрешни работи во која разговараа за борба против криминалот и безбедноста на граѓаните. Таа пракса за „средба“ стана уште поатрактивна кога се споделуваа фотографии и соопштенија дека „министерот остварил средба со заменик министерот“.
Да се чудиш.
Но, уште позачудувачко е тоа што цела ПР служба се ангажира за да се направи видео најава за гостувањето на премиерот на некој „поткаст“.
А, кога имал (слободно) време Премиерот посетувал цркви и манастири, можеби да покаже дека е голем верник (Христијанин).
Мицкоски гради имиџ на неподмитлив премиер, додека пропадна проектот за Коридорот 8
Премиерот Христијан Мицкоски истакна дека имало обид врз него за поткуп за Коридорот 8, за како претседател на Владата да ја прифати тендерската документација за пругата кон Бугарија.
„Лично кажувам, пред целата македонска јавност, дека за Коридорот 8, секцијата 3, пругата, врз мене имаше обид да ми биде понуден поткуп со што јас како премиер би потпишал прифаќање на оваа тендерска документација што истекува на 17 септември. Затоа кажав дека се додека сум премиер, нема да го прифатам овој тендер“, рече Мицкоски.
Мицкоски додаде дека за обидот за поткуп се информирани сите надлежни институции. Меѓутоа, институциите немаат никаква информација, освен некое штуро образложение од МВР дека работат на случајот.
Новинарот и уредник Зоран Иванов пишува дека обид за поткуп на премиер и тоа за зделка од скоро или за повеќе од пола милијарда евра е коруптивен случај од планетарни размери и ќе треба премиерот бргу, директно и планетарно и да ги одговори и да ги објасни петте клучни прашања за јавноста и за правосудството, да ги понуди фактите за тоа кој тоа, кога, каде, како и што тоа му нудел и директно ли, посредно ли, поединец ли, група ли, мафија ли или компанија, овдешни се или се странски поткупувачите, да појасни што тоа му било нудено, пари ли, островче ли, ролекс можеби.
„Зошто баш нему кога за толкава сума во крајна истанца не решава владата туку парламентот и, ете, се собра купче прашања како последица на едно пред тв камери атрактивно премиерско казание па сега, ако си нема друга работа, нека и’ објаснува на јавноста и нека им одговара на институциите, ако вториве воопшто ги има и, оттука, што и да било, како и да било, зошто баш нему, на Мицкоски, и кој тоа, кога, каде, како и што тоа му нудел – приказна ќе има“, пишува Иванов.
На истекот од 100 дена Влада, министерот за транспорт и врски Александар Николовски обелодени дека пропадна тендерот за пругата кон Бугарија. Официјална одлука за ова нема, но министерот за транспорт Николовски во интервју на 360 степени соопшти дека ги повлекол членовите од Комисијата за евалуација, која всушност треба да ги разгледа понудите, па на тој начин повикот ќе пропадне. Николовски во интервјуто зборува дека проектот е прескап, а всушност не станува збор за брза пруга. За него е чудно и тоа што на повикот не се пријавила ниту една германска или француска фирма. Понуда доставиле шест турски и една грчка компанија.
Дали со прикаската за „непоткупливост“ всушност власта предводена од Мицкоски од ВМРО-ДПМНЕ спремаше терен да информира дека проектот Коридор 8 кон Бугарија ќе пропадне, или дека ќе биде ставен на мирување. Или народски кажано уште една пречка за продлабочување на спорот со Бугарија.
„Шоферот“ Мицкоски ќе ја вози косовската премиерка ако повторно дојде во Македонија за да избегне инциденти, додека за „авантурите“ на Гаши платиле само вработените во МВР
„Следниот пат јас ќе ја придружувам косовската претседателка Вјоса Османи на скопскиот аеродром за пак да не дојде до инцидент, кажа премиерот Мицкоски“, откако обезбедувањето на спикерот Африм Гаши направи инцидент на скопскиот аеродром.
Кривична пријава и суспензија за обезбедувањето на Гаши поради инцидентот на скопскиот аеродром
Пријавениот С.С. бил испратен на Меѓународниот Аеродром Скопје од страна на претседателот на Собранието со цел надминување на недоразбирањето кое настанало со косовската претседателка, а во врска со безбедносните процедури за преглед на багажот. Тој репетирал пиштол, турнал вработен на аеродромот и се движел во простории каде немал овластување.
Заради свадбената поворка на Гаши и бегството на Рамадани беше разрешен началникот Наим Рамука
Началник на Секторот за гранични работи – Север, Наим Рамука и уште 5 полициски службеници се разрешени од позицијата. МВР на местото на Рамука ја постави Маја Темелкова-Сотирова.
