Руските трупи продолжуваат да ја напаѓаат фабриката за челик Азовстал во Мариупол, бомбардирајќи и гранатирајќи ги украинските бранители со тенкови и тешка артилерија, објави Азовскиот полк на Телеграм.
„Непријателот продолжува да ја напаѓа територијата на фабриката Азовстал. На 80-тиот ден од целосната инвазија на земјата агресор, окупаторите фрлаат воздушни бомби врз бранителите на Мариупол, распоредувајќи тешка артилерија и тенкови“, се вели во соопштението.
Непријателот користи и голем број пешадија во обид да навлезе на украинските позиции.
Од Азовскиот полк нагласија дека „и покрај крајно критичната ситуација, бранителите, вложувајќи натчовечки напори, ги одбиваат обиди за пробивање на позициите на бранителите и ги одвраќаат непријателските трупи“.
Како што изјави предходно вицепремиерката – министерка за реинтеграција на привремено окупираните територии Ирина Верешчук, Украина преговара за евакуација на 60 лица од челичарницата Азовстал во Мариупол.
Руските агресори постојано ја гранатираат територијата на централата Азовстал со секаков вид оружје. Меѓу војската има 600 ранети. Има сериозен недостиг на лекови. Луѓето умираат во агонија.
Борците на Азовскиот полк, Националната гарда, украинските маринци и моторизираната пешадија продолжуваат да го бранат опколениот град, 24 ден подоцна откако на 21 април, рускиот министер за одбрана Сергеј Шојгу изјави дека вооружените сили на Русија и на Доњецката народна република, го ослободиле Мариупол. Тогаш Шојгу изјави дека дел од „националистичките“ формации се засолниле во индустриската зона на фабриката „Азовстал“, и дека , на руските војници им требаат три до четири дена, за да ја довршат работата на „Азовстал“.
Истиот дена, чеченскиот лидер Рамзан Кадиров изјави дека руските сили дента, на 21 април, ќе имаат целосна контрола над фабриката за челик Азовстал во Мариупол.
– Пред ручек или после ручек, Азовстал ќе биде целосно под контрола на силите на Руската Федерација, рекол Кадиров во аудио порака.
Дваесет и четири дена по „ослободувањето“ на Мариупол , сеуште се водат борби и се врши гранатирање на Азовстал.