Четири години членство во НАТО
Република Северна Македонија стана триесетта земја членка на Алијансата на 27 март 2020-та, 27 години откако Собранието во 1993 едногласно усвои Резолуција во која се дефинирани надворешно-политичките приоритети на земјата – членството во НАТО и во Европската Унија.
На 15 ноември 1995 година, Македонија го потпиша Рамковниот документ за пристапување кон програмата Партнерство за мир, на 14 јуни 1996 година беше отворена Канцеларија за врски, а при крајот на 1997 година и Постојаната мисија во седиштето на НАТО во Брисел.
Во април 1999 година, на Самитот на НАТО во Вашингтон, Република Македонија стекна статус на земја кандидат за членство во Алијансата, по што се отпочна со подготовка и реализација на Акцискиот план за членство.
Поканата за членство се очекуваше на Самитот на НАТО во Букурешт во 2008 година. Неа тогаш ја добија Хрватска и Албанија, но во финалната Декларација од тој самит, Алијансата донесе одлука дека земјата треба да добие покана за членство откако ќе го реши спорот за името со Грција.
На 25 декември 2017 Собранието донесе декларација за забрзување на реформските и интеграциските процеси за зачленување во НАТО.
По повод четири години од членството на Северна Македонија во НАТО, Владата одржа свечена седница со која претседаваше техничкиот премиер Талат Џафери.
ИЗЈАВА НА ДЕНОТ
Петровска: Веќе четири години не сме тема на масата како балканска земја на која треба да и се помогне, туку сме еднакви со сите земји-членки и заедно одлучуваме
„Ние веќе четири години не сме тема на масата како балканска земја на која треба да и се помогне, туку сме еднакви со сите земји-членки и заедно одлучуваме. Северна Македонија од земја на која меѓународата заедница и помагаше да го задржи мирот, сега е земја која активно придонесува за регионалната безбедбност. И не може да стане збор за нарушување на нашата безбедност од било чија страна, бидејќи во тој случај зад себе денес веќе имаме сојуз од 32 држави“, изјави министерката за одбрана Славјанка Петровска на свечена седница на Владата по повод годишнината од членството во НАТО.
ФЛЕШ ВЕСТИ
ДОНАЦИЈА Норвешка испрати 76 воени возила за Северна Македонија. Вкупно 40 камиони и 36 лесни пешадиски возила се натоварени вчера од пристаништето Оркангер и со брод ќе бидат транспортирани до Солун, информираат од Норвешката амбасада.
27 АПРИЛ Судењето за случајот „Организатори на 27 април“ денеска е одложено за 30 април годинава.
Судијата Илија Трпков, на почетокот на денешното рочиште информира дека членот на Судечкиот совет, судијката Дијана Груевска е службено отсутна и судењето се одложува за 30 април.
Последната пленарна седница на овој парламентарен состав ќе се одржи на 28 март. На дневен ред на оваа пленарна седница закажана за во 11 часот се пет точки.
ВОЈНА ВО УКРАИНА
- Украинскиот претседател Володимир Зеленски повторно ги отфрли обвинувањата на рускиот претседател Владимир Путин дека Украина била вмешана во терористичкиот напад во предградијата на Москва. За време на своето редовно обраќање, Зеленски рече дека „Путин сите освен себе ги смета за терористи“.
- Украина ги собори сите 12 јуришни беспилотни летала лансирани ноќеска од Русија, соопштија украинските Воздухопловни сили, цитирани од британските медиуми.
КОНФЛИКТИ
- Израел нема да ја прекине својата воена операција во Појасот Газа и ќе продолжи да се бори додека не го уништи Хамас и не ги врати сите заложници кои ги држи таа палестинска милитантна група, изјави израелскиот министер за надворешни работи, Израел Кац.
- Шефот на американската дипломатија, Антони Блинкен, на вчерашната средба со израелскиот министер за одбрана Јоав галант изјави дека САД се противат на офанзивата во Рафа.
АЛ-ПРЕС
Редакциски избор од албанските медиуми во регионот
Албански медиуми: Западот не го дозволи рускиот предлог за дискусија во ОН за кампањата на НАТО против Југославија; Нема напредок во дијалогот за српскиот динар во Косово
ИЗБОРНА ХРОНИКА
Претседателските кандидати ги добија броевите на избирачкото ливче; се раскинуваат стари, се формираат нови изборни коалиции
Изминатиот викенд, и веќе на почетокот на работната недела, се интензивираат активностите во однос на подготовките за претседателски избори, како и на парламентарните. Претседателските кандидати, со добивање на редните броеви во избирачките ливчиња, се практично пред официјалната предизборна кампања, која треба да започне на 4 април.
Дел од партиите што ќе учествуваат во парламентарните избори на 8 мај, почнаа со претставување на своите програмите. Се формираат нови, а се раскинуваат постоечки коалиции, со што постепено се добива конечниот облик на фронтот на изборната трка.
АНАЛИЗА
Со објавувањето видеа од тортурата, властите ја испраќаат оваа порака на заплашување до сите што не се на страната на Кремљ, и испраќаат многу охрабрувачка порака до војската и безбедносните служби дека се на иста страна.
Рускиот претседател Владимир Путин за првпат призна дека „радикалните исламисти“ го извршиле нападот на концертната сала во близина на Москва, истовремено инсистирајќи дека Украина сè уште можела да има улога – во анализата „Јавното објавување на претепаните осомничени терористи покажува до кој степен руското општество е милитаризирано и толерантно кон насилство“.
СЛОБОДНА ЗОНА
„80 години подоцна, Путин „дебело“ ќе го надмине Хитлер според времето на реакција на еден круцијален настан со далекусежни последици. На Путин му требаа неверојатни 19 часа за да и се обрати на нацијата по терористичкиот напад во концертната сала во Москва, а кога конечно го стори тоа, воопшто не ги спомна ИСИС, кои во меѓувреме ја презедоа одговорноста за нападот, убеден дека зад нападот стои Украина.“, пишува Драган Мишев во блиц колумната „Путин го надмина Хитлер според „брзината“ на реагирање“.
Подготви: Д. Тахири