Политичкиот аналитичар и експерт на ЦИВИЛ – Центар за слобода, д-р Сашо Орданоски во интервју за ЦИВИЛ Медиа, оценува дека ВМРО-ДПМНЕ и лидерот Никола Груевски целата постизборна рашомонијада одбиваат да ја прекинат, зашто сакаат да иницираат инцидент. Според д-р Орданоски, тоа е сценарио со кое власта којашто раководеше со Македонија последните 12 години, сака да си отвори можност за нови преговори. Но, тој е дециден во ставот, дека „нема да има Пржино 3“ и дека Македонија ќе има нова влада, зашто граѓаните на избори се изјаснија за вакви промени.
ЦИВИЛ Медиа: Како гледате на актуелната политичка ситуација, со оглед на ова постизборно политичко статус кво?
ОРДАНОСКИ: Македонија се наоѓа во крајно нередовна ситуациј,којашто според анализите и општ став е дека не може предолго да трае. Бидејќи земјата влегува од политичка во уставна, а сега веќе и во економска и социјална криза, тоа може да доведе до непредвидлив и непосакуван развој на ситуацијата, којшто подоцна можеби ниту политичките фактори не ќе можат да ги контролираат. Поради тоа сметам дека доаѓаме до последната фаза од оваа неизвесност, кога новото парламентарно мнозинство ќе мора да се конституира, во смисла на парламентарно мнозинство со избран претседател и потоа избрана нова влада, бидејќи ситуацијата вака е неодржлива. Протекоа некакви приказни за просласување вонредна воена ситуација. Меѓутоа јас сум еден од оние коишто мислат дека тој тип на закани се секогаш прашања на ресурси. Значи прашањето е: има ли сегашната стара власт се уште ресурси тоа да го спроведе? При тоа не мислам само на безбедносни ресурси, а мислам дека и тие се ограничени. Туку на секакви други ресурси, политички, дипломатски, финансиски, општествени итн. Мислам дека нивниот простор е крајно ограничен и не треба да се заборави дека при воведување на радикални, драстични мерки не е прашање дали можето првиот час да го издржите, туку што натаму?! Значи не е прашањето, дали имате доволно полициски сили за да опкружите неколку институции и згради за да уапсите 20 -30 или 50 луѓе, туку прашањето е што правите следниот ден. Во таа смисла се работи за анализа на ресурсите. Инаку да потсетам дека во тие предупредувања учествува и НАТО, да речеме и тоа директно од самиот врв на НАТО, Во таа точка кога меѓународната заедница повторува неколку пати неделно од разни нивоа дека Македонија мора да премине на следна фаза на формирање нова власт, тоа мене ми укажува дека зад тие пораки, стојат и анализи, коишто процениле дека за тоа нема доволно сила, за да ја доведе земјата во таква состојба, која што потоа би била нерешлива, без разлика на заканите и можните компликации коишто еден претседател како Ѓорге Иванов може да ги направи. Дури мислам дека можеби едно од сценаријата е да се предизвика одредена маркација на крајните позиции на сите учесници во политиката и да се види кој на што е подготвен. Затоа што, што и да се случува, ќе има последици. Така што јас очекувам наредниве денови, иако тоа трае премногу недели, дека ќе се премине на некаква конкретна активност во смисла на формирање нова власт, а потоа полека полека, прашањата ќе се решаваат едно по друго, како што ќе доаѓаат. И мислам дека тоа на крајот, сепак ќе резултира со профункционирање на новата власт како што тоа го налагаат резултатите согласно со волјата на граѓаните.
ЦИВИЛ Медиа: Иднината на Специјалното јавно обвинителство?
