ТЕМА НА ДЕНОТ
Обраќање на Фон дер Лајен: Европа ве чека, верувам дека ова е моментот да продолжите напред кон нашата заедничка иднина
Европа ве чека. Чекајќи и надевајќи се дека ќе направите уште ден чекор кон нашата Унија. Денеска сум овде, затоа што верувам дека ова е моментот да продолжите напред кон нашата заедничка иднина во ЕУ со Северна Македонија како полноправна членка, изјави претседателката на Европската комисија, Урсула фон дер Лајен, во своето обраќање денеска пред пратениците во Собранието, во рамки на 80-тата пленарна седница.
Ковачевски – Фон дер Лајен: Време е за мудри одлуки, македонскиот јазик и идентитет во ЕУ се заштитени
Претседателот на Владата на Република Северна Македонија, Димитар Ковачевски денеска имаше тет-а-тет средба со претседателката на Европската комисија, Урсула фон дер Лајен.
На средбата Ковачевски и Фон дер Лајен разговараа за најважните прашања поврзани со проширувањето на Европската Унија. Беше констатирано дека сега е моментот кој треба Северна Македонија да го искористи за прифаќање на европскиот предлог, што понатаму значи и одржување на првата меѓувладина конференција и почеток на преговорите за членство во ЕУ.
Османи-Фон дер Лајен: Европската комисија отсекогаш била докажан партнер на патот на евроинтеграциите на Северна Македонија
Министерот за надворешни работи Бујар Османи оствари средба со Претседателката на Европската Комисија, Урсула фон дер Лајен, на самиот старт на нејзината посета на Скопје.
Изразувајќи благодарност за оваа посета, Османи подвлече дека Европската комисија отсекогаш била докажан партнер на патот на евроинтегративен пат на земјава, стриктно и објективно анализирајќи ги состојбите и остварениот напредок преточен во извештаите за напредокот на државата. Оваа поддршка ќе продолжи и понатаму со официјалното отворање на пристапните преговори низ процесот на скрининг.
Отворено студио на ЦИВИЛ: Собраниска расправа за европскиот предлог, тензии пред Собранието
ЦИВИЛ во отворено студио екипа на терен за собраниската расправа за европскиот предлог, безбедносните состојби и тензиите пред Собрание.
Брнз: САД отсекогаш го поддржувале пристапувањето на Северна Македонија во ЕУ
Кога се работи за пристапувањето во ЕУ тоа е разговор кој треба да го водат Северна Македонија и Унијата, а Вашингтон отсекогаш го поддржувал пристапувањето на Северна Македонија во ЕУ, порача во интервју за МИА, американската амбасадорка Кејт Мари Брнз и изрази надеж дека францускиот предлог ќе биде компромис што ќе ги отвори следните чекори.
Собранието ја почна 81-та седница, веднаш дадена едночасовна пауза
Само што почна 81-вата седница, на која треба да се разгледа Информацијата за содржината на Предлог преговарачката рамка за пристапните преговори на Република Северна Македонија со Европската унија, предложена од страна на Претседателството на Франција со Советот на Европската унија на 30 јуни 2022 година, Собранието е на едночасовна пауза по барање на пратеничката Дафина Стојановска од ВМРО-ДПМНЕ.
ИЗЈАВА НА ДЕНОТ
ВОЈНА ВО УКРАИНА
14 лица беа повредени откако руски ракети го погодија градот Запорожје на 13 јули, се вели во објавата на Телеграма од Канцеларијата на јавниот обвинител.
„На 13 јули војската на земјата агресор пукаше кон инфраструктурата на Запорожје. Ракети погодија едно од индустриските претпријатија. Според прелиминарните податоци, 14 лица се повредени“, се вели во извештајот.
*
Војната во Украина уништува шуми, ги загадува ораниците што се полни со мини, а и водата е загадена, предупреди украинскиот министер за животна средина Руслан Стрилец. Тој во обраќањето пред учесниците на неформалниот состанок на ЕУ во Прага, која претседава со Унијата, рече дека руската инвазија уништила три милиони хектари украински шуми.
*
„И каква зла иронија: денес претставниците на окупациските структури во Донецк објавија дека се, како што велат, признати од Северна Кореја. Секако дека ќе реагираме многу жестоко на сите нивоа. Но, ова е таква вест што не ни има потребаод дополнителни коментари. Сè е очигледно. По кој пат чекориме ние и до што можат да водат окупаторите?“, изјави Володмир Зеленски, украинскиот претседател во своето редовно видео обраќање.
ФЛЕШ ВЕСТИ
ПРОТЕСТИ Полицијата приведе две лица на денешните протести пред Собранието, информираат извори од МВР. Додека траеше протестот пред Собранието, во Парламентот се обрати претседателката на Европската комисија, Урсула Фон Дер Лајен.
