ВЕСТ НА ДЕНОТ: ДКСК ја усвои и ја достави Националната антикорупциска стратегија до Собранието
Државната комисија за спречување на корупцијата (ДКСК) ја усвои Националната стратегија за спречување на корупцијата и судирот на интереси што во следните пет години треба да ја спроведат институциите, со цел да се обезбеди подигнување на довербата на граѓаните во системот.
Претседателката на ДКСК Билјана Ивановска изјави дека ризични области во кои најмногу се препознаваат коруптивните однесувања се вработувањата, процесот на јавни набавки, контролните и надзорните процедури.
– Како причини за коруптивно однесување во овие области констатиравме дека најсилни ризични фактори се политичкото влијание, отсуството на личен и институционален интегритет, недоволната транпарентснот, неказнивоста, недоследностите и недореченостите во законската регулатива, изјави Ивановска.
Со реализацијата на целите и мерките од стратегијата, подвлече таа, треба да се обезбеди подигнување на довербата на граѓаните во институциите на системот, ефикасноста во користењето на јавните ресурси и јакнење на демократијата и општествените вредности.
– Главните цели на стратегијата се зголемување на нивото на политичка одговорност и свесно управување со политичкото влијание во јавниот сектор и спречување на полиричко влијание во работата на независните тела, изјави Ивановска, меѓу другото.
БЛИЦ: Борбата против корупцијата продолжува!
Џабир Дерала: Ако некогаш борбата против корупцијата ја предводеше институција под целосен диктат на режимот и служеше за криење на корупцијата на Фамилијата, сега имаме сосема поинакво ДКСК, предводена од бескомпромисната Билјана Ивановска и нејзините колешки и колеги, професионални, искусни и решителни луѓе.
ИЗЈАВА НА ДЕНОТ: Димов: Извршителите мора да го почитуваат законот
„Последните измени во Законот за извршители воведуваат нови категории, со кои ќе има олеснување во извршувањето, а тоа се социјално загрозените категории. Меѓутоа, како социјално загрозена категорија со новиот закон се сметаат и луѓето што земаат просечна плата. Тоа значи дека тие ќе бидат заштитени во однос на месечните примања од досегашните 1/3 што може извршителите да зафатат, сега ќе зафатат една петина“ – изјави за ЦИВИЛ Медиа Зоран Димов, претседател на Комората на извршители како коментар на новите измени во Законот за извршители.
Од една третина до една петтина од плата и пензија се ограничувањата за извршување за лицата приматели на просечна плата и пензија, предвидуваат измените од Закон за извршување кои вчера беа усвоени.
„Видете, во однос на проширувањето на правата, извршителите мора да го почитуваат законот кој содржи императивни одредби во тој однос и затоа сметаме дека кај граѓаните ќе доведе до олеснувачка состојба“ – вели Димов од Комората на извршителите.
ПОЛИТИЧКИ ОКЕЈ КОРАЛ: Законски измени за извршителите, вработувања, труд и социјала, техничка влада…
Од една третина до една петтина од плата и пензија се ограничувањата за извршување за лицата приматели на просечна плата и пензија, предвидуваат измените од Закон за извршување кои вчера беа усвоени. Министерката за правда Рената Дескоска на својот фејсбук-профил објави дека измената на Законот за извршување е одраз на реалната потреба за помош и поддршка на загрозените категории на лица кои се соочуваат со егзистенцијални проблеми, но и на социјално ранливите групи на лица, кои не по своја вина не се во можност да го намират своите долгови без да им се загрози егзистенцијата, не само лична, туку и на нивните семејства.
Вицепремиерката за економски прашања, Мила Царовска, денеска на прес-конференција ги презентираа резултатите од реализацијата на Оперативниот план на програми и мерки за вработување за 2019 година, и изјави дека имплементацијата на оперативниот план за вработување придонела за намалување на процентот на невработеност во земјава и може да се каже дека тој денеска изнесува 17,1 процент по последните статистички податоци.
Собранието на Република Северна Македонија на почетокот на февруари се очекува да ја донесе Националната стратегија за спречување корупција и судир на интереси, која денеска од страна на членовите на Комисијата му беше врачена на првиот парламентарец Талат Џафери. Претходно денеска претседателката на антикорупциска Билјана Ивановска ја презентираше оваа стратегија пред медиумите.
