• Latest

Колку Украина ја чини Европа? Помалку отколку што мислиме

December 18, 2025

На кои листи ќе нѐ има?

June 4, 2026
Фото: Zakie Andiko Ramadhani / vecteezy.com

Кој ќе ја плати цената за истрагата „Мазут“: Осомничените една година под мерки, без утврден криминал

June 4, 2026

Вучиќ ќе отпатува на самитот во Тиват и покрај предупредувањата за висок безбедносен ризик

June 4, 2026
Фото: Wikimedia commons

Европскиот парламент бара забрзани реформи и политички консензус за продолжување на евроинтеграциите на Северна Македонија

June 4, 2026

Ревизија во Академијата за судии и обвинители: Незаконски исплати, спорни набавки и пропусти во испитниот систем

June 4, 2026
Реакции

РЕАКЦИИ: Кој ја држи Северна Македонија во ЕУ чекалната – граѓаните ја поделија вината меѓу Брисел, Софија и Владата

June 4, 2026

Дипломатски тензии меѓу Белград и Подгорица: Поради безбедносен ризик, БИА му препорача на Вучиќ да не патува во Црна Гора

June 4, 2026

Коридорот на „старо железо“

June 3, 2026

Ќе го чепне ли Маѓар експремиерот Груевски на финансиски план?

June 3, 2026
Проф. д-р Стево Пендаровски (фото: Б. Јордановска / ЦИВИЛ)

Пендаровски отвора нови прашања за „шпионската афера“ во Кабинетот на претседателката: Ако нема афера, зошто е суспендиран ИТ-техничар?

June 2, 2026
CivilMedia
  • ДОМА
  • ВЕСТИ
  • ПОЛИТИКА
  • ИЗБОРИ
  • ОПШТЕСТВО
  • СЛОБОДНА ЗОНА
  • АНАЛИЗИ
  • РЕГИОН
  • СВЕТ
  • ВОЈНА ВО УКРАИНА
No Result
View All Result
  • ДОМА
  • ВЕСТИ
  • ПОЛИТИКА
  • ИЗБОРИ
  • ОПШТЕСТВО
  • СЛОБОДНА ЗОНА
  • АНАЛИЗИ
  • РЕГИОН
  • СВЕТ
  • ВОЈНА ВО УКРАИНА
No Result
View All Result
CivilMedia
No Result
View All Result
Home АНАЛИЗИ

Колку Украина ја чини Европа? Помалку отколку што мислиме

Како што Вашингтон се повлекува, новите бројки покажуваат дека, спротивно на она што го велат некои во Брисел и разни земји од ЕУ, финансирањето на Украина не претставува скап товар, туку рационална инвестиција за Европа – далеку поевтина од економската, безбедносната и хуманитарната цена на една руска победа.

December 18, 2025 15:51
in АНАЛИЗИ, ВОЈНА ВО УКРАИНА, СВЕТ
Share on FacebookShare on Twitter

Ѓерѓ Фолк – HVG (Будимпешта)

Се појавува тренд ширум Европа: сè повеќе политичари водат кампањи со тврдењето дека финансискиот товар од војната во Украина е неодржлив. Сето ова се случува во пресуден момент, кога Европа мора да преземе целосна одговорност за финансирање на војната во Украина, која полека се приближува по времетраење до двете светски војни, додека Вашингтон се повлекува во заднина. Ова, пак, сериозно ги става на тест политичките вештини за постигнување договори на лидерите на ЕУ – усовршувани повеќе од 15 години од Виктор Орбан и неговите популистички колеги – заедно со правните рамки на ЕУ.

На самитот на ЕУ на крајот на годината, на 18–19 декември, или ќе се постигне договор за ресурсите што ќе овозможат финансирање на украинската економија и воените операции, или Европа повторно би можела да ја ослабне својата одбранбена позиција, правејќи ѝ уште една услуга на Русија на Владимир Путин.

Клучно прашање, како што германската влада веќе навести зад затворени врати во изминатите денови, е дали на самитот на ЕУ ќе биде можно да се искористи правно маневрирање за да се спречи веројатно вето – врз основа на пристапот на унгарската влада во текот на изминатите четири години за заеднички прашања поврзани со Украина (вето на кое може да се придружи и словачката влада).

