ВЕСТ НА ДЕНОТ: Државата го подигна нивото за заштита од КОВИД-19
Без итна потреба да не се патува во критичните региони во северна Италија, а патниците кои доаѓаат од таму ќе бидат под засилена здравствена контрола на граничните премини, и по потреба ставени во изолација во медицинска установа. Државата го подигна нивото на заштита и превенција од коронавирусот Ковит 19, особено по неговото ширење во италијанските региони Ломбардија, Венето и Емилија-Ромања каде што престојуваат околу 23.000 државјани на Северна Македонија.
Засега, според информациите на нашите ДКП во Италија, нема заболени македонски граѓани од коронавирусот.
Сепак, сите патници кои ќе доаѓаат во земјава од критичните региони во северна Италија, ќе бидат детално инервјуирани, прегледани и по потреба тестирани. Ќе се упатуваат и пропуштаат само на неколку гранични премини – Богородица, Блаце, Деве Баир, Табановце и Ќафасан со цел контролата да биде што поконцентрирана.
Јавноста да не наседнува на лажни вести и да не се крева паника без потреба. Здравствениот систем е подготвен и спремни се сите капацитети на Клиниката за инфективни болести и на трите инфективни одделенија во Штип, Велес и Гостивар, изјави денеска министерот за здравство Венко Филипче.
Апелираше патниците кои доаѓаат од критичните региони да се придржуваат до препораките во упатството, односно доколку почувствуваат некои од симптомите, да не шетаат по здравствените установи, туку да се јават на телефонските броеви на Институтот за јавно здравје.
– Со цел да не шетаат по здравствените институции, тие патници кои во моментот немаат никакви симптоми, а може да се во инкубациски период и кај кои евентуално по неколку дена се јават симптоми, да се јават на еден од телефонските броеви на локалните центри за јавно здравје и на Институтот за јавно здравје за да може тим соодветно опремен да ги посети во нивните домови, рече Филипче.
БЛИЦ: Кога беа на власт ги бранеа судиите – денес ќе протестираат против истите судии!
Муратов: Тие што денеска ќе протестираат за „правда“ тогаш организираа контра-протест, и пред Уставниот суд, во Скопје, поставија дури и шатори за „да го одбранат судот“. Контра-демонстрантите тогаш „спонтано“ се собраа пред Уставниот суд за да ги заштитат судиите и да им застанат на патот на како што велеа „опозициските невладини организации“ и на тогашната опозициска партија СДСМ.
ПОЛИТИЧКИ ОКЕЈ КОРАЛ: Каде води маршот за правда?
Кампањата за претстојните парламентарни избори во април официјално сè уште не е започната, но, „главните“ две политички партии неофицијално ја водат таа битка, кој ќе успее да го убеди народот дека е во право и кој се бори за „вистинската правда“.
ИЗЈАВА НА ДЕНОТ: Деркоски: Нема одредби за интервенција при злоупотреби во периодот меѓу распишување на изборите и почнување на изборната кампања
НЕ ПОМАЛКУ ВАЖНО:
Течат роковите за подготовка на предвремените парламентарни избори на 12 април. Утре почнува рокот за собирање потписи на избирачите за кандидати за пратеници и за јавен увид во Избирачкиот список.
*
Судењето за случајот „Транспортер“ продолжува на 2 март, кога треба завршни зборови да дава обвинителството.
*
Судењето за изборни нерегуларности „Титаник“ продолжува на 5 март поради отсуство на обвинението Кирил Божиновски.
*
Заложби за силна, стабилна и обединета Европа и целосна интеграција на Западниот Балкан во Европската Унија изразија министрите за надворешни работи на западнобалканските земји и од членки на ЕУ кои граничат со регионот, на конференцијата на високо ниво насловена „Од Солун до Загреб”, што вчера се одржа во грчкиот град Солун.
