ВЕСТ НА ДЕНОТ: Потврден првиот случај на корона вирус во земјава
Министерот за здравство Венко Филипче денес на прес-конференција во Владата потврди дека во Македонија е регистриран првиот случај на новиот коронавирус. Станува збор за пациентка родена 1970 година од Скопје, којашто престојувала еден месец во Италија а веднаш по пристигањето во Македонија, се упатила на клиника, по двонеделно боледување. Таа патувала со комбе, преку Табановце, а потоа со друго домашно возило лицата биле пренесени од наплатната рампа Табановце до скопската клиника.
Пациентката во раните утрински часови е хоспитализирана во Инфективна клиника во Скопје, во одделот за изолација. Се третира соодветно,епидемиолошките анализи укажуваат на тоа дека таа 1 месец била во Италија, а веќе две недели била болна и иницијално се третирала во Италија. Таму не е тестирана за коронавирус – рече министерот Филипче.
– Тоа ни дава за право да сметаме дека инкубацијата е од одамна помината и дека таа при транспортот не претставувала опасност да ја пренесе болеста, но постапуваме по сите протоколи и сите патници кои патувале со неа ќе бидат идентификувани, тестирани и ставени во 14-дневна изолација – додаде Филипче.
Д-р Жарко Караџовски изјави дека стручна екипа од Институтот за јавно здравје веднаш заминал на Инфективната клиника за да направи епидемиолошка анкета и увид на лицето.
„Едно позитивно лице не претставува ризик за останатото население. Упатувам смирувачка порака дека нема простор за паника. Спремни сме за половина час да мобилизираме екипа и она што за мене е битно е дека ние владееме со состојбата. Не можеме да го спречиме трансферот на луѓе, стока, пари и капитал, но имаме контрола врз ситуацијата“, рече тој.
Караџовски изјави дека граничната полиција постапува согласно протоколите, односно на сите лица кои влегуваат во земјава им се поставуваат 6 епидемиолошки прашања и ако тие изјават дека имаат одредени симптоми на болеста, тие лица се тргаат на страна. Епидемиолошката служба што дежура на скопскиот аеродром пак, прават скенирање со термо камера и вршат епидемиолошка анкета, а лицата со симптоми на болеста ги тргаат на страна во просторијата за изолација.
Премиерот Оливер Спасовски упати смирувачка порака, велејќи дека нема причина за паника.
„Сите државни служби се во целосна подготвеност, нема причина за паника, бидејќи воспоставена е контрола и преземени се сите мерки во согласност со протоколите. Преминуваме во следната фаза на справување. Граѓаните треба да се придржуваат до препораките од Министерството за здравство, а институциите имаат стручни кадри и опрема“, изјави Спасовски.
БЛИЦ: Баксузот на ВМРО-ДПМНЕ
Џабир Дерала: Контрапротестот го организираа и водеа познатите ликови, најголем дел од нив со обвиненија и истраги за тешки криминали. Три прста, национализам, Вергини, Заев-Заев-па-Заев во долгиот и здодевен говор на Мицкоски, мрачна атмосфера, посетеност, според проценките, помала од онаа на СДСМ…
ПОЛИТИЧКИ ОКЕЈ КОРАЛ: Предизборни подготовки и упатства до граѓаните
Граѓаните на Република Северна Македонија се наоѓаат пред уште еден изборен процес. Од денеска ќе имаат увид во Избирачкиот список, а одговорните институции апелираат граѓаните да си ги проверат своите податоци, и да пријавуваат евентуални нерегуларности.
НЕ ПОМАЛКУ ВАЖНО:
Последните измени на Законот за аудио и аудиовизуелни медиумски услуги беа донесени на крајно нетранспарентен начин, во процес којшто не беше инклузивен и тоа пред самото донесување на Одлуката за распуштање на Собранието и на Решението за распишување на Предвремените парламентарни избори за пратеници, реагираа денеска од АВМУ, по најавата дека операторите ќе прекинат со реемитување на домашните и странски канали.
Министерот за информатичко општество и администрација Дамјан Манчевски апелираше на разум и повика на дијалог со кабелските оператори. Од Здружението на Информатичко комуникациските технологии вратија дека се подготвени на дијалог со сите засегнати страни.
