Со осум гласа „за“, ниту еден против и воздржан, собраниската Комисија за прашања на изборите и именувањата денеска ја донесе Предлог-одлуката за определување на коефициентите за утврдување на платата на претседателот на Република Северна Македонија, на пратениците во Собранието на Република Северна Македонија и на функционерите кои ги избира и именува Собранието на Република Северна Македонија.
Согласно Одлуката, коефициентите за утврдување надоместок на плата и плата на функционерите кои изнесувале од 2,20 до 4,50, се намалуваат и изнесуваат од 1,91 до 3,92. Се намалуваат и коефициентите на платите на пратениците. Тие се движеа од 3,5 до 4, а сега се заменети со коефициентите од 3,04 до 3,92.
Коефициентите ќе почнат да се применуваат со исплатата на платата за февруари 2024 година.