Започна официјалната кампања за претседателските избори
Кандидатите за шеф на државата стартуваат со изборните каравани. Секој со своја програмa и со ветувања дека ќе обединуваат, влегуваат во трка за прибирање што повеќе гласови. Копја на терен, ќе кршат седум кандидати за фотелјата во вила Водно.
На овие избори ќе учествуват актуелниот претседател Стево Пендаровски поддржан од СДСМ, а потоа Гордана Силјановска Давкова од ВМРО-ДПМНЕ, Билјана Ванковска од „Левица“, Арбен Таравари од коалицијата „ВЛЕН“, Бујар Османи од коалицијата „Европски фронт“, Стевчо Јакимовски од ГРОМ, и Максим Димитриевски од „Движењето ЗНАМ – За наша Македонија“.
ИЗЈАВА НА ДЕНОТ
Столтенберг: Единството на Европа и САД е во НАТО
-На Европа и се потребни САД за нејзината безбедност. Праведно споделување на тежината е од решавачко значење. Европа троши повеќе, а оваа година повеќето сојузници ќе потрошат најмалку два отсто од БДП за одбрана. На Северна Америка и е потребна Европа. Со НАТО, САД имаат повеќе пријатели и сојузници од која било друга голема сила. Не верувам во самостојноста ниту на САД, ниту на Европа, изјави генералниот секретар на пактот Јенс Столтенберг, на денешното одбележување на 75-годишнината од потпишувањето на Вашингтонскиот договор.
ВОЈНА ВО УКРАИНА
- Руските агресори го нападнаа градот Харкив со беспилотни летала во текот на ноќта во четвртокот, при што загинаа најмалку четири лица, а беа повредени уште десет, објави на Телеграм градоначалникот на Харкив, Ихор Терехов, пренесува Укринформ.
- Шефот на украинската дипломатија, Дмитро Кулеба, денеска ги повика членките на НАТО да и обезбедат на неговата земја повеќе системи „Патриот“.
- Поранешниот француски претседател Франсоа Оланд денеска препорача француската Влада да нема „никакви контакти“ со Русија откако Москва го искористи во свои пропагандни цели телефонскиот разговор меѓу францускиот министер за вооружени сили Себастиен Лекорну и неговиот руски колега Сергеј Шојгу
КОНФЛИКТИ
- По смртта на седумте работници на Светската централна кујна (WCK) за време на израелски воздушен напад во понеделникот вечерта, бродскиот конвој со 240 тони не-испорачана хуманитарна помош за цивилите во Појасот Газа е вратен во Кипар.
- САД најавија дека формирањето на независна палестинска држава треба да се бара преку директни преговори меѓу страните, а не преку Обединетите нации.
АЛ-ПРЕС
Редакциски избор од албански медиуми во регионот: Рама најави брендирана воена платформа „Made in Albania“, во Брисел денеска продолжуваат преговорите за српскиот динар; КФОР ја потврди подготвеноста за спречување ескалации на северот на Косово
ИЗБОРНА ХРОНИКА
На првиот ден од кампањата за претседателските избори, дел од кандидатите најавија промовирање и презентирање на изборните програми и отворање на изборни штабови.
Во Скопје денеска беше отворен централниот штаб на претседателскиот кандидат на СДСМ, Стево Пендаровски во рамките на започнување на изборната кампања.
Бујар Османи, претседателскиот кандидат од ДУИ, денеска на прес-конференција го најави почетокот на караванот на „Европскиот фронт“ на претседателските избори.
Под мотото „Го враќаме достоинството на нацијата“ професорката Билјана Ванковска денеска официјално ја започнува кампањата за претседателка на државата.
Со слоганот „Македонија повторно твоја“ кандидатката на ВМРО-ДПМНЕ Гордана Силјановска-Давкова ја почнува кампањата со митинг пред зградата на Владата.
Претседателскиот кандидат на Движењето ЗНАМ, Максим Димитриевски од Крушево ќе ја почне кампањата за претседателските избори.
Коалицијата „Храбро за Македонија“, предводена од ГРОМ, ПЦЕР и ИНТЕГРА го промовираше Стевчо Јакимовски, лидер на ГРОМ, за кандидат за претседател на Северна Македонија на претседателските избори.
Претседателскиот кандидат на коалицијата „ВЛЕН“, Арбен Таравари, вчера ја презентираше претседателската платформа заснована на четири столба.
Подготви: Д. Тахири