ДЕХРАН МУРАТОВ
Во име на „слободата на говор, слобода на изразување и нецензура“ му се извинувам на директорот на Канал 5, Иван Мирчевски за текстот: Случај Мирчевски, Канал 5: Груба инструментализација на телевизијата, притисок врз судот, едностраност, говор на омраза и лажни наративи, во кое според барањето за извинување кое го добив стои дека во текстот се изнесени клеветнички изјави кон Канал 5 и Мирчевски.
Ете, се извинувам што во текстот напишав дека е манипулативен и едностран прилогот на Канал 5 и дека со тоа се врши притисок врз судот, бидејќи веднаш по завршување на судското рочиште по тужбата на Канал 5 и управителот Иван Мирчевски против Џабир Дерала и ЦИВИЛ на 17 мај 2024 година, на кое сведочеа Исмет Рамадани и новинарот Александар Видиновски, пред судот изјави дадоа само адвокатот на Канал 5 во постапката, Даниел Ѓеорѓиевски, директорот Мирчевски и новинарот Видиновски.
Се извинувам што напишав дека камерата на Канал 5 не пропушти да го зумира тужениот Дерала, без притоа да му побара изјава. Значи, воопшто не е еднострано таквото известување, нели?
Се извинувам што со текстот ја известивме јавноста за што всушност Канал 5 и директорот Иван Мирчески го тужат главниот уредник на медиумската платформа на ЦИВИЛ, Џабир Дерала, за навреда, клевета и говор на омраза, односно поради колумната со наслов „ИНЦИДЕНТ ВО „САМО ВИСТИНА“ НА КАНАЛ 5: Само уште една неславна епизода во дејствувањето на антидемократските инсталации, бидејќи во прилогот на Канал 5 недостасуваа овие информации.
Се извинувам и за тоа дека Дерала во колумната за која е тужен ја потсети јавноста дека во „бомбите“ слушнавме како газдата на Канал 5 му рече на шефот на вмровската пропагандна машинерија, Мартин Протуѓер, дека има намера да ја исклучи струјата во телевизијата, само за да не се емитува емисија што не е по мерката на режимот. Со тоа, газдата на Канал 5, да потсетиме, отиде подалеку дури и од шефот на агитпропот Протуѓер кој сугерираше „поблага“ диверзија – да се пушти емисијата, но со лош тон и со пречки.
Исто така, се извинувам што Дерала ја потсети јавноста дека Мирчевски во 2018 година се извини во име на телевизијата, правдајќи се дека било режим и дека му биле одземени ингеренциите (!?) за професионално и одговорно известување.
Се извинувам што напишав и дека во судницата тужат, а надвор од неа и му пресудуваат на Џабир Дерала, бидејќи адвокатот Даниел Ѓеорѓиевски веднаш по завршување на рочиштето, пред судот, во изјава за Канал 5 нагласи дека „оние кои најмногу се прокламираат како борци за слободата на говор, најмногу истата ја злоупотребуваат и дека пред судот претстои лесна задача“.
Се извинувам и дека напишав дека едностраниот прилог на Канал 5, на социјалните мрежи предизвика говор на омраза кон Дерала и ЦИВИЛ.
Се извинувам за перцепцијата дека Мирчевски изгледа како да е опседнат со Дерала бидејќи на коментар на Фејсбук страницата на Канал 5, „админот“ пишува дека „ги барал Дерала и ЗНМ и другите ‘лижавчиња’ да се појават со него каде сакаат… ама бегаат. Исто така на својот LinkedIn профил напишал: Дури и Убавата Захариева не ме мотивирала како ботовите на власта. Еве уште еден текст за еден лик… се одѕива на име Дерала… Џабир Дерала…
Се извинувам и што имав дилема дали барањето од „Александар Николовски да ја прекине емисијата“, мислеше на потпретседателот на ВМРО-ДПМНЕ или на новинарот во студиото?
Се извинувам неалбанофобу Иван Мирчевски и Канал 5 и Ви благодарам за „честитката“ баш на третиот ден од Курбан Бајрам!