ОРДАНОСКИ: Што се однесува до СЈО, немам никаков сомнеж дека ќе продолжи да работи и ќе си ја одработи својата работа, дури и овој рок од неколку месеци, ним ќе им биде многу доволен, бидејќи очекувам дека во наредниот период ќе дојде до многу зголемена активност на СЈО,во смисла на објавување основани кривични сомневања и импликации на различни луѓе од различни позиции од досегашната власт. Потоа очекувам откако ќе застане на нозе новата власт дека нареднава година ќе се отвори и расправата и за специјален суд и за продолжување на мандатот на СЈО и ќе видиме како сето тоа ќе се разреши.
ЦИВИЛ Медиа: Не сметате ли дека лидерот на ВМРО-ДПМНЕ, г-дин Груевски бара нова лидерска средба, во очекување да измине законскиот рок за СЈО? А, на таа лидерска средба и би преговарал за позиции за личен интерес, кои што сепак би довеле до откочување на политичка криза?
ОРДАНОСКИ: Стратегијата на Никола Груевски и Ѓорге Иванов е релативно едноставна и подразбира да се дојде до една точка во кризата во Македонија до тој спетен, така што тие ќе предизвикаат нови преговори,тие ќе бидат и со учество на Русија на масата, од тие преговори тие се надеваат дека ќе произлезат и нов датум за избори, а во меѓувреме ќе истечат сите нови обврски и датуми од претходните преговори. И тие се надеваат дека потоа тие ќе ги спроведат новите избори, така што никогаш повеќе нема да се најдат во оваа позиција во која што сме сега. Тоа се разбира нема да се случи, бидејќи тоа е многу очигледно и бидејќи претходните избори се уште не се завршени. Изборите завршуваат со формирање на влади, а потоа владите паѓаат во парламентите, па се распишуваат нови избори, ако за тоа има потреба. Тоа е едниот дел од приказната. Вториот дел од приказната е таков што, дури и се да тече така како што замислил или се надева Груевски,значи дури и да има нови избори. Погледнете каква е ситуацијата во Македонија и зошто е таа неодржлива и зошто тоа нема да доведе до нови избори. На такви избори темата ќе биде хистерично-шовинистичко-националистична, Тиранска платформа, „за“ и „против“ итн. Ќе се радикализираат двете најголеми етнички групи во Македонија и на тој начин ВМРО-ДПМНЕ веројатно навистина ќе биде во ситуација да се надева и на подобар изборен резултат од овој што го остварија од оној што го остварија,за да може потоа да дојдат во ситуација тие да го диктираат темпото. Но, со таков развој на настаните на долг рок, тие ќе станат неприфатлив коалиционен партнер за никакви албански фактор во Македонија. Тоа значи дека со такви изборни резултати во кои евентуално би се подобриле позициите на ВМРО -ДПМНЕ и нивниот стар партнер ДУИ, како ќе прават тие нова влада, која ќе биде темата на новата влада, ќе се откаже ДУИ дури тогаш од Тиранската платформа или тогаш ВМРО-ДПМНЕ јавно ќе ја прифати Тиранската платформа. Тие измислија една голема приказна, се заплеткаа и направија практично да бидат нерешлив дел од равенката што сами ја поставија. Бидејќи тие на среден, па и на долг рок се направија лош партнер за која и да било мултиетничка влада во Македонија. Значи ќе им остане варијантата да владеат сами. А, може ли ВМРО-ДПМНЕ во Македонија да владее само, без оглед на изборните резултати, можеби и да освојат апсолутно мнозинство. Тогаш секако ќе се западнеме во многу подлабок тип на безбедносни кризи, ќе станеме многу повисоко регионално прашање, можеби тоа е некаков излез за Груевски, Фамилијата и мафијата, но тоа секако не е излез за Македонија, затоа нема ниту да се случи.
ЦИВИЛ Медиа: Но, колку Македонија е значајна во агендата на меѓународниот фактор? Континуирано се најавуваат мерки, санкции против политички функционери коишто ја кочат кризата, против Македонија генерално и тоа одамна, а тоа еве и по 2 години нема никаква конкретна реакција?