Заменик министерката за труд и социјална политика, Санела Шкријељ за ЦИВИЛ Медиа вели дека техничката министерка Рахела Мизрахи самата потврди во каква катастрофална состојба нејзината партија ВМРО ДПМНЕ го остави Специјалниот завод Демир Капија велејќи: „На почетокот на владеењето на Социјалдемократскиот сојуз оваа установа имала 227 корисници со 41 негуватели. Тоа значи еден негувател секој ден се грижел за 6 корисници“.
Претседателот Стево Пендаровски во интервју за порталот МКД.мк изјави дека неговиот впечаток е дека техничката влада почнала на многу лош начин да функционира и дека не настапила како тим. Тој вели дека актуелната политичка структура најмалку испорача или најмногу потфрли во сферата на правосудството, иако, како што вели, состојбата во нашето правосудство денес е неспоредливо подобра во смисла на политичко мешање и менаџирање случаи, во споредба со, како што вели, она што го имавме до 2016 година.
НЕ ПОМАЛКУ ВАЖНО
Со 69 гласа „За“ и 1 „против“ македонското Собрание вчера го изгласа Законот за младинско учество и младински политики кој треба да донесе поголема вклученост на младите во носењето одлуки преку Национално собрание на млади, локални младински совети и собранија и повеќе сервиси за младите. Целта на законот за младинско учество и младински политики, како што стои и во текстот на документот, е да обезбеди креирање и спроведување на политика на млади на сите нивоа, преку повеќе секторски пристапи. Законот цели кон зајакнување на учеството на младите во процесите на креирање на политики, поттикнување на волонтерство, младинскиот активизам и младинската работа, како и личен, професионален и социјален развој кај младите.
ЦИВИЛНИ ВЕСТИ
ЦИВИЛ новата 2020 година ја стартува со два семинари за транспарентни и одговорни политички процеси наменети за Полошкиот и Југоисточниот плански регион.
Семинарот во Гостивар ќе се одржи на 25 јануари, во хотел Бунар (во центарот на Гостивар), а право на учество имаат апликантите од општините во Полошкиот плански регион: Гостивар, Тетово, Врапчиште, Брвеница, Желино, Боговиње, Теарце, Јегуновце, Кичево, Маврово и Ростуше.
Апликација за учество на регионален семинар „Граѓански објектив“ во Гостивар.
ОД НАШ АГОЛ
„Документарниот филм „Медена земја“ предизвика нешто што ниту еден филм во историјата на македонската кинематографија не го постигнал: нацијата поведе таква искрена, богата, на моменти жестока, па и приземна и простачка расправа за сопствената слика во општественото огледалото, што е, до сега, незабележан преседан во клиничката слика со сложени психо-патолошки наоди во овдешното трчимочај секојдневие што, во недостаток на подобра алтернатива, се нарекува живот. Таквиот општествен ефект е неостварен сон на секој ангажиран документарец кога било снимен во оваа, а и во која било друга земја!“, пишува Сашо Орданоски во својата колумна „Атиџе, љубов наша!“
Зоран Иванов во својата колумна „На патот до ЕУ само преку бриселскиот камшик“, пишува за политичките несогласувања околу Законот за обвинителство, кој се уште е блокиран во Собранието, а претставува еден од клучните реформски проекти и услов за почеток на преговорите со ЕУ.
„…Демантирам било каква комуникација со г. Вучиќ на оваа тема, било кога, или било каква соработка со српски или било чии други служби на било која тема“, вели Груевски.
Чекај, малку, Грујокио. Демантираш соработка со туѓи служби !? Па нели го чувме лично министерот за надворешни на Унгарија како одговара на прашање во унгарскиот парламент зошто си добил азил, каде вели дека си бил многу корисен соработник на унгарската држава и служби, со твоите широки познавања и информации?“, пишува Петрит Сарачини во колумната „Унгарскиот кодош пак фатен во лага“.
Ангела Петровска
во соработка со Биљана Јордановска, Дехран Муратов, Маја Ивановска, Сашо Орданоски, Петрит Сарачини, Зоран Иванов, Џабир Дерала