Катарскиот премиер Ал-Тани го критикуваше израелскиот премиер Бенјамин Нетанјаху во ексклузивно интервју за Си-ен-ен во средата, нарекувајќи го обидот за атентат на Израел врз лидерите на Хамас во Доха „варварски“.
„Мислевме дека имаме работа со цивилизирани луѓе“, изјави катарскиот премиер шеикот Мохамед бин Абдулрахман бин Јасим Ал-Тани за Беки Андерсон од CNN. „Така се справуваме со другите. А акцијата што ја презеде (Нетанјаху) – не можам да ја опишам, но тоа е варварска акција“.
Ал-Тани додаде дека верува оти нападот на Израел врз Доха во вторникот „убил секаква надеж“ за заложниците што останаа во Газа.
„Се сретнав со семејствата на едно од заложниците утрото на нападот“, рече Ал-Тани. „Тие сметаат на ова посредништво (за прекин на огнот), немаат друга надеж за тоа“.
„Мислам дека она што го направи Нетанјаху вчера, тој едноставно ја уби секаква надеж за тие заложници“, рече премиерот.
Нападот во Доха не беше ништо помалку од „државен терор“, изјави Ал-Тани за Си-Ен-Ен. Премиерот го употреби истиот термин во вторник кога излезе видливо лут на говорницата на прес-конференција и го критикуваше Израел за неговите постапки.
Тој го изрази истиот бес во средата, околу триесет и шест часа по нападот.
„Немам зборови да изразам колку сме бесни од таквата акција… Ова е државен терор“, изјави Ал-Тани за CNN. „Предадени сме“.
Целото интервју погледнете го тука:
Д. Мишев