Важен развој на настаните е тоа што вечерта на 11 декември, амбасадорите во Европскиот совет – кои ги претставуваат националните влади во процесот на донесување одлуки во ЕУ – соопштија дека се договориле за ревидирана верзија на предлог според член 122 од Договорите. Одлуката е донесена со „многу јасно мнозинство“, според данското претседателство со Советот. Оваа одлука го прави невозможно за една земја-членка да ги укине санкциите против Русија. Досега, овие казнени мерки се продолжуваа на секои шест месеци, а секоја таква одлука бараше едногласност на земјите-членки.

Ова е важно сега затоа што ЕУ има намера да ѝ обезбеди заеми за Украина, поткрепени со 210 милијарди евра замрзнати руски банкарски средства. Тоа би станало невозможно доколку, поради противење дури и од една земја-членка, санкциите не можат да се продолжат. Во таков случај, банкарските средства би морале да ѝ се вратат на Русија, а обезбедувањето за украинските заеми би исчезнало.

Позадината на оваа одлука е тоа што на 3 декември Европската комисија ги објави своите предлози за дозволување на законско користење на каматите од запленетите руски средства за финансирање на Украина. Правната служба на Комисијата ги истакна одржливите опции за покривање на финансиските потреби за периодот 2026–2027: заедничко задолжување на ЕУ и нов Заем за репарации.

Горенаведениот договор на Советот е особено значаен во светло на унгарското вето, бидејќи владата на Орбан веќе на 5 декември им сигнализираше на медиумите дека официјално ја отфрла опцијата на Европската комисија за издавање заеднички еврообврзници. Унгарија не поддржува издавање еврообврзници за финансирање на заем од 165 милијарди евра за поддршка на Украина.

Сето ова се одвива во контекст на најновите податоци од „Ukraine Support Tracker“ на Институтот Кил, кои покажуваат дека Унгарија троши релативно малку за поддршка на Украина, и покрај – или можеби токму поради – близината на војната во соседната земја. Ова е во остра спротивност со релативно помалку богатите балтички земји и нордиските земји, кои го носат најголемиот товар во однос на нивниот БДП. Полска, Чешката Република и Словачка се, исто така, исклучително дарежливи во „средната група“, додека во апсолутни износи Германија и Франција обезбедуваат најголема поддршка.

Билатерална поддршка на ЕУ-27 за Украина

Процент од БДП издвоен за поддршка на Украина

Земја% од БДП
Данска3,03 %
Естонија2,84 %
Латвија2,31 %
Литванија1,84 %
Шведска1,59 %
Финска1,32 %
Холандија1,13 %
Полска0,92 %
Просек (ЕУ-27)0,74 %
Словачка0,70 %
Белгија0,66 %
Германија0,66 %
Хрватска0,61 %
Луксембург0,42 %
Бугарија0,32 %
Франција0,29 %
Чешка Република0,26 %
Австрија0,20 %
Романија0,20 %
Португалија0,17 %
Словенија0,16 %
Италија0,14 %
Шпанија0,12 %
Грција0,08 %
Ирска0,07 %
Унгарија0,03 %
Кипар0,02 %
Малта0,01 %
Извори: • Ukraine Support Tracker на Институтот Кил (податоци од октомври 2025)• EPRS / Европски парламент (октомври 2025) • Corisk–NUPI (2025)
• Eurostat податоци за БДП (2021)

Сепак, меѓу меѓународните заемодаватели и донатори, малку се дебатира околу итноста од гарантирање на континуирана поддршка за Украина. Во својата изјава од 26 ноември 2025 година, Меѓународниот монетарен фонд (ММФ) не заобиколува: „Брзата акција од страна на донаторите е неопходна за да се избегнат проблеми со ликвидноста.“

ММФ, исто така, нагласува дека фискалните и надворешните финансиски потреби на Украина се големи и дека ризиците се „исклучително високи“ поради времетраењето и интензитетот на војната, како и флуктуациите во донаторската поддршка. Во меѓувреме, Светската банка дава конкретна бројка, проценувајќи ги надворешните финансиски потреби на Украина за 2025 година на 37 милијарди евра – со други зборови, обезбедувањето финансирање од почетокот на 2026 година па натаму е итно.

