ЕУ интеграции, борба против дезинформациите и хибридните закани, антикорупција, правда, попис, избори, антинационализам, зелени вредности и човекови права, се дел од темите на кои ќе се говори на конференцијата на ЦИВИЛ под наслов „Перспективи 2021“ која ќе се одржи на 25 декември, со почеток во 12 часот.
Учесниците на Конференцијата ќе фрлат поглед наназад, кон постигнувањата и промашувањата, како и кон идната 2021 година. Кои се очекувањата, препораките и прогнозите за Северна Македонија во претстојната година? По повод конференцијата, ЦИВИЛ МЕДИА направи и анкета со граѓанките и граѓаните на Скопје, а тимот на ЦИВИЛ ќе подготви низа видео материјали и прилози со извештаи и анализи, со кои ќе се обиде да ги отвори и да ги објасни перспективите во низа критични теми и области.
Конференцијата ќе биде пренесувана во живо, на Фејсбук профилот, како и на видео каналот на ЦИВИЛ.
Агендата на конференцијата е набиена и динамична, секој говорник ќе говори најмногу пет минути, а онлајн заедницата ќе има можност да коментира и поставува прашања. Освен конференцијата, ЦИВИЛ на својата медиумска платформа ќе објави серија содржини значајни за сегашноста и иднината на Северна Македонија за време на новогодишните и божиќните празници.
ЦИВИЛ упатува повик до сите заинтересирани авторки и автори да дадат свој придонес со текст, фотографија, (селфи) видео или да закажат термин за снимање, најдоцна до 24 декември, доколку сакаат да бидат дел од Конференцијата. Се разбира, Редакцијата останува отворена за прилози на овие теми со посебен акцент на перспективите во 2021 и по датумот на одржување на Конференцијата на ЦИВИЛ.
ЦИВИЛ Тим за комуникации