ВЕСТ НА ДЕНОТ: Дојава за бомби во пет средни училишта во Скопје
Закани за поставени бомби на мејл добија скопски училишта. Полицијата спроведе безбедно евакуирање на училиштата и антитерористички проверки, потврдија од МВР за Цивил Медиа. Делот од булеварот „Димитрија Чуповски“ пред гимназијата „Јосип Броз Тито“ беше затворен за сообраќај, учениците се евакуирани од училиштето и забележливо е зголемено присуство на полицијата.
РЕАКЦИИ: Средношколците апелираат на смиреност и зголемување на безбедноста
Сојузот на средношколци по заканите за поставени бомби апелира на зголемување на безбедноста во средните училишта.
-Ги повикуваме нашите соученици да бидат смирени бидејќи паниката е нашиот најголем непријател во овие ситуации. Безбедностите и училишните служби да бидат професионални и методични во работењето на за да се заштитат средношколците и сите останати вклучени во образовниот процес, се вели во соопштението.
ИЗЈАВА НА ДЕНОТ
Спасовски: Во Скопје ќе го потпишам Договорот со Фронтекс на македонски јазик
„Денеска е голем ден за Северна Македонија, кога после неколкугодишно преговарање, во име на Владата на РСМ, а заедно со почитуваната еврокомесарка Јохансон, тука во Скопје, ќе го потпишам Договорот помеѓу Република Северна Македонија и Европската Унија за оперативни ативности спроведени од страна на Агенцијата за Европската гранична и крајбрежна стража (Фронтекс) во Република Северна Македонија“ – објави Министерот за внатрешни работи, Оливер Спасовски.
ВОЈНА ВО УКРАИНА
ЗЕЛЕНСКИ, ПОБЕДА ЗА УКРАИНА Колку побрзо Украина постигне победа, толку помалку зло ќе донесе Русија во другите региони, изјави украинскиот претседател Володимир Зеленски во своето видео обраќање ноќта на 25 октомври.
ДНИПРО, РАКЕТНИ НАПАДИ ВРЗ ЦИВИЛИ Во Днипро, најмалку двајца цивили загинаа, а уште тројца се повредени во експлозија на бензинска пумпа по ракетниот напад на Русија, објави на Телеграм Валентин Резниченко, шеф на регионалната воена управа на Дњепропетровск.
ИРАНСКИ ДРОНОВИ Израелскиот претседател Исак Херцог синоќа изјави дека со американските власти споделил информации од израелското разузнавање, за употребата на ирански беспилотни летала во војната во Украина, јави агенцијата Бета.
КОНФЕРЕНЦИЈА Министерката за одбрана Славјанка Петровска денеска ја отвори регионалната конференција „Војната во Украина и влијанијата на надворешни актери – безбедносни предизвици за Европа и регионот”, која ја организира Филозофскиот факултет при Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ и Фондацијата „Конрад Аденауер“, информираат од Министерството за одбрана.
ФЛЕШ ВЕСТИ
ДОБРИ ВЕСТИ, ФОН ДЕР ЛАЈЕН Претседателката на ЕК, Урсула фон дер Лајен денеска во Скопје дојде со добри вести за Северна Македонија – финансиски пакет вреден 50-70 милиони евра со кои треба да им се помогне на граѓаните, стопанството и јавните институции полесно да го претрпат ударот кој го носи енергетската криза.
РИСТО ПЕНОВ, СОБРАНИЕ Во Собранието денеска продолжи дебатата на пратениците за предлогот Ристо Пенов да биде нов министер за локална самоуправа. Расправата траеше два часа, по што потпретседателот на Собранието Горан Мисовски даде пауза до 15 часот.
САРАЦИН, НЕВЛАДИНИ Специјалниот пратеник на Сојузната Влада на Германија за земјите од Западен Балкан, Мануел Сарацин и германската амбасадорка во земјава, Анке Холштајн денеска разговараа со претставници од граѓанското општество за процесот на ЕУ интеграцијата, Берлинскиот процес, како и за актуелни општествено политички состојби и процеси.
ЛИДЕРИТЕ НА ОТВОРЕН БАЛКАН ЗА БЕРЛИНСКИОТ ПРОЦЕС Премиерот Димитар Ковачевски на негова иницијатива денеска одржа координативен онлајн состанок со лидерите на Отворен Балкан, претседателот на Република Србија Александар Вучиќ и премиерот на Република Албанија Еди Рама, во пресрет на одржувањето на Самитот за Берлински процес кој се одржува на почетокот на ноември во Берлин.
СЛОБОДНА ЗОНА
„Лажниот баланс и „неутралноста“ водат кон апатија и заблудененост на општеството. Тоа е просторот каде што, наместо да се откриваат фактите, се вгнездуваат идеите за популизам и авторитарно владеење. Како тоа? Едноставно, затоа што лажниот баланс што се промовира во јавноста предвидува подеднакво (најчесто некритичко) отстапување на дел од медиумскиот подиум за ултра-десничарскиот популизам и руската пропаганда“, пишува Џабир Дерала во денешното ES-PRESS-O под нслов „Очи силно затворени“.
Б. Јордановска