Најновите бројки од Институтот Кил, исто така, алармираат за драстичниот пад на воената и одбранбената поддршка во 2025 година. Украина се соочува со една од годините со најмалку нови одлуки за помош од почетокот на војната во 2022 година. Европа има издвоено само околу 4,2 милијарди евра нова воена помош за Украина – далеку недоволно за да се надомести прекинот на поддршката од САД, предупредува анализата на Институтот Кил. Во исто време, нееднаквостите во рамките на Европа се зголемија. Франција, Германија и Обединетото Кралство значително ги зголемија своите издвојувања, но во релативна смисла сè уште заостануваат зад нордиските земји. Спротивно на тоа, Италија и Шпанија придонеле само минимално.

Исто така, вреди да се истакне дека Германија обезбедува најмногу средства за системи за противвоздушна одбрана и тенкови, додека Полска, Чешката Република и балтичките земји испорачале најголеми количини тешко вооружување.

Реалноста, сепак, е дека трошоците за бегалците особено тешко ги оптоваруваат Германија, Полска, Романија и Чешката Република, иако повеќето влади овие трошоци обично ги евидентираат во сопствените буџети под ставки како „социјална политика“ и „образование“.

Но, да ги разгледаме подетално овие огромни износи за да добиеме појасна слика.

Колку Украина ја чини ЕУ?

Според прегледот од октомври 2025 година на Истражувачката служба на Европскиот парламент (EPRS), институциите на ЕУ и 27-те земји-членки заедно, како „Тим Европа“, од февруари 2022 година досега мобилизирале околу 177,5 милијарди евра финансиска, воена и хуманитарна поддршка за Украина.

Ова вклучува макрофинансиска помош и Украинскиот инструмент од 50 милијарди евра за периодот 2024–2027 година, од кои 38,27 милијарди евра се директна буџетска поддршка, главно преку концесиски заеми. На ова се додава и воената помош, која EPRS ја проценува на околу 63–65 милијарди евра, кога ќе се вклучат испораките и плаќањата од земјите-членки од Европскиот мировен фонд (EPF).

Конечно, поддршката за бегалците е ставката што јавноста ретко директно ја поврзува со Украина, но врз основа на податоците од „Ukraine Support Tracker“ на Институтот Кил, EPRS ги проценува трошоците на земјите-членки на ЕУ поврзани со бегалците на околу 155 милијарди евра во периодот од почетокот на 2022 до август 2025 година.

Ако сè се собере заедно – буџетските програми на ЕУ, воената помош и трошоците за бегалците –„цената“ на Украина за ЕУ досега изнесува околу 330 милијарди евра за 3,5 години. На годишно ниво, тоа се околу 90–100 милијарди евра, додека БДП на ЕУ-27 во 2024 година беше далеку над 15.000 милијарди евра – што значи дека сметката изнесува приближно 0,6–0,7 процентни поени од економското производство годишно.

EIB и EBRD: „развојната воена економија“ на ЕУ

Покрај класичните буџетски ставки, не треба да се заборави дека финансиските институции на ЕУ се, исто така, клучни актери во финансирањето на Украина. Според изјавата од јули 2025 година на Групацијата на Европската инвестициска банка (EIB), од почетокот на руската инвазија, таа мобилизирала 3,6 милијарди евра поддршка и заеми за Украина – главно за енергетска инфраструктура, транспорт и финансирање на мали и средни претпријатија.

Европската банка за обнова и развој (EBRD) е најголемиот институционален инвеститор во Украина за време на војната: на Конференцијата за обнова на Украина во 2025 година во Рим, таа соопшти дека финансирањето за време на војната достигнало 7,6 милијарди евра и дека има за цел да одржува годишно ниво од 1,5–2 милијарди евра.

Овие бројки не претставуваат „дополнителни луксузни инвестиции“, туку првенствено електрани, мостови, системи за централно градско греење, гранични премини и опстанок на малите и средни претпријатија – со други зборови, сè она без кое една земја на првата линија на фронтот брзо би станала трајно нестабилен, пропаѓачки сосед.

ЕУ наспроти САД: кој навистина плаќа за војната во Украина?

Трансатлантската дебата „кој плаќа повеќе?“ е политички погодна, но според најновите податоци, Европа веќе премина од „слободен патник“ во главен финансиер од почетокот на оваа година. Според Институтот Кил, од 2022 година институциите на ЕУ и земјите-членки заедно издвоиле околу 165,7 милијарди евра поддршка за Украина, додека Соединетите Американски Држави обезбедиле околу 130,6 милијарди евра.

EPRS, исто така, истакнува дека до 2025 година „Тим Европа“ ги надминал САД во вкупната доделена финансиска, хуманитарна и воена поддршка.

