Околу 20.000 Роми беа расно профилирани на граничните премини, и им се ограничувало основното човеково право на слобода на движење, загарантирано во Уставот на Република Македонија. Институтот за европски политики (ЕПИ), во соработка со невладината организација „Кхам“ („Сонце“) од Делчево, изготвија цртан филм во траење од три минути, во кој се прикажува однесувањето на граничните службеници кога ќе забележат Роми на преминот.
Единствено припадниците на ромската етничка заедница ги симнуваа(т) од автобусите кои патуваа(т) за странство, и им бараа(т) гарантно писмо и одредена сума на пари, покажа истражувањето на ЕПИ и „Кхам“, чии претставници разговараа со над педесетина Роми кои имале проблеми на македонските гранични премини.
„Мене не ми е јасно што прават овие луѓе, значи не нѐ рачунаат за никој, а бе за ништо. Значи, ние не сме луѓе“, вели еден Ром, кој е вратен од граница.
„Како да не си државјанин на Република Македонија. Како да не си човек, едноставно. Па, јас му реков, јас сум државјанин на ова држава“, вели еден од вратените Роми.
„Само што ќе не видеа на граница, а не, не, враќај се. Ти си Ром. Бриши!“, е сведоштвото на друг Ром, кој бил вратен од македонската граница.
Моментално се водат 41 судски процес, а веќе во 9 случаи е констатирана дискриминација кон Ромите од граничните службеници на граничните премини.
Во извештајот на Европската комисија се наведува дека 80 отсто од барателите на азил кои се вратени, се Роми од Македонија и од Србија.
Д. Муратов