Шест месеци од трагедијата во дискотеката „Пулс“
Денеска се навршуваат точно шест месеци од трагедијата во дискотеката „Пулс” во Кочани, во која животот го загубија 62 млади лица. По тој повод родителите на починатите организираат „Марш за Ангелите”.
Маршот започна во Штип во 15:35 часот од „Паркот на Револуцијата“ и ќе се одвива по веќе востановената маршрута – општинска зграда, УЈП, полиција, кочанскиот суд и обвинителство, а ќе заврши повторно во „Паркот на Револуцијата“.
По повод навршуваат шест месеци од пожарот во дискотеката Пулс во Кочани, во кој животот го загубија 62 млади, помеѓу нив беа и пет млади штипјани, денес на Градскиот плоштад во Штип ќе се запалат свеќи и ќе се направи ѕвездено небо во нивна чест.
Денес, со почеток во 20:16 часот ќе се одржи протестен собир на плоштадот во Скопје, за оддавање заедничко сеќавање за загинатите по повод шест месеци од трагедија во кочанската дискотека „Пулс“, соопштија на социјалните мрежи активистите од иницијативата „Кој е следен?“.
ИЗЈАВА НА ДЕНОТ
Мицкоски: Подметнувањето пожари ќе се оквалификува како тероризам, итно да се преземат законски измени
-Во рамките на парламентарната процедура разговарав со координаторот на пратеничката група на ВМРО-ДПМНЕ итно да имаме измени во законите со кои подметнување пожар ќе биде оквалификувано како дело на тероризам, а одлагање на смет онаму каде што не му е местото ќе биде друго и кривично дело кое ќе се казнува со казна затвор поголема од пет години, изјави Мицкоски одговарајќи на новинарски прашања при посета на Општина Јегуновце.
РЕГИОН
Европските кругови сметаат дека обвинувањата на руската служба за „Српски Мајдан“ се намерно ширење пропаганда
Во европските кругови, според неофицијални информации, преовладува мислењето дека пораката на рускиот СВР дека ЕУ подготвува „Мајдан“ во Србија е само пропаганда, на што се придружи и српската пропаганда, бидејќи српскиот претседател Вучиќ споменува дека во протестите се вклучени три европски тајни служби, но дека „не може да каже кои“.
СВЕТ
Истражна комисија на ОН: Израел извршил геноцид врз Палестинците во Газа
Истражна комисија на Обединетите нации вели дека Израел извршил геноцид врз Палестинците во Газа.
Новиот извештај вели дека постојат разумни основи да се заклучи дека четири од петте геноцидни дела дефинирани според меѓународното право се извршени од почетокот на војната со Хамас во 2023 година: убивање членови на група, нанесување сериозни телесни и ментални повреди, намерно нанесување услови пресметани за уништување на групата и спречување на раѓања.
ДУПЛО ЕСПРЕСО
Руските воени провокации во Полска, убиството на десничарскиот активист Чарли Кирк, дипломатскиот скандал со рускиот амбасадор во земјава и други стории
САМО НЕШТО ДА ПРАШАМ
За скандалозната изјава на Ангелов за насилна дислокација на Ромите од Вардариште
СЛОБОДНА ЗОНА
„Денешната објава на премиерот Мицкоски изгледа како наивен пи-ар момент, но суштината е многу подлабока. Милош Биковиќ не е само актер кој сака да инвестира во хотел во Берово. Со внимателно доделени признанија од Путин и со сопствената изјава дека Русија е негова татковина, тој се претвори во симболичен инструмент на Кремљ.
Неговите државни почести, државјанството добиено со претседателски декрет и неговиот молк за руските злосторства ја откриваат вистинската димензија на неговата улога: навидум „меко“, но во суштина моќно оружје во хибридната војна на Кремљ за освојување на срцата и умовите на луѓето секаде каде што Москва има интереси.“, пишува Џабир Дерала во колумната „Мицкоски се пофали со Биковиќ – но тој не е само актер, туку дел од прирачникот за хибридно влијание на Кремљ“.
Подготви: Д. Тахири