Петиот регионален семинар за граѓанско новинарство на ЦИВИЛ-Центар за слобода се одржа во Штип, викендов, на 25 и 26 март, а на него учествуваа заинтересирани граѓанки и граѓани од општините Штип, Облешево, Виница, Кочани, Пробиштип, Делчево, Берово и Македонска Каменица.
Приказни за социјалната (не)правда, за сиромаштијата, за негрижата на институциите и за здравството, за кршењето на работничките права…, се само дел од сториите што учесниците на семинарот ги подготвија по работилницата – „теренската работа“ во неделата.
Особено задоволни од семинарот и резултатите кои ги постигнаа граѓанските новинарки и новинари, организаторите од ЦИВИЛ ги охрабруваат да продолжат со борбата за подобро општество, со своите активности кои придонесуваат кон транспарентни и одговорни политички процеси во земјата.
Нивните стории ќе се објават на специјализираниот сајт на ЦИВИЛ, посветен на граѓанското новинарство и граѓанскиот активизам.
„Граѓански објектив“ е проект во кој се комбинираат истражувањето, медиумските активности и активизмот, кои се основа за долгорочно изборно набљудување. Овој проект веќе втора година придонесува кон развојот на граѓанското новинарство во земјата.
Проектот е поддржан од фондацијата National Endowment for Democracy.