Во однос на воената опрема, земјите-членки на ЕУ оваа година исто така имаат издвоено малку повеќе средства за Украина отколку Вашингтон: 65,1 милијарди евра во спредба со 64,6 милијарди евра од САД, заедно со дополнителни 32,8 милијарди евра европски ветувања.

Сликата, сепак, е понијансирана, бидејќи поголем дел од поддршката на САД се состои од грантови, додека околу 75 % од финансирањето на ЕУ е во форма на концесиски заеми со долги грејс периоди и каматни субвенции. Секако, ова значи пониски непосредни трошоци, но ЕУ презема поголем долгорочен финансиски ризик – делумно врз основа на очекувањето дека заемите на крајот ќе бидат отплатени од руските средства или „заеми за воени репарации“.

Што би чинело повеќе: украинска победа или руски пробив?

Парадоксално, најсилниот аргумент против тврдењето дека „финансирањето на Украина е прескапо“ е токму да се прикаже колку скапо би било да не се плати.

Една неодамнешна студија на норвешката, цивилно финансирана аналитичка фирма Corisk и Норвешкиот институт за меѓународни односи (NUPI) нуди јасна рамка преку споредба на две сценарија:

Сценарио 1 – руска (делумна) победа: Москва го турка фронтот кон запад, Украина е принудена да прифати „лош мир“ и губи до половина од својата територија. Според студијата, ова би ѝ наметнало на Европа трошоци за бегалци и социјални расходи од 524 до 952 милијарди евра во период од четири години, плус дополнителни трошоци за одбрана, со што вкупната сметка би достигнала 1,2–1,6 билиони евра.

Сценарио 2 – украинска победа: Европа ја вооружува Украина (1.500–2.500 тенкови, 2.000–3.000 артилериски системи, до 8 милиони беспилотни летала, современа противвоздушна одбрана), овозможувајќи ѝ да ги потисне руските сили и да го принуди Кремљ на поволен мир. Истражувачите ја проценуваат цената на 522–838 милијарди евра во период од четири години – приближно половина од она што Европа би го платила во случај на руска победа.

Студијата исто така претпоставува намалена улога на Соединетите Американски Држави, што значи дека најголемиот дел од товарот – како и денес – би паднал врз Европа.

Колку би чинело доколку Русија нападне земја членка на НАТО?

Не постои директна, официјална пресметка на ЕУ за трошоците од вистинска војна на НАТО, но постојат приближни проценки за тоа што би било потребно за европската одбрана дури и во случај на повлекување на САД.

Според анализата од 2025 година на бриселскиот тинк-тенк Bruegel, доколку Европа би морала да ја одвраќа Русија без Соединетите Американски Држави, би ѝ биле потребни најмалку 300.000 дополнителни војници и околу 250 милијарди евра дополнителни трошоци заодбрана годишно во наредните години.

Според норвешката студија наведена погоре, дополнителните трошоци за одбрана за зајакнување на источниот крилo на НАТО, во случај на руска војна против НАТО, би ги зголемиле вкупните трошоци на Европа во рамките на Сценарио 1 на 1,2–1,6 билиони евра.

Само ова веќе го надминува она што ЕУ моментално го троши вкупно за поддршка на Украина – а оваа пресметка дури не го вклучува потенцијалното уништување на инфраструктурата во балтичките или скандинавските зони, ниту новите бранови бегалци.


Оригинална статија и подолга верзија за HVG
Оваа статија е напишана како дел од прекугранична европска новинарска соработка во рамките на проектот „Соседи на ЕУ од Исток“

извор: Voxeurope.eu

Превод: Н. Цветковска

ShareTweetSend
CivilMedia

СЛОБОДНО.НЕЗАВИСНО.ОТВОРЕНО

  • ЗА НАС
  • ИМПРЕСУМ
  • КОНТАКТ
  • АВТОРСКИ ПРАВА
  • Политика на приватност
  • МАРКЕТИНГ

Следете нè

No Result
View All Result
  • ДОМА
  • ВЕСТИ
  • ПОЛИТИКА
  • СЛОБОДНА ЗОНА
  • АНАЛИЗИ
  • РЕГИОН
  • СВЕТ
  • ВОЈНА ВО УКРАИНА
  • ДЕЗИНФО
  • ФОРУМ
  • ГРАЃАНСКА АКЦИЈА
  • МАРКЕТИНГ
  • ИМПРЕСУМ