Фетаи: СЈО ќе функционира и без Катица Јанева
Обвинителката во Специјалното јавно обвинителство Фатиме Фетаи денеска изјави дека СЈО продолжува со застапување на предметите во судница без разлика што на нивната шефица Катица Јанева вчера и е одредена мерка притвор за случајот „Рекет“.
– Она што се случува може да биде само добар показател дека секој што се огрешил пред законот, мора да одговара, дека работите конечно се придвижуваат во позитивна насока во нашата држава и дека едноставно никој не е недопирлив. Меѓутоа од друга страна, индивидуалната кривична одговорност на еден од обвинителите во СЈО не смее да биде изговор односно оправдување да се заборави целокупниот криминал што беше направен во нашата држава во последниот период и ние да ја запреме нашата борба. Тимот на СЈО е во целост посветен на борбата за правда и ние продожуваме со она што е наша работа, рече Фетаи.
Османи: Целосно расчистување на „Рекет“ за враќање на довербата на граѓаните
Евтината злоупотреба на „Рекет“ е израз на незрелост и неодговорност и ја загрозува нашата позиција како сериозна земја кај меѓународните партнери, истакна вицепремиерот задолжен за европски прашања, Бујар Османи.
Тој нагласи дека остануваат неполни два месеца од клучните состаноци на ЕУ, на кои се очекува потврда за почнување преговори, и упати апел до сите да излезат од партиските матрици и да обезбедат стабилна, просперитетна и европска иднина на земјата.
Хелсиншки: Раст од 30 проценти на случаи на дискриминација во 2018 година
Бројот на регистрирани случаи на дискриминација во нашата земја бележи раст од 30 проценти, откако во 2018 година се регистрирани вкупни 119 случаи, наспроти 82 случаи регистрирани во 2017 година, покажуваат објавените податоци од годишниот информатор за дискриминација на Хелсиншкиот комитет за човекови права.
Најчести основи за дискриминација се врз основа на личен и општествен статус, пол и род, сексуално ориентација, попреченост, етничка припадност и религија.
Бранимир Јовановиќ за можните излези од политичката криза (3 дел)
Бранимир Јовановиќ со својата презентација во завршниот дел од своето излагање на семинарот на ЦИВИЛ „Транспарентност и одговорност во политичките процеси“, се осврна на остварени и неостварени ветувања и реформи, со фокус на политичката одговорност, предизвика огромен интерес кај учесниците на семинарот кои имаа свои видувања, но и прашања за можните промени кон подобро.
Претходно беа објавени првиот и вториот дел од излагањето на Јовановиќ, што отвори дебата и реакција кај граѓаните.
ФЛЕШ ВЕСТИ
Европската Комисија не го коментира притворот на специјалната јавна обвинителка Катица Јанева
Илија Димовски: Назначувањето в.д. шеф на СЈО не е можно без Собранието
Приведен крушевчанец за криумчарење 45 мигранти
Двокатен автобус со број 5 на ЈСП се запали изутринава во населбата Ѓорче Петров. Нема повредени патници.
Судењето за петкратното убиство кај Смилковско Езеро, „Монструм“ е одложено за 5 септември.
ЦИВИЛНИ АКТИВНОСТИ
ЦИВИЛ – Центар за слобода, утре со почеток во 11 часот, во центарот на Скопје (пред преминот Палета) на инфо-штанд пред граѓаните ќе го претстави проектот „Зелена иднина“. Овој проект е посветен на зелените вредности, социјалната правда и антинационализам.
МИСЛА
Катица Јанева е во апс, кој е следниот?
Апсењето на Јанева, барем за сега, изгледа како game changer (пресврт во играта). Правната држава, наспроти силната врева во јавноста и медиумите, сепак, профункционира и покажа дека, без оглед на опструкциите, функционира. Овој настан го окупира вниманието на јавноста до вжештување, но сепак, Јанева е само една алка во криминалниот синџир во кој Камчев е тој што дава поткуп за да се извлече од правдата. Малкумина говорат за тоа дека со давањето пари (и мебел) за поткуп, Камчев и фактички ја признава својата вина и е одговорен според законите, како што се одговорни и оние што тргувале со влијание и земале поткуп.
Дехран Муратов
Останати автори: Маја Ивановска, Џабир Дерала, Биљана Јордановска