БЕЗБЕДНОСТ Полициски службеници од Единицата за насилен криминал – Одделение за насилен криминал во содејство со Единицата за интервентна полиција, двете при СВР Скопје, го лишиле од слобода е Р.Р.(37) од Скопје. Во координација со ОЈО Скопје против него е поднесена кривична пријава по брза постапка за кривично дело „учество во толпа што ќе изврши кривично дело“ по што лицето е изнесено пред судија на претходна постапка.
САЈБЕР БЕЗБЕДНОСТ Заменичката на претседателот на Владата задолжена за политики за добро владеење, Славица Грковска денеска имаше работен состанок со експертите и тимот на USAID-CIDR Проектот кои работат со CICWG – работната група за сајбер безбедност на критичната информациска инфраструктура на Република Северна Македонија, информираат од Владата.
ИНТЕГРАЦИИЦентралниот одбор на Зелената партија ДОМ синоќа доцна на Централен одбор донесе одлука дека нема да го поддржи европскиот предлог за започнување преговори со ЕУ.
ЦИВИЛНИ АКТИВНОСТИ
Во фокусот на ЦИВИЛ: „Национализмот на политичката улица“, утре во 13 часот
ЦИВИЛ организира панел дискусија на тема „Национализмот на политичката улица“ што ќе се одржи в петок, 15 јули 2022 година, со почеток во 13 часот, во прес центарот на ЦИВИЛ, во бизнис центарот Палома Бјанка, 3 кат.
Настанот е посветен на националистичкиот наратив за време на протестите против европскиот предлог за пристапни преговори на Северна Македонија за членство во ЕУ.
БЕЗБЕДНОСТ
Ангеловски: МВР нема да дозволи да се случи нов „27 април“
Министерството за внатрешни работи нема да дозволи да се случи нов „27 април“, вели Тони Ангеловски, портпарол на МВР за ЦИВИЛ Медиа, додавајќи дека полицијата нема да направи никаков попуст за никакви инциденти.
ЕДИТОРИЈАЛ
Како што е познато, предлог-преговарачката рамка за Република Северна Македонија со Европската Унија, која ја претстави Француското претседателство со Унијата беше дочекана „на нож“ од опозицијата. Фамозната рамка застана на прагот на Парламентот на 15 јули.
Во меѓувреме беа покренати секојдневни протести против „францускиот предлог“ на кои имаше неколку посериозни инциденти, беа повредени повеќе од 50 полицајци, имаше десетици приведувања и беа поднесени неколку кривични пријави. Но во последните два-три дена стивнаа, иако не исчезнаа, вообичаените скандирања за „чиста Македонија“, „гасни комори…“ и “клетите…“. Некои ќе оценат дека протестите „издишаа“ или барем дека течат невообичаено мирно, особено ако се земе предвид кои структури ги организираат, читајте во едиторијалот на Џабир Дерала: Антиевропските протести се „издишани“, но политичкото насилство од антизападните инсталации не е исклучено
СЛОБОДНА ЗОНА
Со најефикасниот можен метод: фобија и омраза. Чист нагонски сентимент. Како совршен пример како функционира пропагандата. Креирате рамка преку константно повторување на неколку фрази „идентитетот ни е загрозен“, „јазикот ќе ни го земат“, „ќе влеземе како Бугари“, „ЕУ ќе нѐ бугаризира“, „ЕУ не ни треба“ и секакви варијанти и подваријанти на темата; рамка во која ќе се движи секоја сегашна и идна „дискусија“. И во таа дискусија што правите, со овие правила и маркери? Па, се разбира, го барате ѓаволот во деталите, секоја реченица, секој факт го читате и примате низ точно поставената рамка, ниту милиметар подалеку. Но, кој е ѓаволот? Бугарија се разбира. „Бугари, Бугарија, Бугаризација“ е всушност синоним за злото, тоа треба по автоматизам да предизвика емотивна реакција без размислување, на кое потоа совршено ќе се вклопи било која лага, пишува Никица Корубин во колумната: Има само една „вистина“
На човек може да му се згади и тогаш кога ќе посведочи на нешто сосема очекувано, нели? Така отприлика може да се опише чувството кога ќе се види снимката од довезувањето на гилотината пред Собранието на антиевропските протести одржани во средата, 13 јули.
Малку е да се каже дека „акцијата“ – гилотина пред Собранието – е простачка, груба и отворена закана со смрт на пратеничките и пратениците кои би гласале за европскиот предлог за преговарачката рамка за ЕУ интеграциите на Северна Македонија. Жизнерадосното потскокнување околу симболот на брутална егзекуција што одамна им припаѓа на мрачните страници на историјата не кажува ништо добро за носителите на идејата и поттикнувањето на овој чин. Само ја заокружуваат грдата слика на рашистичкиот атак на европските вредности и на македонските национални интереси кој можеше јасно да се види за време на антиевропските протести изминативе недели, пишува Џабир Дерала во „ Без Филтер“: Гилотина пред Собранието: Простачка, груба и отворена закана со смрт

Д.Мишев