ВЕСТ НА ДЕНОТ
Спасовски: Ја добивме најголемата и најсовремена форензичка лабораторија на Балканот – директна потврда за поддршката што ја имаме во пристапните преговори со ЕУ
Во кругот на МВР свечено беше пуштен во употреба новиот објект на Одделот за форензички испитувања при МВР, капитален проект со ИПА средства од пристапната помош на Европската Унија.
На настанот свое обраќање имаа претседателот на Владата на Република Северна Македонија, Димитар Ковачевски, министерот за внатрешни работи, Оливер Спасовски, како и амбасадорот на Делегацијата на Европската Унија во Северна Македонија, Н.Е. Дејвид Гир.
„Ова овозможува нашата полиција да биде во чекор со современите постапки, европски практики и стандарди. Градиме институции во Северна Македонија како земја членка на НАТО, земја на патот кон Европската Унија, да бидат подготвени соодветно да одговорат на предзивиците кои ги наметнуваат геополитичките случувања. Безбедносните предизвици, криминалот, корупцијата, не се разликуваат од оние со кои се соочуваат полициите во регионот, во Европа, затоа на врвот на приоритети на Владата е да ја развиваме и унапредуваме полициската служба”, истакна премиерот Ковачевски во своето обраќање.
„Паралелно со опремувањето на форензичките лаборатории со современа опрема, зголеменото потпирање на научни докази бараше и соодветни просторни капацитети за целосно практично ефектуирање на надлежностите на лабораториите. Тоа е диктирано и од зголемување на обемот на работа во лабораториите, а во исто време и од воведувањето лабораториски операции кои се со зголемена сензитивност и прецизност”, рече министерот Спасовски. Притоа, тој истакна дека објектот е изграден со средства од ЕУ Националната ИПА програма.
ИЗЈАВА НА ДЕНОТ
Премиерот Димитар Ковачевски денеска изјави дека ќе имаме редовни избори, а нивниот датум ќе мора да биде договорен со сите политички партии во Собранието.
– Што се однесува до самите избори, мислам дека претседателот на ВМРО-ДПМНЕ прави замена на тези, бидејќи тој зборуваше дека ќе има предвремени избори, а јас зборував дека ќе има редовни избори. И на крајот ќе имаме редовни избори. Тоа значи дека она што јас сум го зборувал останало како така од првиот ден од кога разговаравме за изборите, бидејќи ВМРО-ДПМНЕ две години зборуваше на секои три месеци дека само што не се случиле предвремени избори коишто де факто и де јуре не се случија. Во однос на самиот датум, тој ќе мора да биде договорен со сите политички партии во Собранието, како и секогаш до сега како што бил договорен, рече Ковачевски.
ФЛЕШ ВЕСТИ
ИНТЕГРАЦИИ Европската Унија е подготвена дополнително да го унапреди преговарачкиот процес со Северна Македонија и регионот во наредниот период, што ќе даде јасни и видливи резултати во приближувањето кон ЕУ, беше порачано од денешната средба во Брисел на вицепремиерот за европски прашања Бојан Маричиќ со директорот на Генералниот директорат за соседска политика и преговори за проширување при Европската комисија (ДГ НЕАР), Герт Јан Копман.
ПРАВДА Судството не смее да биде под притисок на политиката и не треба да се дозволи мешање на другите власти во донесувањето на судските одлуки кои мора да се засновани на законите, беше истакнато на денешната средба меѓу претседателката на Врховниот суд Беса Адеми и амбасадорката на САД Ангела Агелер, на која присуствуваа и другите судии од највисокиот судски орган.
ИСТРАЖУВАЊЕ Агенцијата за основни права на европските граѓани (ФПА) објави истражување за порастот на расизмот во земјите членки на Европската Унија, а најлоши резултати се забележани во Германија, Австрија и Финска.
БЛИСКИ ИСТОК Израел ќе ги запре визите за претставници на ОН по коментарите на генералниот секретар Антонио Гутереш за кризата на Блискиот Исток, изјави во средата израелскиот амбасадор во ОН, пишува CNN. Меѓу неговите забелешки во вторникот до Советот за безбедност, Гутереш рече дека нападите на Хамас на 7 октомври врз Израел „не се случија во вакуум“.
Гутереш побара итно запирање на нападите врз цивилни цели. Меѓу другите податоци, Гутереш сподели дека повеќе од 35 членови на персоналот на ОН загинале во израелското бомбардирање.
„Палестинците со под израелска „задушувачка окупација“ веќе 56 години“, рече Гутереш.
Трпевски и Мехмети: Борбата за зелена иднина е долготрајна, младите се мотивирани за зелените каузи
ВОЈНА ПРОТИВ УКРАИНА
Руски дезинформации: Руските пропагандисти лажирале потерница со јазични грешки. Медиумите блиски до Кремљ и Z-Телеграм каналите споделуваат фотографија од маж кого наводно го бара украинската полиција. Според пропагандистите, украинските безбедносни сили трагаат по полски државјанин кој наводно служел во вооружените сили на Украина, избегал од воена единица во регионот Полтава и извршил убиство.
*
Две лица убиени во руско гранатирање во регионот Харкив; повредени 4 лица во 86 напади врз регионот Херсон; 16 повредени во Хмелницки
*
Четири месеци откако украинските сили ја започнаа својата долгоочекувана контраофанзива во јужна и источна Украина, руските сили се обидуваат да го вратат моментумот на војната во своја полза. На 10 октомври, руската втора комбинирана армија и придружните сили од сепаратистичката Народна Република Донецк – вкупно во износ од најмалку три бригади, секоја со по неколку илјади војници – нападнаа на боиштето околу Авдиевка, украинско упориште северозападно од Донецк, во регионот Донбас во источна Украина.
АЛ-ПРЕС
Околу 100 рудари на Трепча од вчера штрајкуваат за поголеми плати, здравствено осигурување и подобрување на условите за работа, како и за разрешување на раководството. Генералниот секретар на НАТО Јенс Столтенберг изјави дека трупите на НАТО во Косово неодамна се засилени со неколку стотици војници од Италија, Бугарија, Романија и Велика Британија, пишуваат косовските медиуми. Во Албанија, денеска започнува првата судска седница против поранешниот премиер Сали Бериша, во врска со приватизацијата на поранешниот комплекс Партизани, пишуваат албанските медиуми.
Ова се само дел од темите од денешниот редакциски избор на ЦИВИЛ Медиа, од албанските медиуми во регионот.
СЛОБОДНА ЗОНА
„Непосредно по руската инвазија врз Украина, во црквите на РПЦ имало молитви за мир. Еден месец потоа таквите молитви се забранети, а црковното раководство од свештениците барало да се молат – за победа! Посебно се благословени од врвот на РПЦ свештениците кои одат на фронтот, во рововите и ги благословуваат оние кои ги убиваат нападнатите Украинци, вклучувајќи ги и цивилите и малите деца!“, пишува Љубомир Костовски во анализата РУСКИ СВЕШТЕНИЧКИ ИСПОВЕДИ: Забрането ни е да се молиме за мир!
Д. Муратов