Претседателот на Украина, Володимир Зеленски, предупреди дека Русија ги засилува своите деструктивни дејствија, и истакна дека „најважното за европската безбедност сега е политичка волја“ – со порака до европските лидери да делуваат без одложување, веднаш по Самитот на лидери на ЕУ.
„Јасно гледаме дека само заедничко делување и обединети напори можат да гарантираат вистинска безбедност. Ниту една земја не смее да биде оставена сама пред оваа закана,“ изјави Зеленски, пренесе Гардијан.
Тој додаде дека Русија прави серија грешки, но дека тоа не е доволно за крај на агресијата, туку дека е потребен засилен меѓународен притисок.
„Затоа мораме да го зголемиме притисокот – и тоа сега – за да бидат принудени да ја завршат војната и да ја сменат својата политика,“ порача украинскиот претседател.
Во своето обраќање, Зеленски упати и директен апел до земјите-членки на ЕУ, како Унгарија и Словачка, да престанат со увоз на руска енергија.
„Секоја врска со Русија може да биде искористена против вас. Колку помалку врски со Русија, толку побезбеден ќе биде животот – а животот мора да се заштити,“ истакна тој.
Зеленски ја заврши изјавата со повик за забрзување на процесот за членство на Украина и Молдавија во Европската Унија, потенцирајќи дека тоа е прашање на безбедност и стабилност за целиот континент, пренесе Гардијан.