Демонстранти предводени од опозициската Демократска партија, петти ден протестираат пред канцеларијата на премиерот Еди Рама, барајќи негова оставка, како и формирање влада која ќе гарантира фер, демократски и слободни избори.
На протестот кој започна на 18-ти февруари се собраа стотици илјади симпатизери на Демократската партија. Претседателот Љуљзим Баша, пратеници и членови на партијата поставија шатори пред Владата. Баша изјави дека протестите ќе продолжат сé додека Владата не ги прифати барањата на опозицијата: формирање техничка влада и организирање предвремени избори во земјата. Тој ги повика пратенците од неговата партија да го бојкотираат парламентот и истовремено, побара да се воведе електронско гласање, поради тоа што смета дека Рама ќе се обиде да манипулира со изборниот процес.
Шаторите и демонстратите, се чини, не му пречат премногу на премиерот Рама за спроведување на агендата.. Тој неделава го прими пратеникот на Партијата за правда и единство, Аќиф Ракипи и имаше средба со специјалниот известувач на Европскиот парламент, за Албанија, Кнут Глекенштајн, кој на властите во Тирана им го презентираше извештајот за Албанија што Европскиот парламент го усвои минатата недела.
Парламентарните избори во Албанија се закажани за 18-ти јуни. Досега сите избори во посткомунистичка Албанија се оценети како неслободни и нефер од меѓународните набљудувачи.
По изборите во јуни, се очекува да започнат и преговорите за членство на Албанија во ЕУ.