„Сé може во секое време, ама не – во невреме. Не би рекол дека претседателот Ѓорге Иванов, постапил во невреме, би рекол дека постапил пред време.Мандатот, според Уставот, се доделува на претставник на онаа партија која има парламентарно мнозинство, или на претставникот на коалициите кои имаат мнозинство што значи 61 пратеник. Во моментот кога претседателот се определи на лидерот на ВМРО-ДПМНЕ да му го додели мандатот, тој не беше претставник на партија која има парламентарно мнозинство, а не беше ни претседател на коалиција со мнозинство. Во кое својство тогаш го доби мандатот?
Од каде претседателот на државата ги доби информациите за составот и односот на партиите во парламентот. Тие информации треба да ги добие службено, од парламентот кој е претставен од претседателот на Собранието, а претседател немаме. Затоа, во Уставот стои дека претседателот го определува мандатарот десет дена по конститутивната седница. Во јавноста има дилема дали имавме конститутивно собрание?“, рече професорот д-р Осман Кадриу, еден од тројцата панелисти на дискусијата „Maкедонија: Правно и политичко лимбо“