ВЕСТ НА ДЕНОТ Избирачкиот список на увид за граѓаните
Граѓаните со право на глас кои сакаат да се изјаснат на локалните избори закажани за 17 октомври, своите податоци во Избирачкиот список ќе можат да ги проверат уште сега преку веб-страната на Државната изборна комисија (ДИК) – www.sec.mk или на https://izbirackispisok.gov.mk/.
Официјално, јавниот увид на Избирачкиот список за изборите ќе започне на 21 август и ќе трае до 9 септември. Тогаш ДИК на увид ќе ја стави новата состојба на податоци на Избирачкиот список, што ќе се користи на денот на изборите.
ИЗЈАВА НА ДЕНОТ
Османи: За неполна година 100 придружувања кон заедничката надворешна и безбедносна политика на ЕУ

“Практично од вчера, со последното придружување, Република Северна Македонија испорача 100 придружувања кон Заедничката Надворешна и Безбедносна Политика на ЕУ за неполна година, или поточно, од септември минатата година откако јас ја презедов одговорноста да ја предводам дипломатијата. Со тоа, стапката на придружување во посочениот период порасна на над 95% што е покачување од три процентни поени споредно со последниот извештај на Европската комисија кога изнесуваше 92%. Моја интенција е наскоро овој процент да достигне 100% како израз на нашата јасна надворешно политичка ориентација кон европските и евроатлантските структури”, изјави Министерот за надворешни работи Бујар Османи, денеска на прес конференција.
ФЛЕШ ВЕСТИ
КОВИД -19 Втор ден по ред дневните ковид-статистики покажуваат повеќе од 500 нови случаи со КОВИД-19. Според податоците од Институтот за јавно здравје, во последните 24 часа се направени 5.780 тестирање, регистрирани се 588 нови случаи и 8 починати.
ПОЖАРИ Денеска до 15 часот има три активни пожари на територијата на државата. Пожарот кај селата Раовиќ – Буковиќ во Сарај, каде што гори неколку дена, и е префрлен и на дел од ловиштето Јасен. Со намален интензитет е пожарот кај селото Дивље во Петровец – местото Крушје, а гори и кај селото Топлица, информираше помошник раководителката на секторот за операции и координација при ЦУК, Марија Милкова.
ПОЛИЦАЈЦИ Во текот на изминатото деноноќие, во активностите за гаснење и превенирање на пожарите на територијата на Република Северна Македонија, од страна на МВР беа ангажирани околу 650 полициски службеници, меѓу кои и припадници на сите специјални единици на полицијата, реализирани се 221 мото-патроли и користени 163 возила, соопшти Министерството за внатрешни работи,
ОБРАЗОВАНИЕ На дваесетина дена пред новата учебна година, Министерството за образование и наука соопшти дека наставата ќе почне во редовниот термин, 1 септември, и дека се интензивни подготовките за стартот во услови на пандемија преку пристап со кој ќе се обезбеди непречено одвивање на наставата, но и заштита на јавното здравје.
ПОЧИТУВАЊЕ ПРЕПОРАКИ Првиот вицепремиер и министер за политички систем и односи меѓу заедниците Артан Груби изјави дека е откажан големиот концерт по повод прославата на 20 години од Охридскиот рамковен договор.
ЗЕЛЕНИ Со изградба на мали хидроцентрали затрупана Маркова Река, да се одземе концесијата и да се поправи состојбата, алармираат од ЕКО СВЕСТ.
СЛОБОДНА ЗОНА
„Треба да се има разбирачка за маката на угостителите. Нивниот сектор, поради пандемијата со вирусот КОВИД-19, беше и е навистина еден од најпогодените. Штетите се големи, а во некои случаи и ненадоместливи, завршувајќи со затворање на бизниси и невработени луѓе“, пишува Петрит Сарачини во неговата редовна рубрика Midnight Express, под наслов „Разбирачка за угостителите – да, но повеќекратно поголема разбирачка од онаа за сите други граѓани и здравјето – не!“.
„Проблематичниот статус на Балканoт се состои во неговото заедничко византиско и османлиско наследство. Toa го отвора и прашањето колку се меѓусебно компатибилни „културните идентитети“ на наследниците на османлиската држава со европскиот идентитет. Тие поставуваат и прашање, не само каква е перцепцијата за Балканот на Запад, туку и каква перцепција за Западот имаат луѓето кои живеат на Балкан. Со отворено прашање: Постои ли балкански идентитет?“, пишува Александар Николиќ Писарев во првиот дел од анализата „Отворен Балкан: На прав пат или во слепа улица (1)“.
„Рамковниот договор и дваесетгодишните макотрпни политички напори да заживеат новите уставни дефиниции, е таа победа на политичката кооперативност врз конфликтната исклучивост… Политичките субјекти не умееја да ги согледаат и да ги разберат, тогаш тивките, но силни политички и емотивни пораки на своите сограѓани, припадници на другите етнички заедници… Таа речиси полугодишна криза исполнета со стравови, конфликти, жртви и разурнувања, се поука што треба да се памети… Ова дводецениско јубилејно време за Рамковниот, може да е вистинското и за еден доблесен цивилизациски чин. За еден Вилибрантовски гест“, пишува Зоран Иванов во анализата посветена на Охридскиот рамковен договор, под наслов „Десет години пред него – дваесет години по него“.
Д. Тахири












