Арапските медијатори чекаат официјален одговор од Израел откако Хамас соопшти дека прифатил нов предлог за прекин на огнот во Газа и договор за ослободување на заложниците.
Како што пренесува Би-би-си, планот го презентираа Катар и Египет, кои се обидуваат да спречат голема нова израелска офанзива за целосно окупирање на Газа.
Катар соопшти дека е „скоро идентичен“ со американскиот предлог за 60-дневно примирје, за време на кое околу половина од 50-те заложници држени во Газа – од кои се верува дека 20 се живи – ќе бидат предадени, а двете страни ќе преговараат за траен прекин на огнот и враќање на останатите.
Во последниве денови, израелската влада соопшти дека повеќе нема да прифати делумен договор – само сеопфатен договор со кој ќе бидат ослободени сите заложници.
Локалните медиуми цитираа висок израелски функционер кој рече дека ставот на Израел не се промени – ослободување на сите заложници и исполнување на другите услови дефинирани за завршување на војната.
Подоцна оваа недела, се очекува израелскиот кабинет да го одобри планот на војската за окупирање на градот Газа, каде што интензивираните израелски напади веќе предизвикаа илјадници луѓе да избегаат.
Премиерот Бенјамин Нетанјаху ја објави намерата на Израел да ја освои цела Газа – вклучувајќи ги и областите каде што повеќето од нејзините 2,1 милиони палестински жители побарале засолниште – откако индиректните разговори со Хамас за договор за прекин на огнот пропаднаа минатиот месец.
Д. Мишев