Онкологија под лупа на надлежните институции
Скандалот со злоупотребата на лековите на клиниката за Онкологија веќе неколку дена ја бранува јавноста. Министерството за здравство, МВР, Јавното обвинителство и други надлежни институции денеска се изјаснија по случајов, во форма на соопштенија или прес конференции.
Министерот за здравство Фатмир Меџити и в.д. директорите на клиниката в.д. директорите на Клиниката за онкологија д-р Виолета Клисаровска и Халид Матоши, денеска на прес конференција рече дека тие имаат увид во она што се случувало на Клиниката за онкологија, дека се што е побарано од нив од МВР и од обвинителството им е дадено, но за тоа кој е одговорен за криминалот таму одговори треба да даде обвинителството. Тие потенцираат дека потенцираа дека во овие шест месеци терапијата за пациентите е безбедна и сигурна и дека нема манипулации со терапијата.
Меџити и Клисаровска побараа да не се ставаат сите доктори во ист кош и ги уверуваа пациентите дека сега нема проблеми со терапијата, и замолија да нема шпекулации за дополнително да не се вознемируваат пациентите.
Од Јавното обвинителство и Министерството за внатрешни работи информираат дека врз основа на своите законски надлежности, интензивно се преземаат дејствија за испитување на наводите за евентуално сторени кривични дела поврзани со третманот на пациенти и работата на Клиниката за онкологија, и во тој контекст информираат дека веќе се издадени соодветните наредби за анализа на одземените компјутери и компјутерски податоци при претресите, како и дека истражните органи вршат распити на сите лица кои имаат сознанија за противправни дејствија.
„Секој еден кој бил инволвиран, без разлика на позиција, ќе одговара. Посебен тим од Крим полиција работи во координација со Основното јавно обвинителство, направен е целосен план во однос на постапување и интензивно се работи на прибирање на информации“, изјави министерот за внатрешни работи Оливер Спасовски за случајот со Клиниката за онкологија.
Граѓани ќе протестираат во Скопје поради случајот со Клиниката за онкологија. Како што е соопштено, протестот ќе почне од 18 часот пред Влада, а потоа ќе продолжи пред Министерството за здравство.
ИЗЈАВА НА ДЕНОТ
Пендаровски: Крајно време е системот да потврди дека сме способни да ја прекинеме културата на неказнивост
„Во насока на целосно расчистување на оваа огромна афера, ги поздравувам досега преземените дејства од страна на Јавното обвинителство и Министерството за внатрешни работи. Во исто време повикувам на брзо и ефикасно комплетирање на истрагата и на судско-обвинителско процесуирање без селективност и соодветна казна за сите за кои ќе биде докажано дека сториле тешки дела против здравјето на луѓето. Потполно го разбирам гневот на граѓаните кои повикуваат на мирни протести, барајќи одговорност од оние кои заработувале на маките на најтешко болните наши граѓани. Крајно време е системот да потврди дека сме способни во пракса, а не само со зборови да се справуваме со тешките облици на организиран криминал и корупција и конечно да ја прекинеме културата на неказнивост за сериозни прекршувања на законите“ изјави претседателот Пендаровски.
ФЛЕШ ВЕСТИ
УСТАВНИ ИЗМЕНИ Власта уверува дека ќе се постигне бројката од 80 пратеници за уставните измени, опозицијата, пак, опстојува на ставот против промена на Уставот.
СОРАБОТКА Државната изборна комисија (ДИК) денеска склучи Меморандум за соработка со Здружението за европска социјална инклузија ЕСИ НЕЛИС од Скопје.
ПРОТЕСТИ Пензионерите се организираат да дојдат на 20-ти септември во Скопје и да направат масовен протест доколку не се прифати нивното барање за линеарно зголемување на пензиите по 3.500 денари , место процентуално, согласно Законот за пензиско и инвалидско осигурување
ВОЈНА ВО УКРАИНА
Претседателот на Турција, Реџеп Тајип Ердоган денеска во Сочи ќе разговара со својот руски колега Владимир Путин за одржливоста на Црноморскиот договор за жито под новите услови на ОН.
*
Украинскиот претседател Володимир Зеленски објави дека одлучил да го разреши министерот за одбрана Олексеј Резников и да побара од парламентот да го замени оваа недела со Рустем Умеров, шеф на најважниот украински приватизациски фонд. Најавата за разрешување што Зеленски во своето ноќно видео обраќање до нацијата може да го потресе украинскиот одбранбен естаблишмент, најсериозно од почетокот на руската инвазија.
АЛ-ПРЕС
Септември годинава почна жестоко и со новости на политички план во Албанија, каде што некои ќе имаат среќа, а други ќе бидат под стрес од „рулетот“ на СПАК, пишуваат албанските медиуми на почетокот на новата политичка сезона, а косовските аналитичари фрлаат сомнеж во насока на мерките на ЕУ кон Косово, за кои велат дека може да бидат услов за формирање на Заедницата, и други теми во денешниот редакциски избор на ЦИВИЛ Медиа.
СЛОБОДНА ЗОНА
„Бугарскиот диктат“, „плановите“ на Европа и светот да го скршат „стоицизмот“ на Мицкоски се дел од вокабуларот со кој ВМРО се обидува да го оправда ставот против уставните измени, а со тоа и нивниот став против отстранувањето на пречките во патувањето на државата кон полноправно членство во ЕУ – Дестан Јонузи во колумната „Скопски „диктат“!“.
„Веројатно веќе заклучивте дека пријателот е вмровец. Да, вмровец е и тоа тежок вмровец. Ама ова „тежок“ сфатете го во позитивна смисла. Разумен човек, кој на црното кажува црно и на белото бело. Безброј пати ги пцуел „неговите“ кога мислел дека не се во право.“, пишува авторот Војо Маневски во колумната „Ореволадни муабети“.
БРЗА ПОШТА
„Очекувам ОЈО, во најбрз можен рок да ги открие, и најстрого да ги казни сторителите на ова монструозно недело, за во иднина ваквите и слични човечки трагедии да не се злоупотребуваат за деструктивна пропаганда и дезинформации за ситни политички поени од страна на опозициските партии.“, брза пошта „Неутралните чкорчиња на опозицијата за потпалување“, од Драган Мишев.
МРЕЖА
“Дали само Македонецот боледува од рак? И дали знаете дека превалентноста на ракот кај Албанците (поради понизок квалитет на живот, понизок степен на свесност за здрава нутриција, и редовни превентивни здравствени прегледи) е повисока во споредба со Македонците? Сакам да кажам дека ако се украл лекот од пациенти од Македонија, меѓу тие пациенти на кои им е одземено правото на живот, голем процент се токму Албанци. Конечно, треба здружен пристап против криминалот а не да се мери кој етникум е помалку/повеќе криминализиран.“, дел од Фејсбук статус од Агим Селами- ЗИП институтот.
БЕЗ ФИЛТЕР
„Оценката дека дваесет години во Онкологија немало справување со проблемите – не е точна. Здравството во целост – откако знам за себе – е морбиден простор за предвремена смрт на едни и богатење на други. Уште од времето на социјализмот па наваму, речиси сите семејни трагедии ми се поврзани со тие злокобни болнички ходници.“, пишува Џабир Дерала во колумната „Политикантска банда што профитира од лагите, а најмногу од тагата и гневот на обичните луѓе“.
Д. Тахири