„Ако претседателот и министрите бидат избрани за пратеници им престанува мандатот. ДИК зарем не можеше тоа да го предвиди? Ако тие што се именувани на кандидатските листи за пратеници не воделе сметка, ДИК кога ги видела кандидатите кои се министри, не требало да ги прифати нивните мандати“, рече професор д-р Светомир Шкариќ, на денешната панел-дискусија во организација на ЦИВИЛ-Центар за слобода, на тема „Македонија: Правно и политичко лимбо“.
„Освен колегата Осман Кадриу и јас, во Македонија, никој не води сметка за Уставот. Кај нас, Уставот е во аут. Нема посилна моќ, од моќта на правото. Се надевам дека постепено ќе победи моќта на правото. На прво место е моралот, на второ е правдата, на трето е политиката“, рече Шкариќ.
Според него, не постои никаква законска пречка, Јохан Тарчуловски да ја извршува пратеничката функција во македонското Собрание, по неговото враќање од Хаг. „По издржаната казна, нема законски ограничувања да ја извршува таа функција“, дециден е професорот Шкариќ.