Политичките лидери излегоа на гласачките места и го дадоа својот глас на денешните парламентарни избори во Грција, споделувајќи заедничка визија за поголема еднаквост и социјална правда, објави весникот Катимерини.
Шефицата на државата Катерина Сакеларопулу ја истакна важноста на ангажираноста на гласачите по нејзиното гласање во Атина. Изразувајќи ја својата надеж за масовно учество, таа изјави: „Се надевам и посакувам да имаме најмасовно учество. Тоа би бил најдобриот момент за демократијата“.
Кирјакос Мицотакис, лидерот на Нова демократија и актуелен премиер, го истакна значењето на изборите во обликувањето на иднината на земјата. По неговото гласање во елитната населба Кифисија, предградие на Атина, тој рече: „Денеска гласаме за иднината. Денеска одговорноста за управувањето со земјата е пренесена на вас, народот, но сигурен сум дека за нашата земја ќе изгрее уште подобар ден“.
Мицотакис, кој бара нов четиригодишен мандат, ги сподели своите аспирации за повисоки плати, општество со намалени нееднаквости, подобрени можности за работа, ефикасен здравствен систем и поголема правичност.
Алексис Ципрас, лидерот на левичарската партија СИРИЗА, ги повика Грците да ја искористат својата моќ за да го пренасочат патот на земјата. Тој го нагласи потенцијалот за прогресивна коалициска влада, наведувајќи: „Грците ја имаат способноста да ја исполнат мнозинската волја и да го променат курсот на земјата… за да го отворат патот за прогресивна коалициска влада“.
Ципрас, кој гласаше во населбата Кипсели во центарот на главниот град, повика да се остави зад себе предизвикувачкиот период обележан со нееднаквост, неправда, несигурност на работните места, запленувања, непочитување на пензионерите и маргинализација на младите луѓе. Тој ја истакна потребата да се отстрани самобендисаната влада која не успева да одговори на потребите на мнозинството.
Шефот на ПАСОК, Никос Андрулакис, кој гласаше на импровизирано избирачко место во градот Аркалохори на островот Крит, што беше погоден од земјотрес, ги повика Грците да се движат подалеку од преовладувачката „токсичност“ во политичкиот пејзаж на земјата. Тој апелираше до секој грчки граѓанин да ги поддржи напорите на социјалистите, ветувајќи дека ќе се борат за силна социјална држава која ќе ги намали нееднаквостите.
Андрулакис ја истакна важноста од достапно јавно образование, целосна здравствена заштита и одржлив раст што ја почитува животната средина. Тој ги повика граѓаните да ја отфрлат поларизацијата и непочитувањето на нивните реални проблеми, залагајќи се за обединет и ориентиран пристап кон решенија.
Денешните избори веројатно нема да дадат јасен победник. Доколку ниту една политичка партија во Грција не успее да формира коалиција, повторно гласање се очекува да се одржи на почетокот на јули, објави Катимерини.
Г. Т.