Москва продолжува да одбива да се согласи на целосно примирје во Украина, а претседателот Владимир Путин наместо тоа е подготвен да преговара за „меморандум во врска со потенцијален иден мировен договор“, како што рекол тој по двочасовниот разговор со американскиот претседател Доналд Трамп на 19 мај, пренесува Кијив Индипендент.
Путин рекол дека Трамп „го изразил својот став во врска со прекинот на непријателствата, прекинот на огнот“, но рускиот претседател инсистираше дека „најефикасните патишта кон мирот“ сè уште треба да се утврдат.
Извор во Кабинетот на претседателот изјави за Кијив Индипендент на 19 мај дека Украина сè уште инсистира на целосно, безусловно примирје во разговорите оваа недела со американскиот претседател – клучното барање што го промовираше Трамп и го прифати Украина уште во март.
„Се согласив со претседателот на САД дека Русија ќе предложи и е подготвена да соработува со украинската страна на меморандум за можен иден мировен договор“, изјави Путин за новинарите по разговорот. „Тоа може да дефинира голем број позиции, на пример, принципите на спогодба, времето на евентуален мировен договор и така натаму, вклучително и евентуално прекин на огнот за одреден временски период доколку се постигнат релевантните договори.“
Ставот на Русија во преговорите останува непроменет и бара „елиминирање на основните причини“ за војната, додаде Путин.
Како што објави претходно ЦивилМедиа, Трамп по повикот изјави дека Русија и Украина „веднаш ќе започнат“ преговори за прекин на огнот и крај на војната.
Д. Мишев