Што се однесува до забелешките на кој степен да се подигне подготвеноста во поглед на справувањето со различните облици и потенцијални закани, мислам дека е соодветно со оглед на случувањата можеби малку подалеку од нас, меѓутоа сепак е релевантно. Тоа не значи дека се зголемува ризикот, меѓутоа на институциите им се посочува дека треба на определени сегменти да обрнат малку повеќе внимание, изјави министерката за одбрана Славјанка Петровска во Дневникот на Сител ТВ, на прашањето околу ставот на Националниот комитет за спречување на екстремен тероризам алармот од ниско да се стави на средно ниво на опасност.
Петровска ја посочи важноста од тоа безбедносните и разузнавачки служби да имаат точни информации кога во регионот и пошироко има неколку жаришта и воени дејствија.
„Сите аспекти на безбедноста се земени во предвид. Националниот комитет за спречување на тероризам има свој аспект на работа и со повратниците од воените дејствија и се додека постои одлична координација помеѓу институциите, спроведување на активностите кои се планирани, мислам дека можеме да имаме позитивни извештаи во однос на безбедноста на нашата држава,“ нагласи Петровска.
Таа истакна дека од особено значење во ваква ситуација е превенирањето, набљудувањето и навремената реакција.
„Во Република Северна Македонија нема опасност од прелевање од некаков вооружен конфликт, Северна Македонија е земја членка на Алијансата, и навостина се посветува внимание на гарантирање на безбедноста на нашата држава,“ порача Петровска.