ЦИВИЛ ја презентираше својата прелиминарна оценка за вториот круг и целокупниот тек на локалните избори 2025 година. Според набљудувачите и аналитичкиот тим на организацијата, изборниот процес се одвиваше во формален ред, но со сериозни системски и институционални недостатоци што ја поткопуваат довербата на граѓанките и граѓаните во изборниот систем.
Најсериозен показател за институционален неуспех е неажурираниот Избирачки список, во кој и понатаму фигурираат починати лица.
2. Избирачкиот список: хроничен извор на недоверба
Најдрастичен пример за институционален неуспех е неажурираниот Избирачки список.
Во избирачкото место 2479 во Гази Баба, 20 од 399 гласачи се починати лица – тоа се пет проценти од списокот.
Ова не е техничка грешка, туку сериозен институционален пропуст што ја урива веродостојноста на изборниот процес.
Или, уште поапсурдно: во општината Шуто Оризари (ИМ 2957/1, ОУ „26 Јули“) дедо и внук со исто презиме се најдоа во спротивни улоги – дедото, починат, фигурира во списокот, а внукот, жив, го нема.
Звучи како виц, но е гротескна вистина за државата која ѝ дозволува на администрацијата да ја третира изборната доверба како формалност.
Нејасно останува што конкретно работеше работната група за обработка на Избирачкиот список, за која ДИК во мај изгласа одлука да „ангажира лица во работна група“ за обработка на податоците (Фронтлајн, 22 мај 2025), јавноста сè уште нема увид во методологијата, процедурите и износите на средствата потрошени за оваа намена.
Таквата нетранспарентност само го продлабочува сомнежот дека во основата на изборниот процес владее небрежност, а не отчетност.
Заклучок
Во целина, локалните избори во 2025 година го потврдија хроничниот дефицит на политичка култура, институционална подготвеност и почитување на основните демократски стандарди.
Иако процесот формално се одвиваше во рамките на законитоста и процедурите, суштинскиот интегритет остана нарушен — од избирачкиот список и техничките слабости, до изборниот молк и притисоците врз гласачите.
Државата повторно покажа дека не поседува целосно функционален, транспарентен и доверлив изборен механизам, способен да обезбеди изборен процес што во целост ги исполнува демократските стандарди.
И двата изборни круга поминаа без големи инциденти, но без суштински интегритет.
Се гласа, се брои и се објавуваат резултати — но под површината на мирните и демократски избори се кријат манипулации, страв, притисок и апатија, што создава опасна трансформација на демократијата во ритуал без содржина.
Потребна е сериозна институционална реформа и професионализација на изборниот систем, а не декларативна посветеност на демократијата.
Прв дел од прелеминарниот извештај за локални избори 2025 изработено во рамките на „Демократски навигатор – Стратешки одговор на дезинформации и хибридни закани (2025)“, предводен од ЦИВИЛ – Центар за слобода и поддржан од Сојузното министерство за надворешни работи на Сојузна Република Германија.