ОРДАНОСКИ:Европската унија нема да се секира за нашите проблеми како граѓани,тоа треба да биде наша секирација. ЕУ и другите меѓународни ќе се грижат за тоа, ние да станеме регионален проблем со регионални импликации. Затоа нивниот однос кон Македонија, во овој момент е јасен, тој е вербален и јасно повторен повеќе пати, отколку што би било пристојно да биде повторен. А, преземањето натамошни мерки ќе се помине на таа операција, кога нивните проценки ќе покажат дека работите се радикализираат во Македонија.
Македонија не е центар на светот и сигурно не е на врвот на приоритетите на клучните, главни градови во светот. Ние сите знаеме што се случува во САД и што се случува со глобалните проблеми генерално. Така што нивните проценки се дека во Македонија, се уште има маневарски простор за победа на демократијата и мислам дека тие проценки не се неточни. Инаку, подготовките за санкции, за потврд однос кон Македонија итн, не се тоа операции кои што тие ги немаат направено или не знаат да ги прават. Претпоставувам дека се уште мислат дека се уште постои простор да тоа се реши без тој тип на мерки, бидејќи тие мерки, не се краткорочни, тие се долгорочни и тие потоа предизвикуваат и други политички компликации, тие многу повеќе би сакале да видат формирање на нова легитимна и легална влада во Македонија, потоа продолжување со правната држава. Тие на тоа сценарио даваат полна поддршка. Ќе видиме што ке бидат нивните нови проценки, доколку ова сценарио се покаже како премногу компликувано.
ЦИВИЛ Медиа: Имаше ли реално можност парламентарното мнозинство да реши дел од прашањата, да го спречи ова до недоглед продолжување на таа конститутивна седница и конечно на дневен ред да го постави прашањето за формирање нова влада? Имаше ли можност надвор од собраниската сала да се конституира и да избере нов претседател на Собранието, со што ќе почне да функционира државата?
ОРДАНОСКИ: Значи ние не ги знаеме сите детали од приказната, што е комплексна. И јавноста ги нема сите заднински стории кои што во меѓувреме се развиваат и коишто се во тек во Македонија. Парламентарното мнозинство по сила на своето мнозинство имаше можност да се конституира, но не без инцидент.А, тоа е сценариото на ВМРО-ДПМНЕ и на Груевски. Тие сакаат да дојде до инцидент, за тој инцидент да им отвори можност за ново преговарање, бидејќи тие тогаш ќе го напумпаат тој инцидент, тоа би било можеби и непријатно итн. за да потоа работите не се решаваат преку институциите на коишто треба да им се врати довербата и капацитетот, туку повторно преку лидерски средби, преку замешателства, преку едно, преку друго, за да дојде до договорање зад затворени врати. Тоа е сценариото на ВМРО-ДПМНЕ. Тоа сценарио можеше да се поттикне, со овој начин за којшто говорам можеше да се спроведе тоа парламентарно мнозинство, но веројатно проценките на лидерите на тоа мнозинство се дека им треба уште време, некои прашања се уште да се дозатворат, некои потенцијали да се истоштат од страна на власта, да се потрошат некои опции, да се добие кристално јасна меѓународна поддршка, па потоа евентуално да се премине кон нешто за коешто сите се надеваме дека ќе биде следната фаза на решавање на кризата.
ЦИВИЛ Медиа: Пржино 3 би било нова фаза до формирање на нова влада?
ОРДАНОСКИ: Нема да има „Пржино3“, ќе има нова влада како резултат на еден парламентарен процес во којшто новото парламентарно мнозинство ќе ја артикулира и демонстрира, својата моќ да создадат влада.
ЦИВИЛ Медиа: Наскоро?
ОРДАНОСКИ: Не знам, што мислите вие ќе биде ли наскоро? Јас не седам во тие структури, немам поим што таму се разговара, немам увид, ние сите мислиме дека ќе биде наскоро, но дали се недели во прашање, денови, саати… немам таква информација.
Новинар и камера: Моника Талеска
Монтажа: Ермин Климента