Рамука се најде на удар на опозицијата како главен организатор на бегството на Блерим Рамадани (поранешен припадник на ОВК) на Косово, но и за пропуштањето на колоната свадбари, која ја предводеше претседателот на Собранието, Африм Гаши.
Дестабилизација или дефокусирање од вистинските проблеми
Додека граѓан(к)ите очекуваат подобар животен стандард, повисоки плати и пензии, позитивни политики за задржување на младите да не се отселат од државата, борба со корупцијата, неселективна правда, мирно и безбедно место за живеење каде што нема речиси секој ден да слушаме за некое убиство кое нема разрешница… од новата Влада предводена од премиерот и лидер на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски и министерот за внтарешни работи, Панче Тошковски слушаме за некакво сценарио на ДУИ за дестабилизирање на државата оваа есен. Овој наратив може да се забележи и во настапи на други високи владини функционери.
Зајакнувајќи го овој наратив како национална тема, актуелната Влада ги остава во сенка проектите кои се од интерес на граѓаните и државата. Занимавајќи се со „дестабилизација“, наставниците од септември нема да имаат покачување на платите, како што предвидено законското зголемување, учениците нема да имаат книги за странски јазици, па ќе бидат принудени да учат од филмови, како што препорача министерката за образование, Весна Јаневска. Среќа во таа несреќна изјава е што не кажала од „филмови за возрасни“.
Неодамна имаше еден мал обид за дестабилизација, односно обидот за создавање меѓуетнички и меѓурелигиски тензии околу случајот со црквата Св. Петка во госитварско. Политичките партии (власта и опозицијата) си ја префрлуваа топката за тоа кој сака да предизвика дестабилизација.
Чистење, реновирање, рестарвирање или изградба на црква во село Галате, општина Врапчиште, запирање на активностите околу црквата со интервенција на полицијата, (иако воопшто не стануваше збор за изградба на црква), упад на граѓани во Општина Врапчиште, двајца приведени во Општината, па ослободени во полициска станица. Ова е епилогот од дводневната тензија за случајот за црквата Св. Петка во с. Галате, која изгоре во пожар во 2001 година.
„Сето она кое сме го говореле во минатото од аспект на обиди, видовме дел од нив во овие месец дена, од аспект на обиди за подгревање меѓуетнички тензии, дека се реалност. Соодветно одговоривме, соодветно ќе одговориме и во иднина“, рече министерот Тошковски.
Откако нè информираа Мицкоски и Тошковски дека од одредени кругови ќе има обид за дестабилизирање на државата оваа есен, веднаш нè смирија дека не треба да бидеме загрижени за безбедносната состојба во Македонија, или што би рекол еден нивен сопартиец – „Држава сме, контролираме!“
Да не испадне само онаа народната: „Дете кога вика кака, кака, на крај навистина ќе направи кака“.
Убиства и обиди за убиства за 100 дена владеење на министерот Тошковски од ВМРО-ДПМНЕ
Во период од само 100 дена има повеќе убиства и обиди за убиства со огнено оружје и за жал малку од нив имаат разрешница. И додека граѓаните се чувствуваат незаштитени и небезбедни, Владата предводена од Христијан Мицкоски реши да ја врати заштитната ограда на Никола Груевски. Дали тој потег е за поголема безбедност на владините претставници или е само дефокус од реалните проблеми?
- Убиството во скопско Батинци се уште е неразјаснето. Полицијата се уште трага по сторителите, од крушуми од калашников беше убиен 34-годишниот Абдил Ибрахими, а повреден беше 31-годишниот сопатник во неговиот автомобил, за кој се верува дека е негови брат.
- На 5 јули, во Тетово е ликвидиран лицето со иницијали Р.Т.(39).
- На 23 август во престрелка во тетовско Гајре, полицијата го ликвидираше осомничениот за убиството на 5-ти јули во Тетово, кога Р.Т. беше убиен во пукање на улицата „Штипска“.
- Остава сомнеж и случајот со починатото 24 годишно момче кој пред да подлегне на повредите од пожарот изјавил дека бил киднапиран во Ченто и натеран присилно да се замозапали во Ќојлија. Истрагата на полицијата утврди дека 24 годишниот Б.А. лажел, односно дека тој со запалива течност го полеал контејнерот на агенцијата за рент-а-кар во Ќојлија и го запалил, при што од настанатата експлозија, кај него настанале повреди по телото-изгореници, од кои на 7 јули оваа година тој починал.
