Денеска во Слободна зона: Џабир Дерала за локалните избори со национална агенда, Сашо Орданоски со крими-шпионски трилер, Војо Маневски со „незгодни“ економски прашања.
„Еден од најголемите проблеми на локалните избори во нашата (и не само во нашата) земја е што изборните кампањи се најмалку локални. На различни начини, политичките партии го водат главниот збор и тоа на национално ниво.
Еден дел од учесниците во изборната трка, едноставно, немаат локална агенда. Како и да се сврти, иако изборите се локални, агендата речиси исклучиво се базира на „големи“ теми од „национално“ и „историско“ значење“, пишува Џабир Дерала во ЕДИТОРИЈАЛОТ насловен „Стара приказна: Национална агенда за локални избори“.
„Аферата што минатата недела „експлодира“ во македонската дипломатија со притворањето на Миле Миленкоски во Врање и причината за неговото апсење е како од холивудските шпионски трилери: криумчарен олигарх, брат на претседател на нам далечна земја, авиони, милиони, тајни служби и јавен резил. Мишн импосибл, Том Круз вода може да им носи“, пишува Сашо Орданоски во колумната „Ереван-Виена виа Скопје“.
„Да почнеме од она што е основа на делувањето на секој иден или сегашен градоначалник. Како се полни и како се троши буџетот на секоја локална самоуправа? Има два дела од кој едниот е блок дотација, која се троши според ставки кои ги определува Министерството за финансии и имаат строга намена. Кога некоја ставка нема да се потроши се бара ребаланс и се гласа во Советот на локалната самоуправа. Но и овде е потребно мислење од Министерството за финансии. За блок дотациите е важно домаќинското трошење на парите. Иако во кампањите, партиите ги користат податоците кои им одговараат за пропаганда, вистината е малку подруга“, пишува Војо Маневски во неговата колумна „Буџетот не е чекмеџе без дно“.












