ВЕСТ НА ДЕНОТ
Повлечен е предлог списокот на лица предложени за помилување
Повлечен е списокот на лица предложени за помилување што треба да биде доставен до претседателот на државата Стево Пендаровски, објави на Фејсбук заменик министерот за правда Агим Нухиу.
На списокот за помилување од издржување на дел од затворската казна или за целосно помилување како предлог до претседателот на државата Министерството за правда има 48 лица. Меѓу имињата, како што објавија дел од медиумите, се и бизнисменот Сеат Кочан, Александар Василевски-Нинџа, контроверзниот сведок на обвинителството за случувањата на 27 април 2017 година, Бобан Илиќ, осуден за убиството на 4 годишниот Алмир во Куманово…
ИЗЈАВА НА ДЕНОТ
-Министерот за правда не дава никакви помилувања. Ова се специфични помилувања по повод Нова година и листите за делумно скратување на казната ја прават директорите на затворот и се проследува на разгледување. Мислам дека дел од спорните имиња нема ни да се најдат на листите. Значи, предлог листите се од затворите а не од Министерството за правда. Тие листи поминуваат низ четири филтри, вели министерот за правда Бојан Маричиќ за Утрински брифинг, во однос на списокот за помилување на кој се најдоа и имињата на бизнисменот Сеат Кочан, Александар Василевски-Нинџа, контроверзниот сведок на обвинителството за случувањата на 27 април 2017 година, Бобан Илиќ за убиството на 4 годишниот Алмир во Куманово.
ФЛЕШ ВЕСТИ
ПОВЛЕКУВАЊЕ Министерката за образование и наука, Мила Царовска, денеска соопшти дека донела одлука да не учествува во новата Влада со новиот мандатар. Во изминатите пет години заедно со мојот тим навистина испорачавме политики во интерес на граѓаните. Јас продолжувам да се борам и да се застапувам за истите вредности и за истите политики и навистина верувам во капацитетот и силата на државата, како и во силата на жените и младите, рече Царовска.
ПРАВДА Унгарскиот министер за надворешни работи Петер Сијарто, кој денеска е во посета на земјава, изјави дека екстрадицијата на поранешниот македонски премиер Никола Груевски е правно прашање за кое е задолжен судскиот систем.
– Ова не е политичко, туку правно прашање. Тоа е работа за судскиот систем и во Унгарија политичарите во врска со тоа не може да поставуваат прашање, изјави Сијарто на заедничката прес-конференција во МНР со шефот на дипломатијата Бујар Османи, одговарајќи на новинарско прашање зошто Унгарија не го испорачува Груевски.
РЕВИЗИЈА Во периодот од 2012 до 2021 на малите хидроелектрани им биле платени 41 милион евра повеќе во однос на пазарната вредност поради користење на законски предвидливите повластени тарифи врз основа на договорите со важност од 20 години, констатирале ревизорите при направената ревизија за експлоатацијата на водните ресурси при производство на електрична енергија.
ЕКСПЛОАТАЦИЈА Околу 3 проценти од децата на возраст од 5 до 17 години биле вклучени во детски труд, покажува Мултииндикаторското кластерско истражување (МИКС) спроведено до Државниот завод за статистика во текот на 2018-2019 година како дел од Глобалната програма за состојбата на децата и жените.
КАМПАЊА Во борбата против говорот на омраза законодавните промени се неопходни, но тоа што е најважно, бара колективен одговор на целото општество да се каже „не“ на стигмата, „не“ на предрасудите, да се стави крај на пропагирањето на стереотипи. Правото за едниот човек е право за други и споделена обврска за сите членови на општеството, затоа солидарно да ја блокираме омразата, да ја споделиме љубовта и со тоа да градиме праведно општество ослободено од предрасуди. Не дискриминирај, толерирај, стоп на омразата, да споделуваме љубов и разбирање, почит за секого без оглед на разликите, се дел од пораките кои беа испратени на денешната промоција на заедничката кампања на Европската Унија и Советот на Европа – „Блокирај ја омразата. Сподели љубов!“, која се фокусира на борбата против говор на омраза.
НЕДЕЛА Собранието денеска во второ читање ги усвои законските измени за работни односи кои ја дефинираат недела како неработен ден. Тие треба да почнат да се применуваат од 1 јануари.
Финален извештај, анализи и препораки што произлегуваат од изборниот мониторинг на ЦИВИЛ ќе се презентираат на јавниот настан „Локални избори 2021: Научени лекции“ што ќе се одржи на 23 декември, во хотел Парк Резиденс (зад фудбалскиот стадион), со почеток во 12 часот.
ЦИВИЛНИ АКТИВНОСТИ
Панел дискусија на ЦИВИЛ: Помалите етнички заедници помеѓу статистиката и политиката
ЦИВИЛ организира јавен настан „Помалите етнички заедници помеѓу статистиката и политиката“, на 21 декември (вторник), со почеток во 11 часот, во Прес центарот на 3. кат во Бизнис центарот „Палома Бјанка“.
