Директорот на Центарот за геополитички истражувања „Геопол“ Адмир Лисица, во гостување во емисија на Хајат ТВ, оцени дека Милорад Додик останува клучен политички фактор во БиХ, пред сѐ поради поддршката и одлуките на меѓународните актери. Според Лисица, и покрај повлекувањето на спорните закони и најавите за санкции, нема простор за „чувство на победа“, бидејќи траењето на Додик директно зависи од волјата на меѓународната заедница, а не од потезите на домашните власти.
Според Лисица, позицијата на Милорад Додик во политичкиот систем на БиХ и натаму зависи најмногу од меѓународните актери, и покрај последните потези на домашната сцена.
„Додик купуваше време и го доби посакуваното“
Лисица посочи дека Додик систематски купувал време и стигнал до целта:
„Додик купуваше време и на крајот го издејствува она што го посакуваше. Колку и да беше од страна на ‘Тројката’, значи актуелната власт, исмејуван и потценуван, на крајот тој е прилично задоволен. Неговите американски лобисти и парите што им ги упати ним и на десничарската страна на Европа, како Унгарија, му донесоа корист, па сведочевме на тоа дека веднаш по укинувањето на санкциите од страна на САД, и Унгарија ги повика сите европски земји што му воведоа санкции во меѓувреме да ги укинат.“
„Не е време за чувство на победа – Додик останува фактор“
Според Лисица, наративот дека „Додик е отстранет“ е погрешен:
„Мислам дека треба да се соочиме со вистината и да кажеме дека нема место за чувство на победа со реченицата ‘Додик е отстранет’. Тој сè уште има моќ и сè уште е кредибилен фактор и целосно е јасно дека американската страна, која го доведе кон крајот на 90-тите години од минатиот век на власт, и понатаму го гледа како фактор со кој треба да се договара.“
Што се однесува на повлекувањето на законите донесени против БиХ, Лисица изјави:
„Истовремено, сепак, НС РС и сите луѓе што донесоа закони против БиХ, на крајот мораа да ги укинат, така што никој овде не може да каже дека победил – ниту Додик, ниту државата БиХ. Да беше државата БиХ победник, ќе имаше успешно и навремено апсење на Додик.“
Улогата на „Тројката“ и меѓународниот фактор
Во однос на улогата на актуелната власт („Тројката“) и меѓународната заедница, Лисица посочи:
„Овде ‘Тројката’ се покажува прилично наивна. Кога нешто е добро за државата БиХ, тие се заслужни за тоа. Кога се случува нешто негативно, нивниот став е – ние немаме ништо со тоа, не зависи од нас. Значи, Додик не е отстранет со помош на ‘Тројката’, туку по волја на меѓународната заедница и тоа е факт. Додик ќе трае онолку колку што ќе посака меѓународниот фактор.“, заклучува Лисица.
Подготви: Д. Тахири












