Во демократски земји се предава една лага со стотици години. Тоа го правиме ние на универзитет, јас сум професор како и други овде, а таа лага се состои дека демократијата е власт на мнозинството, посочи проф. Сашо Орданоски во своето излагање и во поставување на првата теза, на панел дискусијата „Демократско назадување: Импликации и последици“, што се одржа во Скопје на 9 октомври 2025.
Демос- кратос. Демос, е тоа што го зборува Никица, е само еден процент од старото грчко население, Атина во тоа време била колку Скопје, 400-500 илјади луѓе. А вистинскиот збор за народ во старогрчкиот е лаос. Но демосот, прво исклучувал – какво било мешање во власта, што значи веднаш 50 отсто помалку, право на глас немале ниту разни слоеви од општеството, робови…
И оваа проценка дека во суштина, од тие 500 илјади луѓе, некаде околу 3-40 илјади ротирале на власт. И тоа, се разбира за пред две илјади години е огромен напредок, но не е тоа ова што се продава кај нас со векови. Бидејќи западната цивилизација имала потреба од тоа да направи мит.
Кратос, е син на богот на војната. Тој е секогаш претставен со меч. Кога демосот владее со кратос, тоа значи дека владее со сила. Тоа не е владеење со некакви избалансирани учества итн.. Значи демократијата е власт на малцинството со сила. Тоа е фалсификатот кој ние го правиме со векови, а особено овие двесте години, за да во последните 60-70 години се воведе една либерална интервенција во тоа, па се заштитуваат малцинствата во сите можни форми, за да дојдеме до овој модел на либерална демократија веќе во опаѓање.
Понатаму, Орданоски го отвори прашањето за тоа што е работа на новинарите. Тој вели дека е еден од малкумината кој тврди дека работата на новинарите не е вистината, во однос на тоа дека медиумите се клучен фактор во демократијата.
Работата на новинарите не е вистината. Тоа е уште една од големите лаги коишто се предаваат по факултети. Работата на новинарите, бидејќи медиумите се клучниот фактор во демократијата. Работата на новинарите се фактите и контекстот. Контекстот е суштината на образованието на новинари. Новинарството не е наука, тоа е занает, и има цела низа мерки како тоа да се прави, затоа што новинарството не се бави со вистината, се бави со нешто што на англиски се вика truthfulness, се бави со вистинитоста.
Зошто? Бидејќи нема една вистина. За комплексни општествени теми, проблеми, никогаш нема една вистина. Има најмалку две, а ако овде има педесет души, има педесет вистини. Бидејќи, тренирањето на новинарите, на класичните медиуми, во суштина беше обука за тоа како да се направи релевантен контекст, избалансиран, контекст што ќе му дозволи на читателот да ја формира својата вистина, вели Орданоски меѓу другото.
Орданоски го посочи интернетот како бизнис модел со кој се руши демократијата.
Интернетот го фрактицира оштеството, повеќе не е можно да направиме општествен договор, освен ако тоа не е трка кон дното. Бидејќи кликањата се потпрени на емоции. Класичните модели на новинарство апелираат кон рациото, тоа е во принцип дебата која ти нуди вистинитост, за да размислиш за темите, интернетот ти нуди емоции. Негативните емоции секогаш се посилни и помоќни, и по „кликачки “од било што друго.
Системот на образованието е еден од централните проблеми на либералните демократии, зошто демократијата го доживува ова што го доживува. Оваа глупа теза дека знаењето е сила- знаењето е моќ, е уште една лага произведена од фабриките на либералната демократија, затоа што според тоа, сите треба да се запишат на факултет! Социјал-демократијата се потпираше на образовните модели каде што голем дел од населението и со средно образование и занаетски школи живеат присоен живот. Денеска, ако немаш магистратура, ти си никој во општеството.
Се разбира дека општеството не нуди никаква работа за 90 отсто од тие луѓе, вели Орданоски, и на тоа се надоврзува со сегашноста – вештачката интелигенција, за што посочува дека тој како професор што им предава социологија на студенти, не знае дали за четири години воопшто ќе постои како професија. И тоа е одлична шанса за луѓе кои апелираат на емоции, за десничари, каде што изборот е сведен на црно-бело. Или си за, или си против, укажа Орданоски.
Д. Тахири
Камера: Атанас Петровски
Монтажа: Ариан Мехмети
Фотографија: ЦИВИЛ
Панелот е дел од меѓународната конференција “Одбрана на демократијата: Боиште на вистината“, како дел од проектот „Демократски навигатор“, поддржан од Сојузното министерство за надворешни работи на Сојузна Република Германија.