По реакциите на угостителите за анти-КОВИД мерки на Владата што стапуваат на сила од 16 август и барањето за нивно укинување, одговори Владата – со порака на поддршка и уверување дека, како и во минатото, кога Владата покажа грижа и даде максимална поддршка за граѓаните, но и преку низа мерки ги стимулираше и финансиски поддржа угостителите, за ова прашање ќе се разговара со сите засегнати и ќе се донесе брзо одлука.
„Владата за надоместокот и штетите како кај угостителите така и за граѓаните ќе разговара и ќе донесе одлука во најбрзо време. Како и во минатото Владата покажа грижа и даде максимална поддршка за граѓаните, но и преку низа мерки ги стимулираше и финансиски поддржа угостителите. Очекуваме разбирање од страна на сите граѓани бидејќи мерките се нужни и се во интерес на заштита на јавното здравје“, нагласуваат од Владата.
Од највисоката институција на извршната власт порачаа дека вакцинацијата е најсигурна заштита од вирусот и со оваа мерка се обезбедува најбезбеден протокол за посета на угостителски објекти. Ваков вид мерки се спроведуваат во повеќе од 10 земји во ЕУ и секој ден нови земји се приклучуваат бидејќи истите функционираат, го штитат јавноста здравје и ја стимулираат вакцинацијата, посочуваат оттаму.
„Овој бран на корона вирусот очигледно ќе биде силен и должност на Владата е да обезбеди максимална заштита но и да ја стимулира вакцинацијата како единствено и силно оружје за борба со пандемијата“, нагласуваат од Владата.












