Колку воведувањето нови технологии во изборниот процес ќе ја врати довербата на гласачите?
Државната изборна комисија денеска на стручна тркалезна маса „Примена на нови технолгии во изборните процеси“, со претставници на ИФЕС, ОБСЕ/ОДИХР, невладините организации и претставници на министерствата и надлежните органи за спроведување на избори, дискутираше за можноста од воведување на електронско гласање, сигурноста и искуствата од ваквиот принцип на гласање во други земји, биометриската верификација на изборите и за автоматизација на изборниот процес.
„Се одлучивме на овој чекор со цел да го унапредиме самиот изборен процес. Јасно ни е дека не може тоа да се направи веднаш и избрзано и да се воведат за наредните избори што следат. Но, исто така ни е јасно дека треба веќе да почнеме… Во Република Македонија може да се констатира дека во изминатиот период зависно од изборните циклуси, постојано во извештаите што ги добиваме од Мисијата на ОБСЕ/ОДИХР може да се забележи дека има постојан напредок во организацијата и спроведувањето на изборите, но остануваат забелешки за кои ние треба да се трудиме да ги отстраниме и да ја намалиме можноста за злоупотреба на било кого во самиот изборен процес“, изјави Оливер Деркоски, во воведното обраќање потенцирајќи дека ДИК е само еден фактор во спроведување на изборите.
Максимална поддршка од Собранието за Законот за спречување на корупцијата и судирот на интереси
Со огромна поддршка од 81 пратеник во Собранието, се изгласа новиот, десет месеци очекуван Закон за спречување на корупцијата и судир на интереси. На гласањето му претходеше размена на остри обвинувања меѓу пратениците на ВМРО-ДПМНЕ и нивните поранешни сопартијци што сега функционираат како независна група. Критики се упатија и кон СДСМ за десетмесечното доцнење на овој закон.
И осудениот тепач на Села успеа да побегне
Лицето Никола Војминовски, осуден на 13 години затвор за нападот на пратеникот Зијадин Села избегал, потврди и основиот суд Скопје 1.
По добиеното известување, Кривичниот совет при Основниот суд Скопје 1 – Скопје донесе решение со кое на обвинетиот му се определува мерка притвор од негово пронаоѓање односно лишување од слобода, а воедно издадена е и наредба за распишување интерна и меѓународна потерница – стои во сопштението на судот.
СГС ќе го обезбедува Археолошкиот музеј на Македонија
Секјурити Груп Сервисис (СГС) го доби тендерот во висина од 113.000 евра за обезбедување на Археолошкиот музеј на Македонија. Агенцијата за обезбедување во период од една година била едниствениот учесник на тендерот каде услов да се добие, била најниската понудена цена.
Ова не е едниствениот тендер за СГС. Минатиот месец оваа агенција доби тендер за обезбедување на Холокаустот на Евреите од Македонија во висина од 24.000 евра. Покрај овие две институции СГС ги обезбедува и АЕК, општата болница во Велес, училиштата и градинките во општина Аеродром, како и голем дел од проектот „Скопје 2014“.
Трансродово лице од Македонија доби случај во Стразбур
Коалицијата Маргини денеска во Судот во Стразбур доби позитивна пресуда во случајот „Х против Македонија“, каде Судот утврди дека постоечката законска рамка има јазови и сериозни недостатоци кои го довеле транс лицето во ситуација на стрес и несигурност во признавањето на неговиот родов идентитет.
По одлуката на Судот во Стразбур, Македонија има обврска да донесе закон кој ќе им овозможи на трансродовите луѓе брза, транспарентна и пристапна постапка за правно признавање на родот.
Вицепремиерот Бујар Османи ги потпишал првите двојазични документи
Османи очекува Законот за јазици на почетокот да се применува со потешкотии, но уверен е дека со текот на времето тоа ќе се регулира. Денеска Османи ги потпишал и првите двојазични документи а во сабота ќе се подготви акциски план со конкретни рокови. Институциите ќе треба да се подготват логистички, а до донаторската заедница упатено е писмо за давање помош околу искуството на земјите кои се двојазични или тројазични.
Владата на Ципрас ја доби довербата од парламентот со 151 глас „за“
Владата на Република Грција, предводена од Алексис Ципрас, синоќа со 151 глас „за“ ја доби довербата од парламентот.
За доверба гласаа 145 пратеници од СИРИЗА, четворица независни пратеници и двајца од Независни Грци. Против доверба на владата беа сите пратеници од опозицискит партии -Нова демократија, Движење на промена, Златна зора, Река, Сојуз на централисти и Комунистичката партија на Грција.
По добиената доверба од парламентот, се очекува гласањето на пратениците за ратификација на Договорот од Преспа.
#Перспективи2019
ЦИВИЛ Медиа продолжи со објавување на серија интервјуа и текстови со кои ја рекапитулира политичката и општествената реалност на годината што измина и се обидува, преку разговори со избрани експерти и јавни личности, да ги открие перспективите за 2019 година.
Пред јавноста сега е новиот серијал „Перспективи 2019“ во кој за сега може да ги погледнете ставовите на Розета Трајан, Мирјана Малеска, Мерсиха Смаиловиќ, Мирјана Најчевска, Хусеин Адеми, Марта Гусар, Фатон Алити, Сашко Попоски , Сашо Орданоски, Арианит Џафери и Акиф Кариман.
А. Петровска