Претседателот на САД, Доналд Трамп, повторно ги налути и омаловажи сојузниците на НАТО, откако изрази сомнеж дека „ќе бидат таму“ ако на САД „некогаш им биле потребни“, неосновано тврдејќи дека војниците на алијансата „останале малку подалеку“ од фронтовските линии во Авганистан.
„Секогаш велев: „Дали ќе бидат таму, ако некогаш ни бидат потребни?“ И тоа е навистина крајниот тест. И не сум сигурен во тоа. Знам дека ќе бевме таму, или ќе бевме таму, но дали ќе бидат таму?“, рече Трамп во четврток во интервју за Фокс њуз во Давос, Швајцарија, пренесува Си-ен-ен.
Всушност, по терористичките напади од 11 септември, САД станаа првата и досега единствена членка на НАТО што се повика на Член 5, во кој се наведува дека нападот врз една членка е напад врз сите. 20 години, сојузниците на НАТО и другите партнерски земји се бореа заедно со американските трупи во Авганистан – жртва што Трамп рутински ја потценуваше.
„Никогаш не ни биле потребни. Всушност, никогаш не сме побарале ништо од нив. Знаете, тие ќе речат дека испратиле војници во Авганистан, или ова или она. И го сторија тоа – останаа малку поназад, малку подалеку од фронтовските линии“, рече тој.
Коментарите на претседателот ги вознемирија сојузниците на САД во НАТО, а доаѓаат на крајот од неделата во која тој сериозно го затегна алијансата преку неговите постојани закани да ја преземе контролата врз Гренланд, автономен дел од Данска, друга членка на НАТО.
Особено беа жестоки реакциите во Велика Британија Како што пренесува Скај њуз, гританските политичари продолжуваат да реагираат на тврдењето на Доналд Трамп дека трупите на НАТО се држеле подалеку од фронтот во Авганистан.
Велика Британија беше јасна во својот гнев кон коментарите на Доналд Трамп за трупите на НАТО во Авганистан.
Сер Кир Стармер беше преполн со гнев додека се осврнуваше на коментарите на американскиот претседател денес, нарекувајќи ги „навредливи и искрено ужасни“.
Тоа е консензусот низ целата политичка поделба. Еве како реагираше остатокот од Вестминстер:
Конзервативниот лидер Кеми Баденох рече дека коментарите се „целосна бесмислица“ и дека Трамп излегува со „премногу невнимателни зборови“;
Најџел Фараж, лидер на Реформ УК и личен пријател на Трамп, рече дека американскиот претседател „греши“, додавајќи дека британските трупи „храбро се бореле“ заедно со американските војници во Авганистан;
Ал Карнс, министерот за вооружени сили, рече дека зборовите на американскиот претседател се „крајно смешни“;
Министерот за одбрана Џон Хили ги нарече британските војници кои ги загубија животите во Авганистан „херои“;
Бен Обез-Џекти, пратеник од Конзервативната партија и ветеран од Авганистан, за Скај њуз изјави дека зборовите на Трамп се „скандалозни“.
Војводата од Сасекс, принцот Хари – кој отслужил две мисии вели дека „жртвите“ на британските војници кои служеле и загинале во Авганистан заслужуваат да се зборува искрено и со почит“, додека негов колега ветеран повика на извинување.
Принцот Хари порано бил копилот на воздухопловниот корпус на Армијата, кој извршил две патувања на фронтот во Авганистан.
Најжесток во реакциите беше претседателот и пратеник на либералните демократи, Џош Бабаринде, кој на Х му порача на Трамп:
„Може да се е*е*е“
„Секој што ги исмејува, понижува или минимизира жртвите на британските војници не е пријател на нашата нација“.
„САД се историски пријател на Велика Британија – но не и овој човек“, рече тој, осврнувајќи се на Трамп.
Либералните демократи често се поотворени во своите критики кон Трамп отколку другите главни партии.
Многу насловни страници низ Велика Британија се фокусираа на Доналд Трамп и реакцијата на неговата коментари.
„Мирор“ вели дека зборовите на Трамп се „навреда за паднатите британски херои“, додека „Индипендент“ на насловната страница објавува слики од некои од 457-те британски војници убиени во Авганистан во текот на две децении.
„Дејли експрес“ исто така го истакнува огорченоста од тврдењето на Трамп и му порачува на американскиот претседател: „Постојат 457 трагични причини зошто толку многу грешите“.


Во текот на војната во Авганистан, од инвазијата во 2001 година, во Авганистан имало 3.621 смртни случаи од страна на коалициските сили како дел од операциите на коалицијата „Трајна слобода“ и ИСАФ. Од нив, 2461 биле војници на САД, додека останатите 1160 биле дел од контимгентите на другите земји членки на НАТО, од кои 457 биле Британци.




Во аваа мисија учествуваа и припадници на македонските вооружени сили – 77 војници под американска команда во Таџи спроведоа широк спектар на мисии, вклучувајќи патроли, рации, обука и екипирање на контролни пунктови., за среќа без жртви.
Драган Мишев











