Како се спроведе, кои беа предизвиците и кои се перспективите на пописот на населението 2021? – е главното прашање на кое ќе одговорат Суад Скендери – Ромалитико, Аделаид Каришиќ – Бошњачки истражувачки центар Скопје и Добре Митрев, Претседател на граѓанското здружение „Македонско – бугарско пријателство“. Настанот ќе го модерира Дехран Муратов од ЦИВИЛ.
ИЗБОРЕН МОНИТОРИНГ
ЦИВИЛ со финален извештај, анализи и препораки „Локални избори 2021: Научени лекции“
Финален извештај, анализи и препораки што произлегуваат од изборниот мониторинг на ЦИВИЛ ќе се презентираат на јавниот настан „Локални избори 2021: Научени лекции“ што ќе се одржи на 23 декември, во хотел Парк Резиденс (зад фудбалскиот стадион), со почеток во 12 часот.
ЦИВИЛ спроведе сеопфатен долгорочен мониторинг на процесот на спроведување на локалните избори 2021 година, за кој ја информираше јавноста преку медиумската платформа ЦИВИЛ МЕДИА, на јавни настани и со бројни видео прилози во живо.
Стотици извештаи од теренот, пријави од граѓанките и граѓаните, анализи од експертскиот тим и препораки од тимовите на ЦИВИЛ се сублимирани во конечниот извештај на организацијата што ќе се презентира на јавниот настан.
На јавниот настан се поканети претставнички и претставници на политичките партии, институциите, граѓанските организации, меѓународната заедница и медиумите.
СЛОБОДНА ЗОНА
„Значи, 2021 година ја поминавме само во ЦРН ПР-ски изместен скеч каде двете страни, а и една помала партија за која е „непознато“ дали е екстремно лева или екстремно десна, и немаа нешто опипливо на маса освен – ПРИКАЗНИ. Тука џандарите и нашето параполициско криминално подземје, како и секогаш, а така и денес ги пуштаaт шпекулациите на најсилно.
Во политичка криза, тие се тука да ни објаснат што не знаеме и што знаеме и дури и за договорите на Зоран Заев со Груевски како СДСМ сега треба да потони и нов премиер во 2022 година да биде Мицкоски кои ќе работи на реформи и амнестија на Груевски и Зоран Заев со нивните.“, шишува Даме Чкатроски во колумната „Среќна Нова 2022 Година, Година на Тигарот“.
„Дали сегашниот изборен систем, кој ја дели Северна Македонија на шест изборни единици, очигледно ги фаворизира големите партии на штета на помалите кои сега бараат да се префрлат во системот на една изборна единица. Дали е ова точно, уште не може да се потврди на која страна можна е штетата.“, Сафит Зеќири во колумната „Шест изборни единици наспроти една, со “идеален праг” од 3%“.
„Колку за портпаролот Наум Стоилковски кој го обвинува Ковачевски дека направил „фотошоп“ со дипломата на Харвард, знаеме дека е вешт мајстор да прави конструкции, па и тоа дека некој дипломирал на Харвард – пишувањето на вистината не се учи ниту со минат стаж во „Република“ а најмалку во пропадната телевизија „Нова“. За да говори за постдокторски усовршување може само некој што е барем приближно достоен за тоа ниво. Знаете по oнаа латинската „simillis simili gaudet“. Ова секако важи и за „синот на тате“, пишува Љубомир Костовски во колумната „Се споредуваат ли дипломите од факултетот на тате со пост докторските усовршувања на Харвард?“.
„Така деновиве и разбравме – првично, белки, преку фејсбук – дека ветувањето за бесплатен автобуски превоз нема да се оствари, барем не во наредните две години. Немало одржлива математика во тоа за Градот. Нема да има ништо и од стотиците нови автобуси што се ветија како замена за дотраениот возен парк на ЈСП, иако, што е право, уште кога набрзина се ветуваше таа идеја, дури и на сите кои гласаа за сегашната градоначалничка им беше јасно дека се тоа паушални предизборни популистички бесмислици.“, Сашо Орданоски во колумната „Средината не ѝ прилега на Арсовска“.
„Институциите вредат толку колку што вредат луѓето кои работат во нив. Институциите не се апстрактни творби кои на волшебен начин треба да работат за граѓаните и да ги задоволуваат нивните потреби. Тие се збир од луѓе кои извршуваат одредени работни задачи. Во моментот кога ќе кажеме дека институциите не работат добро, тоа значи дека луѓето кои ги сочинуваат не работат добро. Од најразлични причини. Едноставно – институциите не постојат надвор од работата на тие луѓе.“, Мирјана Најчевска во колумната „Гробари на правото“.
Д. Тахири












