ВЕСТ НА ДЕНОТ Обвинителството во случајот „Трезор” предложи конфискација на имот
Обвинетите во случајот „Трезор” кривичните дела ги сториле од лукративен карактер, изјави во завршните зборови на овој процес обвинителот Артан Ајро, кој побара од Судот да го примени институтот конфискација на имот и имотна корист.
„Како имотна корист прибавена со кривично дело за правното лице ДТУ „Финзи” ДООЕЛ од Скопје, избришано од Централен регистар на 18.02.2011, за кој конфискација да се изврши на парични средства од денарска сметка во Охридска банка во вредност од 838.106 денари и девизна банкарска сметка 145.619 евра, како и конфискација на ПМВ Ауди А4 со проценета вредност од 1.026.285 денари“, побара обвинителот Артан Ајро.
Во „Трезор“ првообвинет е поранешниот директор на УБК Сашо Мијалков, како и поранешниот шеф на неговиот кабинет Тони Јакимовски, поранешниот помошник-министер во МВР, Небојша Стајковиќ, и поранешениот началник на Петтата управа во МВР, Горан Грујевски.
ИЗЈАВА НА ДЕНОТ
„Апелирам до граѓаните да се самопопишат, тоа е едноставна процедура и брзо се завршува. Податоците што се даваат се безбедни, максимално заштитени и ќе се користат само за статистички цели. Дополнителниот конкурс за попишувачи заврши во саботата и се пријавија над 2600 попишувачи, некаде 800 повеќе од потребното. Во следните денови продолжува дистрибуцијата на материјалите потребни за работа на комисијата за пописните и обуките на реонските инструктори. Се оди по планот и нема одложување на никакви процедури“, изјави Јасмина Ѓорѓиева од Државниот завод за статистика.
ФЛЕШ ВЕСТИ
ЗАКАНИ И РЕАКЦИЈА Профилот под името Арбен Есати им се заканува на новинарите на Без цензура, ТВ 21, Газета Експрес, Тетова Сот, Коха ТВ, Коха Њуз, Куманова Сот, Шења ТВ, Лајмпрес… дека „Ќе ви ги сечам прстите“, „Јас работата ќе ја загубам, ама вам животот ќе ви го земам каде и да сте“, „Не полицијата, туку ни војската не може да ве спаси, жените, вас и сестрите ќе ви ги силувам. Скриншотот е само последната од низата закани и е јавна, а до ЦИВИЛ стигнаа пријави дека тој пишувал и приватни закани и на неколку редакции и новинари. ЦИВИЛ побара од институциите да преземат законски мерки во заштита на новинарите.
АНТИКОРУПЦИЈА Заев и Николовски со писмо до Собранието упатија порака дека борбата против корупцијата е целта околу која мора да се обединиме, како и на потребата од единство во носењето на Националната стратегија за спречување на корупцијата и судирот на интереси, заедно со Акцискиот план за нејзино функционирање
АНТИ-КОВИД РЕСТРИКЦИИ Владата донесе одлука да продолжи актуелната забрана и посебен режим за движење до 6 април по препорака на Комисијата за заразни болести, а заради заштита и безбедност од Ковид-19
КЛИМАТСКИ ПРОМЕНИ Експерти од различни области ќе дискутираат под мотото „Дали природата го возвраќа ударот?“ на првата дигитална климатска конференција која ќе се одржи оваа сабота (27 март), со почеток во 19:30 часот, а со која виртуелно ќе се одбележи годинашната акција Часот на планетата Земја.
СЛОБОДНА ЗОНА: ОРДАНОСКИ, КОЛОЗОВА, МУРАТОВ, ДЕРАЛА И МАНЕВСКИ
„Фактот што 98% од тие кои гласале во неделата по партиските ограноци на СДСМ го поддржале реизборот, во трет мандат, на Зоран Заев за претседател, има повеќе јасни пораки. (Не, не мислам на тоа дека во секоја трка со еден кандидат, победата е однапред позната…) Веројатно најважната е дека, она што можеше да се окарактеризира како „контроверзии“ на Заев во неколку важни државни политики (односите со Бугарија, предлогот за „политичко обединување“ дома, концептот за „Едно општество за сите“, справувањето со епидемијата и тн.) имаат масивна поддршка во партиската база на Заев, без разлика на успешноста – nota bene! – со која се спроведуваат тие политики“, вели Сашо Орданоски во „СДСМ: Заев уште долго ќе владее!“.
Корона не се фаќа на „патриотски“ протести коментира Дехран Муратов по повод викендот на протести на ВМРО-ДПМНЕ. „Стотина жени, гушнати, стуткани, без растојание од 2 метри, меѓу другото побараа и да се одложи пописот, за да се избегне физички контакт со само еден/а попишувач/ка кој/а ќе ги посетува домаќинствата (со строго почитување на здравствените протоколи и заштита од ширење на пандемијата)… Логика?“, напиша Муратов.
„Тоа што го разликуваше полицискиот час во Македонија лани од сите останати студирани во Европа и регионот е дека за негово кршење се казнуваше кривично, а не (само) прекршочно, а казните беа (или – се, не е јасно?) неспоредливи во својата драконска димензија со остатокот на Европа: додека во Германија најстрогата казна оваа зима е 500 евра, кај нас минатата година се казнуваше со 2.500 евра или затвор. Само да појаснам, овде не мислам на строгите казни за загрозување на севкупниот систем какви што ги имаше изречено лани во Шпанија за специфични случаи, туку за обичниот прекршок да се најдеш на јавно место во време на полициски час. Според погоре цитираната студија, повторно, само Македонија е таков пример“ – пишува Катерина Колозова во својата анализа Зошто Македонија сè уште оперира со полициски час од воен тип, а не curfew во услови на пандемија?.
„И сега, изборите во СДСМ – врв на демократијата!? Пред да дадам каков било коментар, ќе ги потсетам читателите од мојата генерација на емисијата „Невен“. Тие кои се сеќаваат, ќе се сетат на … „Питам се питам….. Их, та немојте касти!“, пишува Војо Маневски во денешната колумна Изгубени во демократијата.
„Во екот на „третиот бран“, кога се подготвуваат и се носат нови мерки, јавноста очекува од носителите на одлуките внимателно да ги следат искуствата од развиените демократии. Сега, повеќе од било кога, се очекува вклучување на застапниците на човековите права и слободи. Неопходно е властите да покренат и кампањи за јакнење на јавната свест, паралелно со „репресивниот“ дел од системот кој го заштитува јавното здравје. И подеднакво да казнуваат неодговорни и неразумни популисти меѓу политичарите, исто како и „обичните смртници“. Макар и прекршочно…“ – пишува Џабир Дерала во својото РАФАЛ под наслов Неспособноста на системот, молкот на граѓанското општество и криминалната неодговорност на популистите.
Б. Јордановска