Уште една бессона ноќ за Украинците. Извори на ЦИВИЛ Медиа од Кијив јавуваат дека рускиот агресор изврши уште еден масивен напад врз цивилни цели каде што се регистрирани удари врз станбени згради и критична инфраструктура. Има повредени и загинати, меѓу кои и едно 12-годишно девојче.

„Бевме на само стотина метри од една од погодените цели, јас и моето семејство. Имаме двегодишно дете кое цела ноќ не можеше да заспие од експлозиите“, ни кажа еден од изворите кој живее во Кијив.
Во Кијив се погодени станбени згради, избувнаа големи пожари, а руските дронови или нивни остатоци погодија станбени згради и комерцијални објекти.
Воздушни напади има и во Запорижја, каде што ракетен напад погоди критичен инфраструктурен објект, оштети една образовна институција и една висока станбена зграда, во која се запалија голем број станови.
Експлозии се слушнаа во голем број региони: Кијив, Запорижја, Днипропетровск, Одеса, Николаив, Черкаски и Хмелницки.
Ракетниот и дронски терор на рускиот агресор не запира. Голем број беспилотни летала се забележуваат над Украина, кои продолжуваат да напаѓаат. Во Кијив веќе има четворица мртви, меѓу нив и 12-годишно девојче.
Џ. Д.