Откако Македонската радио-телевизија вчера не го емитуваше централното издание на ТВ дневникот во 19 и 30, но и она претходно од 17 часот, како и вестите во 22 и 30 часот, се врши проверка дали станува збор за намерен упад во мрежниот систем. Како што објаснуваат оттаму во соопштение, станува збор за сериозен технички проблем.
„Се врши проверка дали се работи за намерен упад во мрежниот систем, поради постоечките сомнежи за пробивање на заштитниот механизам од надворешни напади и влијанија. Во расветлувањето на случајот ќе бидат вклучени сите надлежни државни институции. Јавниот сервис им се извинува на граѓаните за неможноста да ги следат централните информативни изданија на нашата програма. Македонската радио-телевизија ќе продолжи да известува навремено и објективно, во интерес на јавноста“, наведено е во соопштението од МРТВ.
Наместо вести, вчера на МТВ се емитуваше кулинарска емисија. По вестите беше најавено во програмата дека ќе има соочување на кандидатите за градоначалници на локалните избори 2025 со наслов „Локални избори 2025 – изборни соочувања“, но наместо тоа, беше емитуван филмот „Дами во боја на лаванда“ закажан за од 23 часот.
Извор: МЕТА