Здружението на информатичко-комуникациски технологии, во реакција на денешната прес-конференција на Македонската медиумска асоцијација истакнуваат дека ги осудуваат најостро, како што велат, неоснованите обвинувања искажани од страна на членките на ММА – Сител, Телма, Канал 5, Алфа и Алсат-М и најавуваат содветни судски постапки. На Барањето на петте телевизии со закон да се наметне ограничување за странските канали за да можат да се реемитуаат во земјава значи директно кршење на Директивата за реемитување и Директивата за „телевизија без граници“ и претставува обид за вовед во цензура, се вели во реакцијата. Ваквиот јавно изкажан став на ММА јасно укажува дека мотивите и крајната цел за ваквото брзо носење на измените на ЗААВМУ било токму притисокот со ваквиот закон да се намали бројот на ТВ канали кои ќе се реемитуваат во земјава.
*
Со положување венци на гробот и на спомен обележјата во чест на поранешниот претседател Борис Трајковски денеска се одбележа 16-годишнината од неговата смрт.
Делегација на Владата предводена од министерот за информатичко општество и администрација Дамјан Манчевски, заедно со министерот за образование и наука Арбер Адеми и министерот за земјоделство, шумарство и водостопанство Трајан Димковски, положија цвеќе на гробот на претседателот Трајковски на Градските гробишта Бутел во Скопје.
*
Во Основниот кривичен суд во Скопје денеска се одржа рочиште за судскиот процес за организаторите на насилствата од 27 април во Собранието. Судскиот процес се наоѓа на почеток, а минатото рочиште се одложи за обвинетите да извршат увид во доказите од предметот.
Обвинителството ќе докаже дека обвинетите кои седат во оваа судница изготвиле план со намера за загрозување на уставниот поредок и безбедноста на државата со акти на насилство да спречат мирно примопредавање на власта како резултат на што беше настанот што се случи на 27 април 2017 година познат како „крвавиот четврток“, е дел од обвинителниот акт, што денеска во судница на рочиштето за судскиот процес за организаторите на насилствата од 27 април го прочита обвинителката Вилма Рускоска.
ЦИВИЛНИ АКТИВНОСТИ
Со оглед на зголемениот интерес, како и можностите да се зголеми обемот на изборниот мониторинг, ЦИВИЛ ги повикува своите членови, поддржувачи и учесниците на семинарите за граѓанско новинарство, набљудувачите на претходните изборни процеси, како и сите заинтересирани полнолетни граѓанки и граѓани да аплицираат за краткорочни изборни набљудувачи.
Функционери и активисти на политички партии немаат право на учество на овој повик. Не е дозволено да се биде набљудувач на две организации истовремено.
Предност во процесот на избор за набљудувачи, како и секогаш, имаат членовите и поддржувачите на ЦИВИЛ, поранешни набљудувачи, како и оние што учествувале на семинарите за граѓанско новинарство.
СЛОБОДНА ЗОНА
„Ако не нè отепа, вирусот ќе нè направи посилни!“ е насловот на денешната колумна на Сашо Орданоски, кој меѓу другото, пишува – „Логично, следното ќе биде да се откажат сите предизборни политички собири, митинзи, протести, маршеви… Каква непланирана, вонредна убавина! Во комбинација со најавената закана за прекинување на преносот на сите домашни телевизии на кабловските оператори, Македонија наеднаш станува многу попристојно место за живеење! Е, тоа се вика грижа за здравјето на нацијата“.
Зоран Иванов од корнер се осврна на предизборните активности на политичките партии во колумната „На иста патека но во спротивна насока“. „Уникатно е што и покрај сите заклетви пред граѓаните и после сите транзиции и премрежија, СДСМ и ВМРО-ДПМНЕ како најодговорни политички субјекти за функционирање на сѐ, на буквално се`во државата, не смогнаа барем малку свест и барем ронка заедничка политичка волја да му дозволат на правосудството професионално да си се спаструва. Ако целта им е иста, наместо на улица, наместо да маршитраат со непомирливи концепти, ќе беше понормално марширањето да го стават на маса. Да го сторат тоа заедно, онака политички одговорно“.
Дијана Тахири
во соработка со: Маја Ивановска