*
Државата напредува, било оценето на денешната средба на претседателот на Владата, Оливер Спасовски со Валтер Дефа, посебен советник за економија на премиерот, назначен директно од германската канцеларка Ангела Меркел, при што се поздравени направените реформи и определбата за видливи промени во делот на имплементацијата.
*
Вицепремиерката задолжена за економски прашања Мила Царовска смета дека покачувањето на минималната плата ги дало очекуваните резултати, односно дека го стимулирало зголемувањето и на останатите плати, што според неа, може да се види од растот на просечната плата во државата.
*
ВМРО-ДПМНЕ одржа протест пред Јавното обвинителство.
*
Ниту еден избирач нема да може да гласа без важечки личен документ на предвремените парламентарни избори на 12 април, предупреди денеска претседателот на Државната изборна комисија Оливер Деркоски, апелирајќи до граѓаните да ги искористат сите можности на институциите и да извадат лични документи, да се запишат или да променат одреден податок во Избирачкиот список.
ЦИВИЛНИ АКТИВНОСТИ
СКЕН – политички видео магазин: Со Преспанскиот договор или на него
Повик за краткорочни изборни набљудувачи на ЦИВИЛ од целата земја
Со оглед на зголемениот интерес, како и можностите да се зголеми обемот на изборниот мониторинг, ЦИВИЛ ги повикува своите членови, поддржувачи и учесниците на семинарите за граѓанско новинарство, набљудувачите на претходните изборни процеси, како и сите заинтересирани полнолетни граѓанки и граѓани да аплицираат за краткорочни изборни набљудувачи.
ЛИНК ДО АПЛИКАЦИЈА
Функционери и активисти на политички партии немаат право на учество на овој повик. Не е дозволено да се биде набљудувач на две организации истовремено.
Предност во процесот на избор за набљудувачи, како и секогаш, имаат членовите и поддржувачите на ЦИВИЛ, поранешни набљудувачи, како и оние што учествувале на семинарите за граѓанско новинарство.
СЛОБОДНА ЗОНА
„Импресивна е и самата идеја на опозицијата дека со продолженото малтретирање на правосудството, како главна предизборна тема, може да се врати на власт во државата. Очигледно, ова раководство на ВМРО-ДПМНЕ ги третира своите илјадници гласачи како заложници на проблемите на врхушката во партијата, им има ставено пиштол на слепоочница и се заканува дека ќе изврши масовна партиска егзекуција доколку не им се удоволи на радикалните анти-правни барања“, пишува Сашо Орданоски во „Заложничка криза со среќен крај?“.
„Со Преспанскиот договр, со елиминирање на пречката за интегративните перспективи, со уставните интервенции, со новото име, со новата регистрација во ООН, со преиемот во Алијансата, со затворањето на Рамковниот, со договорот со Бугарија и конечно со приемот на земјава во НАТО, ете ги извесните гаранции за интегрирана, побезбедна, унитарна Македонија“, пишува Зоран Иванов во „За друго вакво време малку ќе почекаме“.
„Јас не сум политичар и немам намера да бидам. Надобудните пци на лажната совест во наплив на суета или притаени политички амбиции го избираат погрешниот начин. Јас и луѓето како мене сме им погрешна мета. Се разбира, освен ако нивната приказна не е дел од поголем, мрачен план“, пишува Џабир Дерала во „Суетата, злобата и потценувањето се предворје на садистичкиот режим“.
„Почитуван и легитимен претседател на една политичка партија има право и должност да протестира за правда. Но за правда! Не за злоупотреба, спречување или превртување на правдата! Пред да протестирате, требаше да дадете барем еден сигнал за правда и правна држава! Една причина ќе наведам како Албанец, а сите други како граѓанин на оваа земја“, пишува Арбен Зеќири во „Дајте му на Мицкоски да го чита пред протестот!“
Ангела Петровска
во соработка со: Дехран Муратов, Маја Ивановска, Биљана Јордановска