Како што можеше и да се претпостави, веќе по првите телевизиски дебати за градоначалничките места по општините се забавуваме со тоа како лекари, пејачи и шаренило од разни други професионалци (и оние кои тоа не се) се расфрлаат со печени-недопечени идеи за сообраќајните, еколошките и популационите проблеми на нашите градови. Некои седнале и нешто прочепкале по интернет, други главно се информираат од кафеанските маси каде што им заседаваат изборните „штабови“, а има и такви кои не ни кријат дека изборите им се шанса да ги прошетаат своите ега по телевизиите и маалските сокаци, пред да почнат посериозните есенски дождови откако заврши летното цветање на тиквите, читајте во новата колумна на Сашо Орданоски „Градоначалничките визии треба да ни ги допрат и срцата, а не само џебовите”.
ЛОКАЛНИ ИЗБОРИ
– Прес-конференција на Државната комисија за спречување корупција (ДКСК) во врска со локалните избори 2021 година, во просториите на ДКСК, во 11:00 часот.
– Коалицијата предводена од ВМРО-ДПМНЕ изборната кампања „Создади нова иднина!“ ќе ја претстави во повеќе населени места: Демир Капија, Неготино и Кавадарци.
-Прес-конференција на независниот кандидат за градоначалник на Град Скопје, подржан од ВМРО ДПМНЕ, Данела Арсовска, во изборниот штаб на ул. „Македонија“, почеток 11:00 часот
– Изјава на Александар Филиповски, кандидат за градоначалник на СДСМ и коалицијата за општина Аеродром, пред ТЦ „Бисер“ во 11:00
– Јавно претставување на кандидатите и на Локалната развојна платформа ИНВЕСТРА 2021 на ИНТЕГРА Македонската конзервативна партија во Градски парк, „Школка“,11:55
ИЗБОРЕН РАПОРТ: ЦИВИЛ ќе го емитува третото издание на „Изборен рапорт“ денеска, 29 септември, со почеток во 11:30 часот. „Изборен рапорт“ се емитува во живо, на Фејсбук страницата и на Јутуб каналот на ЦИВИЛ, со можност за медиумите да испратат екипа и да постават прашања.
ИНТЕГРАЦИИ: Еврокомесарот за проширување Оливер Вархеји денеска треба да допатува во Скопје. Предвидено е Вархеји да има средба со премиерот Зоран Заев на која ќе стане збор за напредокот во процесот на евроинтеграција на земјите од Западен Балкан. Се очекува во фокусот да биде надминувањето на бугарската блокада за старт на пристапните преговори на Северна Македонија со ЕУ.
ПОПИС: Денеска е 25-тиот, претпоследен ден од Пописот 2021. До вчера, во земјава се попишани вкупно 1.695.549 лица, 526.605 домаќинства и 752.916 станови. Освен во своите домови, граѓаните можат да се попишат и на одредени пунктови во нивните општини, што ги отвори Државниот завод за статистика.
ПРАВДА: Македонското здружение на млади правници и Хелсиншкиот комитет за човекови права денеска ќе одржат завршен настан на проектот „Елиминација на тортура и нечовечко постапување во затворите и другите установи за лишување од слобода” финансиран од Европската Унија.
ГРАЃАНСКО ОПШТЕСТВО: Дебата „30 години граѓанско општество“ ќе се одржи денеска во Скопје, во организација на Македонскиот центар за меѓународна соработка (МЦМС).Ова е завршен настан на Граѓанскиот ресурсен центар, проект финансиран од Европската Унија, а спроведуван од МЦМС во партнерство со Асоцијацијата за демократски иницијативи, Гостивар и Медиа плус, Штип.
ОБРАЗОВАНИЕ: Стопанската комора на Северна Македонија денеска на прес-конференција ќе ги презентира програмите во рамките на новоформираниот Совет за унапредување на високото образование. Програмите ќе ги презентираат Глигор Бишев, претседател на Советот за унапредување на високотo образование, Горан Петревски, потпретседател на Советот и Јелисавета Георгиева Јовевска, потпретседател на Стопанската комора на Северна Македонија и проектен менаџер за развој на новите совети во Комората.
МОНИТОРИНГ
Остануваат уште 2 дена до истекот на крајниот рок за аплицирање за краткорочни изборни набљудувачи на ЦИВИЛ. Крајниот рок за пријавување е 30 септември, до 17 часот. Од организацијата информираат дека е доволно да се аплицира само еднаш и дека сите што аплицирале, без исклучок, поединечно ќе бидат информирани дали нивната апликација е прифатена или не.
Постапката за селекција на апликациите ќе трае најдоцна до 3 октомври, а веднаш потоа ќе се одржат и семинари за обука, соодветно на ситуацијата со КОВИД-19.
Сите останати информации и линкови во врска со овој повик на ЦИВИЛ може да се најдат во текстот под наслов Во тек е повик за изборни набљудувачи на ЦИВИЛ, објавени и одговори на новите прашања од набљудувачите.
КОМУНИКАЦИЈА: Редакцијата ги повикува граѓанските организации и други заинтересирани субјекти да ги испраќаат своите соопштенија, најави за настани и активности, секој ден, најдоцна во 8 часот наутро, за да се најдат во утринскиот преглед на најави на нашата медиумска платформа. Се разбира, прилозите пристигнати по тој термин, исто така, ќе бидат земени предвид за објавување.
Дел од најавите во овој текст се од сервисот на МИА.
Д. Мишев