ВЕСТ НА ДЕНОТ
Пуштена во употреба делницата Фариш – Дреново од експресниот пат А1, дел од коридорот 10
Пуштена е во употреба делницата Фариш – Дреново од експресниот пат А1, дел од коридорот 10д, се скратува времето за патување. Од денеска, отворена е за сообраќај и оваа делница. Проектот е со вкупна вредност од 44,74 милиони евра и е финансиран со заем од ЕБОР (Европска банка за обнова и развој). На пуштањето денеска присуствуваа премиерот Христијан Мицкоски, министерот за транспорт и врски Александар Николоски и директорот на јавното претпријатие за државни патишта, Коце Трајановски.
ИЗЈАВА НА ДЕНОТ
„Капацитетите што ги имаат се таму. Тие можат да имаат, знаете, за неколку месеци, би рекол, неколку каскади од центрифуги што се вртат и произведуваат збогатен ураниум, или помалку од тоа. Но, како што реков, искрено кажано, не може да се тврди дека сè исчезнало и дека таму нема ништо. Јасно е дека имало сериозна штета, но тоа не е целосна штета. Иран има капацитети таму; индустриски и технолошки капацитети. Значи, ако сакаат, ќе можат повторно да почнат да го прават ова“, изјави генералниот директор на Меѓународната агенција за атомска енергија (МААЕ), Рафаел Гроси, во емисијата „Face the Nation with Margaret Brennan“ на CBS.
РЕГИОН
Повеќе граѓани беа приведени утрово (30 јуни) по вчерашните протести во Белград. Според медиумите, полицијата ги отстрани сите блокади на протестите на патиштата во Белград, соопшти Министерството за внатрешни работи на Србија (МВР). Полицијата ги отстрани барикадите и во други градови, каде што демонстрантите ги поставија на десетици локации претходната вечер (29 јуни) – како форма на „граѓанска непослушност“ по големиот студентски протест во Белград. Во полициското соопштение не се наведува бројот на приведени лица откако беа отстранети блокадите на патиштата.
СВЕТ
Економските санкции на ЕУ кон Русија продолжени за уште шест месеци
Советот на ЕУ денеска за уште 6 месеци, до 31 јануари 2026 година, ги продолжи економските рестриктивни мерки на Унијата воведени поради континуираните активности на Русија насочени кон дестабилизација на состојбата во Украина. Овие санкции опфаќаат широк спектар на секторски мерки, кои вклучуваат ограничувања во трговијата, финансиите, енергијата, технологијата, стоките со двојна намена, индустријата, транспортот и луксузните стоки. Тие, исто така, опфаќаат забрана за увоз или трансфер на сурова нафта и одредени нафтени деривати од Русија во ЕУ, исклучување на неколку руски банки од СВИФТ системот и суспензија на активностите и акредитациите на неколку медиуми поддржани од Кремљ. Дополнително, пакетот опфаќа и специфичните мерки за справување на заобиколувањето на санкциите.
АЛ-ПРЕС
Редакциски избор од албански медиуми: Обвинетите за Бањска го обезбедуваа Вучиќ за време на протестите; Косовското Специјално обвинителство поднесе обвинение за воени злосторства против двајца Срби; Прво рочиште во Специјалниот суд за случајот „Партизани“.
ПРАШАЊЕ НА ДЕНОТ: Што мислите за ситуацијата во Србија?
ИНТЕРВЈУ
„И годинава не е на повидок завршување на војната во Украина, а Русија во наредната деценија нема да претставува сериозен воен предизвик за НАТО и покрај огромните политички, економски, социјални и низа други последици врз европскиот континент заради руската агресија врз Украина. Со оглед на четиригодишното војување во Украина, НАТО треба да ги прилагоди сите свои воено-политички стратегиски предизвици врз база на искуствата од овој конфликт“, изјави Сашо Орданоски во интервјуто за ЦИВИЛ Медиа, дел од серијалот „НАТО лидерски самит 2025: Предизвици и перспективи“.
СЛОБОДНА ЗОНА
„А кога сме кај исхраната, не знаев дека фалат јајца. Доколку му фалат јајца на Мицкоски, слободно нека ми се обрати, јас ќе му дадам од моите, имам јас вишок јајца. Такво ми е производството – солидно и природно. Моите кокошки не се фармерски, но се стратешки функционални, и затоа имам јајца. Ете и таа тема околу јајцата и нивното стратешко значење ја затворивме“, пишува Оливер андонов во колумната „Едногодишен помен“.
Подготви: Б. Јордановска