- Бизнисменот Чедомир Радомировиќ, беше пронајден во скопското с. Орман со повреди на главата, а покрај него имало пиштол и чаураи. Не се знае дали е убиство, самоубиство, или несреќен случај.
- Основното јавно обвинителство Кичево донесе Наредба за спроведување истражна постапка против 21-годишник од с. Суви Дол, Македонски Брод, кој во двор на куќа во селото Калуѓерец со ловна пушка уби 31-годишен професионален војник во АРМ.
- Убиство во Кочани: Заедно пиеле со соседот, а потоа го убиле. На 6 септември, ОВР Кочани поднесе кривична пријава до ОЈО Кочани против Ѓ.Б. (32) и Љ.С. (48), двајцата од Кочани поради убиство на соседот.
- Обид за убиство во Аеродром: Две лица осомничени, еден во бегство. На 15.09.2024, по пријава за инцидент на територија на општина Аеродром во Скопје, во кој на Н.Г. од Скопје му биле нанесени убодни рани од две лица, полицијата презела мерки и утврдила дека осомничените се Н.С. и М.С. Во координација со Основното јавно обвинителство Скопје, против нив е поднесена кривична пријава.
- Обид за убиство во Арачиново. Од слобода е лишен Е.А. (22) од село Арачиново од страна на полициски службеници од Единицата за насилен криминал – Одделение за крвни и сексуални деликти при извршени претреси на повеќе локации во село Арачиново, а во врска со кривично правниот настан од 29.08.2024 околу 21 часот во селото, кога со огнено оружје е пукано кон А.И. (25) и В.Б. (29) од село Арачиново, при што со прострелни рани се здобил А.И. и бил пренесен во комплекс клиники „Мајка Тереза“ за укажување на лекарска помош.
- Убиството кај Мавровка. „СВР Скопје целосно ги расчисти кривичните дела „убиство” и „убиство во обид“, кои беа извршени на 20.08.2024 на паркинг просторот позади трговскиот центар Мавровка, каде што со употреба на огнено оружје беше убиен В.Е.(58) од Скопје и на ул.„Стојна Стефкова“, каде со пиштол беше пукано кон полициски службеници од Единицата за интервентна полиција при СВР Скопје“.
- Пукање во Чаир, едно лице рането. Едно лице е рането при престрелка синоќа во скопски Чаир, на средба за помирување меѓу две семејства на 18 јули 2024. Според неофицијални информации кои ги објавија медиумите, ранетиот е син на сопственик на чајџилница во „Чаирчанка“, а напаѓачот е од Сингелиќ.
- Пукање во скопско Ченто, едно лице пренесено во болница. „На 19.08.2024 околу 20.50 часот во СВР Скопје било пријавено дека на бул. Александар Македонски од патничко возило во движење било пукано во патничко возило пасат со австриски регистарски ознаки, при што со повреди се здобило едно лице кое е пренесено во Клинички центар. Се преземаат мерки за расчистување на случајот“.
Ова се само дел од случаите кои беа актуелни во изминатите 100 дена, односно денови на опасно живеење во нашата земја.
Општините пред локалните избори, Владата ќе ги „освежи“ со 250 милиони евра
Владата ќе им даде Орбанови 250 милиони евра на општините за реализација на проекти, меѓутоа парите нема да им ги префрли во општинската каса, туку директно ќе им ги исплаќа на фирмите изведувачи.
Бранителите и балансерот искри во коалицијата
Законот за бранители и балансерот создаде искри меѓу коалициските партнери ВМРО-ДПМНЕ, ВЛЕН и ЗНАМ.
Максим рекол – Максим порекол
На почетокот на новата Влада, лидерот на ЗНАМ, Максим Димитриевски, се закани дека ќе излезат од Владата ако албанското знаме остане како декор во владините кабинети на министрите Албанци од Вреди. Поминаа 100 дена од новата Влада, не само што не ги отстранија од нивните кабинети, министрите Албанци и гордо се фотографираат со албанските знамиња надвор од државата, меѓутоа Максим се уште е дел од владината коалиција. Можеби со најавата за изучување на руски јазик во училиштата во Куманово ќе си ја компензира „болката“.
ВМРО-ДПМНЕ го турка законот за бранители, неговите коалициони партнери од ВЛЕН велат дека нема шанса да се изгласа тој закон. Мицкоски им посака среќа ако тоа е причината да ја напуштат владата, со истите зборови му возвратија.
На крајот, на сите нека нека ни е со среќа со ваква Влада која на ЕУ ѝ кажа – НЕ, благодарам.