коментира: Дехран Муратов
Една недела по маршот за правда на СДСМ, лидерот на ВМРО ДПМНЕ, Христијан Мицкоски, денес ги повика членовите и симпатизерите на партијата да присуствуваат на (контра)протест за правда, односно да протестираат против судиите кои „не работат како што треба“.
Но, да потсетиме дека пред четири години, на 15 март 2016 година, граѓанската иницијатива „АЈДЕ“ организираше протести против Уставниот суд, против инцијативата за укинување на делови од Законот за помилување, со што на претседателот на државата му се овозможи помилување на лица поврзани со изборeн криминал, но и на сторители на други тешки кривични дела, како педофили, дилери на дрога, силувачи…
Но, тие што денеска ќе протестираат за „правда“ тогаш организираа контра-протест, и пред Уставниот суд, во Скопје, поставија дури и шатори за „да го одбранат судот“. Контра-демонстрантите тогаш „спонтано“ се собраа пред Уставниот суд за да ги заштитат судиите и да им застанат на патот на како што велеа „опозициските невладини организации“ и на тогашната опозициска партија СДСМ.
„Јас сум Македонец и дојдов да ја бранам Македонија, не може некој да најави дека ќе го запали Уставниот суд. Ние сме дојдени да го одбраниме судот и ќе бидеме тука, па кој сака, нека дојде да го запали, да видам дали ќе може“, изјави контра-демонстрантот – бранител на Уставниот суд (15 март 2016).
Истиот „бранител“ во видеото на ЦИВИЛ Медиа, сега е осуден на затворска казна за тероризам и обид за убиство на лидерот на Алијанса на Албанците, Зијадин Села, при упадот во Собранието на 27 април 2017 година.
Организаторите кои со години наназад формираа контра-здруженија, контра-синдикати, па дури и контра-демонстрации и протести, денеска ќе протестираат за „правда“. А и не знаат за нешто друго, научени се секогаш да се „контра“, дури и времето на протестот е во 18 часот, копирано од времето на Шарената револуција „секој ден во шест“ пред СЈО.