Крвопролевање во домовите и на улиците – Македонија живее мрачни денови. Роднини стануваат убијци, а децата – ладнокрвни ликвидатори со автоматско оружје. Брат го убива братот и го закопува во дворот. Син ја уби мајка си со ловачки нож. Малолетник, 15 годишен е еден од осомничените дека со калашников изрешета човек среде бел ден во центарот на Тетово. Овие сцени, како од некој филм, се нашата сурова реалност.
Брат го уби братот и го закопа во дворот – Кавадарци
Во Кавадарци, 43-годишен маж на 27 јули со метален предмет го усмртил својот брат (42) во семејниот дом. Телото го закопал во помошен објект во дворот. Злосторството било откриено по пријава од нивната сестра.
15-годишник и возрасен пукаа и убија човек среде бел ден – Тетово
Во вооружена престрелка на 10 август во центарот на Тетово, загина едно лице, а неколку беа повредени, меѓу кои и 13-годишно девојче и случаен минувач.
Осомничени за убиството се 37-годишен маж и 15-годишен малолетник, кои со автоматски пушки пукале кон возило и го усмртиле возачот – нивен познаник. Тешко е повреден совозачот, а куршуми погодиле и дете. Други двајца учесници возвратиле со пиштоли, ранувајќи уште едно лице и оштетувајќи возило на жена. Двајца од осомничените се во бегство.
Син ја уби мајка си – Штип
Во Штип, на 8 август, 54-годишен маж под дејство на алкохол (2,43 промили) ја убил својата 84-годишна мајка со убод во вратот. Сам го пријавил убиството.
Крвава брачна ноќ – Штип
Истата ноќ, 65-годишна жена го прободела својот 70-годишен сопруг, наводно во момент кога тој ја давел за вратот. Мажот е во болница, а жената е задржана во полициска станица.
Овие трагедии се потсетник дека семејството треба да биде засолниште, а не бојно поле. Време е да ги препознаеме знаците на насилство, да ја прекинеме тишината и стравот, и да научиме да зборуваме пред секој конфликт да прерасне во трагедија. Македонија треба да се разбуди, крвопролевањето во домовите и на улиците бара итна реакција – брат го уби братот, син ја закла мајка си, малолетник со калашников остави крвав траг во Тетово, се само дел од примерите кои ја потресоа државата во изминатите неколку дена. Време е институциите да дејствуваат.
Д.М.